Појадокот е задолжителен и не мора да се изеде сè

Одговорност на родителите е да ги „заштитат“ децата од дебелината, иако е јасно дека врз тоа влијаат и генетиката и некои други фактори, но многу зависи и од навиките што детето ги стекнува во семејството.

82

Дебелината кај децата зема сè поголем замав, предупредуваат експертите со години наназад. Како резултат на тоа, децата сѐ повеќе имаат здравствени проблеми поврзани со дебелината, како што се висок притисок или дијабетес.

Одговорност на родителите е да ги „заштитат“ децата од дебелината, иако е јасно дека врз тоа влијаат и генетиката и некои други фактори, но многу зависи и од навиките што детето ги стекнува во семејството.

Во продолжение прочитајте кои навики можат да го намалат ризикот од дебелеење на детето, можеби тоа ќе ви помогне да направите барем некои мали промени.

Задолжителен појадок

Појадокот ги намалува шансите за дебелеење, што е докажано со истражување спроведено во 2017 година од американски научници. Повеќе од 50.000 учесници во истражувањето пополнувале прашалници за нивната исхрана во текот на неколку години, а резултатите покажале дека богатиот појадок помага во намалување на индексот на телесна маса.

Исто така, научниците велат дека е идеално да поминат околу пет до шест часа помеѓу појадокот и ручекот.

Телевизијата, компјутерот и другите екрани се „непријатели“

Новата технологија не е сосема лоша, односно може да се користи за многу корисни работи, но во контекст на дебелината е непријател. Многу е важно децата да се движат, да бидат физички активни, како за развој така и за здрава телесна тежина. Во оваа смисла, времето што го поминуваат пред екраните им го одзема времето што би можеле да го поминат играјќи надвор.

Дополнително, експертите нагласуваат дека децата никогаш не треба да гледаат телевизија или да бидат изложени на други екрани додека јадат, бидејќи тогаш не внимаваат на вкусот и количината на храната, што им отежнува да забележат кога се сити. Како резултат на тоа, тие се склони кон прејадување, што логично води до дебелеење.

Избегнувајте газирани пијалаци

Газираните сокови и пијалаци се еден од главните извори преку кои децата внесуваат дополнителни шеќери. Пиејќи ги, децата внесуваат многу празни калории, а истражувањето од 2010 година во кое учествувале 4.000 луѓе покажало дека консумирањето еден или повеќе газирани пијалаци дневно го зголемува ризикот од дебелеење за 37 отсто.

Не е неопходно да се изеде сè од чинијата

Секое дете има различен апетит, што е сосема нормално, но многу родители и баби и дедовци веруваат дека детето мора да изеде сè што е во чинијата. Ова погрешно верување, сепак, не им е од корист на децата. Ако детето изело одредена количина храна и не сака повеќе да јаде, тоа значи дека неговото тело препознало дека е сито. Ако продолжи да јаде под притисок на неговите родители, баба и дедо, тоа му пречи на природниот „сензор“ на телото за ситост, што подоцна може да доведе до прејадување.

Спортот е задолжителен

Денес, повеќето деца поминуваат премногу време седејќи, што е штетно за нивниот развој и е речиси сигурен пат до дебелеење. Затоа, многу е важно детето да оди на спорт или едноставно да е физички активно.

Не создавајте стресна средина

На ниво на нервниот и ендокриниот систем постои поврзаност помеѓу стресот и исхраната. За време на оброк, телото складира енергија, а во стресни ситуации ја троши. Она што не е добро е што децата денес се изложени на хроничен стрес – грижи за оценките, проблеми со врсниците, преголеми барања од родителите, сето тоа за нив е стрес. Како одговор на ова, апетитот се зголемува и телото почнува да складира енергија за да ја има во стресни ситуации.

За детето да не се прејадува, важно е да му обезбедите топла, безгрижна средина во која нема да биде под постојан стрес.

Оставете го благото

Многу мајки и татковци сакаат да јадат благо, така што благото им е секогаш на дофат. Ова, секако, ја зголемува шансата децата често да јадат слатки, кога речиси постојано им се „пред нос“, што е речиси сигурен начин до дебелеење.

Внимавајте на количината храна

Еден експеримент покажа дека големината на чинијата директно влијае врз количината на храна што ја јадеме. Затоа, порциите не треба да бидат преголеми, а во тоа може да помогне и овој мал трик, храната да се сервира во помали чинии за најмалите. Ако е гладнo, се разбира дека секогаш може да бара повеќе.

Пригответе ја храната дома

Родителите имаат милион обврски и понекогаш едноставно немаат време да подготват оброк, па посегнуваат по брза храна. И тоа е во ред, но не треба да биде секојдневен избор бидејќи брзата храна обично е богата со калории и има малку или воопшто нема хранливи материи кои му се потребни на детето.

Бидете пример

Да бидеме реални, можете цел ден да разговарате со вашето дете за тоа колку е важно да се храни здраво и колку е лошо да јаде многу грицки, ако грицкате цел ден пред него. Децата гледаат на своите родители во секоја ситуација, дури и кога станува збор за храната.

Повеќе