Неверојатно топлиот бран ова лето не натера сите да бараме начини да се разладиме.
Сепак, по секоја цена треба да избегнувате да го носите вашето бебе на прошетка во трговски центар додека надвор е жештина.
Како ненадејната промена на температурата влијае на бебето?
Моловите се примамливи во овие топли денови не само за пазарење, туку и затоа што се климатизирани. Но, токму ова е причината зошто не треба да пазарувате во трговските центри со вашето бебе!
Во текот на летните месеци, внатрешната температура во трговските центри обично се движи помеѓу 22 и 26 Целзиусови степени.
Ако на тоа се додаде дека надворешната температура деновиве беше и до 40 Целзиусови степени, а долгорочните прогнози велат дека во наредниот период нема да се спушти под 30, сѐ е јасно.
Разликата помеѓу надворешната и внатрешната температура во трговските центри е огромна.
Како ненадејната транзиција од топло на студено влијае на бебето:
Бебињата немаат развиен терморегулаторен систем како возрасните, што значи дека нивното тело побавно се прилагодува на наглите промени на температурата.
Таквата промена може да предизвика стрес во нивното тело.
Ненадејната промена на температурата може да предизвика проблеми со респираторниот тракт. Преместувањето од многу топла средина во ладна климатизирана просторија може да ги иритира дишните патишта и да го зголеми ризикот од респираторни инфекции.
Брзиот премин од топло на ладно може да го ослаби имунолошкиот систем на бебето, што го прави поподложно на настинки и други инфекции.
Што ако мора да одите во трговскиот центар со бебето?
Доколку деновиве треба да одите во трговскиот центар, најдобро би било да го оставите бебето кај некој да го чува – тато, баба, дедо…
Ако не можете да избегнете да одите во трговскиот центар со вашето бебе овие денови, преземете мерки на претпазливост.
Не се однесувајте како да сте сè уште надвор во маица на бретели.
Ублажете го преминот од топла во ладна средина што е можно повеќе.
Задолжително понесете дополнителна гардероба за бебето – чорапи, дуксер, тенко ќебенце…
Кога ќе стане малку посвежо, проверете дали на бебето му е удобно или треба малку да се покрие.
Посебно имајте на ум дека вие се движите, а бебето седи или лежи во количка и затоа е почувствително на надворешната температура.
Пред да влезете во трговскиот центар, проверете дали е бебето испотено.
Избришете го со крпа и на соодветна површина, во сенка или во место каде што нема провев, дајте му време да се аклиматизира.
Бебињата и високите температури
Постојат неколку општи препораки за излегување надвор со вашето бебе кога надвор е многу топло.
Избегнувајте го пикот на жештините. Одете на прошетка надвор со вашето бебе рано наутро или навечер, кога температурата малку ќе падне.
Како да го заштитите вашето бебе од топлина?
Постепена промена на температурата: Ако излегувате надвор, исклучете ја климата во куќата пред да излезете за да може бебето постепено да се навикне на преминот во потопла средина.
Кога ќе влезете во куќата, постепено разладете ја.
Хидратација и соодветна облека: Редовно дојте го или давајте му на вашето бебе шише за да обезбедите соодветна хидратација.
Облечете го бебето во лесна облека од природни материјали.