Знаете ли како ќе научи бебето да користи нокшир?

Избегнувајте награди и пофалби како лепење ѕвездички во табела или давање слатки, бидејќи наградите можат да станат поважни од учењето на однесување кое е општествено пожелно. Наместо тоа охрабрувајте го и гушкајте го!

452

Во првите години од родителството, најголема мистерија за мене беше како се почнува со употреба на нокшир. Како детето ќе сфати дека треба да користи нокшир? Дали спонтано ќе му дојде промената и потребата? Дали јас трeба да го подготвам и да го научам? Дали треба подготвителен период или едноставно треба да се пресече? Која е соодветна возраст за ова? До кога ќе носи пелени?

На Линијата за родители повторно слушнав како родителите ги поставуваат овие прашања. Повелете одговор на некои од овие прашања….

Искуството кажува дека децата почнуваат да користат нокшир кога се тие спремни за тој чекор. Секое дете има свој ритам. Не постои точно одредена возраст кога децата престануваат да користат пелени и почнуваат да користат нокшир. Помалку деца ја совладуваат оваа вештина пред осумнаесеттиот месец, додека некои пак, успеваат до четвртата година. Секако почекајте додека детето наполни двеипол години за да почнете вие да го навикнувате на употреба на нокшир. Сепак, наместо да размислувате за возраста, следете ги знаците кои укажуваат дека вашето дете можеби е подготвено да почне со користење на нокшир.

Еве кои се тие знаци:

Може да следи едноставни упатства,

Разбира и користи зборови за користење на нокшир,

Знае да направи врска помеѓу нагонот за мочање или за какање и користењето на нокширот,

Повеќе од два часа носи пелена, а таа останува сува,

Знае да оди до нокширот, да седи на него доволно време и потоа да стане од него,

Да ги извади пелените,

Да покаже интерес за користење на нокшир.

На децата, за совладување на оваа вештина, односно, за да ја поврзат физичката сензација со потребата да одат на нокшир, потребна им е како физичка, така и емотивна подготвеност. Поради тоа имајте го на ум и следново:

Обидете се да не ја нагласувате целата ситуација;

Имајте доверба во детето и покажете ја;

Како детето созрева, дозволете му да ви помогне во пресоблекувањето, така што ќе му дадете тоа да држи некои работи, како чиста пелена или да ја рашири простирката за пресоблекување;

Бидете ведри додека го вежбате користењето на нокшир. Можете да вежбате со тоа што ќе купите нокшир и ќе го ставите да седи на него додека сака, а да не прави ништо; можеби ќе му се допадне да има книги околу нокширот. Потоа, доколку имате двор, пуштете го детето да си игра голо и кога ќе забележите дека ќе почне да мочка, дајте му го нокширот.

Избегнувајте награди и пофалби како лепење ѕвездички во табела или давање слатки, бидејќи наградите можат да станат поважни од учењето на однесување кое е општествено пожелно. Наместо тоа охрабрувајте го и гушкајте го!

Како и со сите вештини кои ги совладува вашето дете, така и со оваа ќе има незгоди и непосакувани ситуации. Доколку во тие моменти се однесувате смирено, помали се можностите да дојде до судир на моќ, отпор и одбивање на соработка. Немојте да го посрамувате и понижувате детето доколку му се случи незгода! Немојте да му ги враќате пелените! Едноставно помогнете му да биде чисто, на пример кажете: „Во ред е. Продолжи да се обидуваш. Знам дека наскоро ќе успееш.“

Со тек на време, со поддршка, помош, доверба и трпение од страна на родителите, детето ќе ја совлада и оваа вештина – свесна контрола на овие физиолошки функции на организмот (мочкање и какање).

Пишува: Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник, супервизор на Линијата за родители

Повеќе