Ако имате бебе на возраст од 6 месеци, веројатно веќе сте размислувале за неговиот прв контакт со цврстата храна. HuffPost разговарал со нутриционистички и медицински експерти за да знаете како да се снаоѓате во морето од информации.
Воведување на цврста храна на возраст од околу 6 месеци
Како и да воведувате цврста храна, треба да започнете на возраст од 6 месеци.
„Од нутриционистичка гледна точка, сите потреби може да се задоволат во првите шест месеци со мајчино млеко и/или со заменска формула“, вели регистрираната диететичарка и нутриционистка Кејси Барнс.
„Но, околу 6-тиот месец потребна е поддршка за нивниот брз раст и развој, а тоа значи дека им требаат повеќе калории и хранливи материи отколку што можат да добијат само од мајчиното млеко“.
Почетокот на влегувањето во светот на цврстата храна доаѓа со придобивки за мозокот и телото. „Покрај обезбедувањето на многу потребните хранливи материи, им помага на бебињата да ги усовршат своите тактилни моторни вештини, па дури и ја поддржува цревната слузница да ја апсорбира храната што им е потребна за да растат“, вели Моли Бејтман, клинички диететичар.
Нема потреба родителите да се срамат заради употребата на купечки кашички
Храната за бебиња не мора да биде комплицирана или скапа за правење или сервирање. Лесно е да се направи каша од сè што ќе готвите тој ден. Но, некои родители претпочитаат да купуваат храна, барем понекогаш и тоа е нивна работа.
Клучни хранливи материи кон кои треба да се стремиме во исхраната на бебето
Експертите сугерираат дека барањето состојки како железо, масти и влакна е добра почетна точка. „Храната за бебиња често има малку железо, што е клучна хранлива материја бидејќи до 6-тиот месец резервите со кои се родени се исцрпени“, велат тие.
Друга важна состојка се маснотиите.
„Храната за бебиња без маснотии нема да биде толку задоволувачка, а мастите се клучни за развојот на нивниот мозок и централниот нервен систем“, вели Барнс. „Секогаш имајте маснотии во секој оброк, дури и ако тоа е само една лажичка масло од авокадо или маслиново масло измешано во пире, путер од кикирики или од некое друго јаткасто овошје.
Исто така, треба да им служите на бебињата храна богата со омега-3 масни киселини, кои се важни за развојот на мозокот “, објаснила таа. Обидете се со масло од алги или мрсна риба како лосос и сардина.
Одберете широк избор на вкусови, од горчлив до сладок
„Разновидноста на исхраната би можела да биде најважна“, вели регистрираната диететичарка и нутриционистка Џенифер Андерсон. „Колку повеќе различни вкусови, текстури и мириси, толку е поголема веројатноста бебињата да продолжат да јадат разновидна храна како што стареат и покажуваат помалку пребирливо однесување во исхраната“, објасни таа.
„Наместо да се фокусираме на тоа што јаде бебето секој ден, корисно е да се погледне што јаде бебето во текот на неделата“, вели Андерсон. „Ако родителот му дава разновидна храна од сите групи на храна за време на оброкот и му дозволи на своето дете да одлучи колку да јаде, детето најверојатно ќе ја добие храната што му е потребна.
Знајте кога е време да се отргнете од кашичките
„Не можам доволно да ја нагласам важноста од самиот почеток да се изложуваат бебињата на различни текстури наместо предолго да им се нуди каша“, вели регистрираната диететичарка Наталија Стасенко. „Погрижете се да се префрлите на различни текстури во рок од неколку недели од започнувањето на дохраната, бидејќи бебињата се подготвени да учат и со задоволство ќе ги преземат предизвиците на оваа возраст“, објаснила таа.
„После 6-месечната возраст, препорачувам бебињата да почнат да ја јадат истата храна како и нивните родители. Во оброкот може да се додадат различни зачини“, заклучила Стасенко.