„Правила, правила, да би ме удавила“: Да се биде мајка кога по сите правила треба да се биде баба, или не?
Во целиот регион одекна веста за раѓањето на Петар чии родители имаат 61 и 65 години, во Клиниката за гинекологија во Скопје. А ова е секако една од оние теми кои можат да ве одведат до бројни дилеми и полемики и околу самата постапка на вештачко оплодување со која не само што нема повеќе возрастни граници, туку мајки можат да станат и татковците, но и секој сам може да си стане и мајка и татко на некое дете на кое некогаш ќе треба да му се објасни за непознатиот дарител на сперма од некоја далечна земја. А можеби и нема да треба затоа што тоа ќе биде сосема нормално…
По низа обиди за потпомогнато оплодување, 61-годишна мајка во Македонија роди здраво девојче од сопствената замрзната јајце клетка. Со ова, таа е најстарата прворотка во нашата земја. Името на мајката не е објавено, за да се заштити нејзината и приватноста на детето.
Секако, нашата прворотка не е единствена на светот. Пред само 6 месеци во општата болница Версилија во Италија се случи многу необично породување. Мајката Флавија се породи на 64 години благодарение на експертите на Клиниката за плодност во Киев. Зошто во Киев?
Затоа што во повеќето европски земји постои законски пропишана старосна граница до која жените можат да добијат здравствени услуги за асистирана репродукција. Најниска возрасна граница за вештачко оплодување постои во Велика Британија и таа е 42 години, а највисока во Грција – 54 години. Во Австрија е 45, на Кипар до 45, а во исклучителни случаи до 55, додека Шпанија дозволува до 50-годишна возраст.
Многумина ја сметаат одлуката да се добие дете во поодминати години „себична“ и погрешна. Но многумина ја бранат истата.
Кај нас не постои вакво законско ограничување, но има многу етички дилеми кои се отвораат секогаш кога е актуелна оваа тема. Така и во случајов за 61-годишната мајка, што е веројатно и објаснување зошто таа сака да остане анонимна.
Иако, верувам дека после 37 години обидување да се стане родител, првиот нагон, кога ова конечно и ќе се реализира, би бил да му го кажеш ова на целиот свет.
На малиот Италијанец Себастијан, пишуваа тамошните медиуми, му се радува и неговата баба која има 93 години.
За нашата тазе прворотка немаме информации освен дека таткото тукушто станал пензионер и е среќен што ќе може целосно да му се посвети на одгледувањето на малиот Петар.
Можеме само да замислиме какво е сега чувството на овие луѓе кои толку долго се измачувале со тешки и болни и физички и психички последици од секој неуспешен обид досега.
И нема лесен одговор на прашањата кои се отвораат со асистираната репродукција во одминати години.
Има бројни примери на многу возрасни луѓе кои станеле татковци на одминати години, а се почесто имаме и жени кои стануваат мајки во одминати години.
За жал, има случаи кога мајка на 30 и некоја ќе го изгуби животот, на пример, во сообраќајна несреќа, а детето потоа ќе им остане на грижа и воспитување и сакање на бабата и дедото.
И тогаш никој не се прашува што ќе биде со тоа дете кога бабата и дедото ќе починат или ќе се разболат.
Значи, аргументот дека постарото лице можеби нема да биде присутно доволно долго за да го израсне детето не држи секогаш вода од едноставна причина што и младоста не е некоја гаранција за ова.
Исто така се поставува прашањето и дали доколку родителот има ризична професија или се занимава со некој екстремен спорт и тој треба да се исклучи од вештачкото оплодување.
„Раѓањето на Петар покажува дека веќе нема граници во светот на медицината“, рече директорката на клиниката за гинекологија во Скопје на прес-конференцијата објавувајќи дека бебето на најстарата прворотка во Македонија е родено со царски рез, тешко 2,35 килограми и долго 48 сантиметри.
А полемиките по социјалните мрежи одат од една крајност во друга. Од честитки и воодушевување од храброста на оваа мајка, до морални дилеми околу возраста и евентуално, себичноста на родителите.
Но, ако се впуштиме во вакви дилеми и полемики веројатно ќе дојдеме и до дилемите околу самата постапка на вештачко оплодување со чија помош, не само што нема повеќе возрастни граници, туку мајки можат да станат и татковците, и обратно, но и секој сам може да си стане и мајка и татко на некое дете на кое некогаш ќе треба да му се објасни дека негов татко е непознат дарител на сперма од некоја далечна земја.
А можеби и нема да треба да се објаснува ништо затоа што веројатно, додека да пораснат овие новородени, сето тоа ќе биде сосема нормално. Којзнае и дали воопшто ќе постојат семејства во досегашната смисла на зборот или работите ќе се испревртат до толку што за оние кои ќе доаѓаат од ваквите, во овој момент се уште „нормални“ семејства, ќе се вели: детето доаѓа од семејство со мајка и татко. И тоа, оригинал мајка и татко, не родител 1 и родител 2, не со ин-витро, без промена на пол, замислете, детето доаѓа од едно ненормално обично семејство.
Ова можеби и нема многу врска со почетокот на текстот, ама е доказ дека човек навистина може да заталка ако се впушти во морализирање, филозофирање и анализирање на настаните во кои станува збор за родителство во одмината возраст, за родителство во истополови бракови, ама и за еутаназии, смртни казни, итн.
И секако, дозволени се различни мислења, па дури и да се заталка анализирајќи и размислувајќи на вакви теми за кои не постои универзално правилен став и универзално вистински и точни одговори на прашањата што ги отвараат.