Храна што го подобрува расположението на децата

Храната може да влијае на среќата на децата, тврдат педијатрите. Проверете кои намирници можат да го зголемат чувството на среќа на вашето дете

143

Истражувањата покажале дека тоа што детето го јаде може позитивно да влијае на неговото расположение, но и на целокупното ментално здравје, пренесува „Мадерли” (Motherly). Стручњаците сметаат дека, на пример, чоколадото или рибата на детето не само што му помагаат во неговото учење и помнењето, туку може и да го зголемат чувството на среќа.

Следат уште неколку намирници, кои според стручното мислење, можат да го подобрат расположението на вашето малечко.

1. Разновидно овошје и зеленчук

Добро е познато дека колку што се поразновидни овошјето и зеленчукот, толку повеќе нудат фитонутриенти кои се борат против стареење на клетките во мозокот и други ткива во телото. Флавоноидите, пак, се поврзани со намалена опасност од депресија и на тој начин влијаат на доброто расположение. Во едно истражување со деца на возраст меѓу седум и 10 години, се покажало дека и пиењето сок од боровинки богато со флавоноиди ефикасно го подобрува расположението. Општо земено, колку повеќе овошје и зеленчук има на менито на бебето, толку тоа ќе биде позадоволно и посреќно.

2. Зелјести растенија

Говорејќи за нив, особено темните зелјести плодови се богати со железо, фолна киселина, влакна, магнезиум и витамини А и Ц. Овие хранливи материи ја поддржуваат работата на мозокот, но исто така е докажано дека го подобруваат и расположението. Во таа смисла, во исхраната на бебето треба да има цвекло, кељ, спанаќ, блитва и зелена салата.

3. Бобинки

Боровинки, малини, капини – сите тие содржат голем број антиоксиданти, антоцијани и полифеноли. Тие се делотворни против стресот и го подигаат расположението. Исто така, го подобруваат учењето, концентрацијата и помнењето.

4. Овес

Оваа житарка е одлична за подобрување на расположението поради високата содржина на триптофан и други хранливи материи како што се витаминот Б, влакна и железо. Овесната каша, или пак, бисквитите – се одличен оброк за малечкото, па освен што се богати со здрави хранливи материи, ќе го подобрат и неговото расположение.

5. Јатки и семиња

Јаткастите плодови и семките содржат влакна, магнезиум и омега-3 масни киселини. Особено се покажа дека оревите го намалуваат стресот и напнатоста поради високото ниво антиоксиданти, вклучувајќи омега-3 масти, фолати и витамин Е.

6. Риба

Таа е богата со омега-3 масни киселини, триптофан и витамин Б-6, па педијатрите препорачуваат да му се дава на детето најмалку двапати во седмицата.

7. Тиква, банана и авокадо

Тиквите содржат триптофан и серотонин – хемикалии за мозокот коишто поттикнуваат опуштање, а бананите се богати со витамин Б-6. Исто така, бидејќи содржат комбинација од јаглени хидрати и растителни влакна, бананите помагаат и за стабилизирање на нивото шеќер во крвта и придонесуваат за поголема контрола на расположението.

И на крај, авокадото – храна богата со витамини, минерали и растителни влакна, докажано делува и за добро расположение.

Повеќе