Породување дома: Да или Не? Предности, ризици и искуства од раѓањето во домашни услови

Породувањето во домашни услови во многу земји е одамна веќе право на избор. Кај нас неодамна се појави информација дека бабица од соседна држава пораѓа жени во домашни услови, а ние наидовме на голема дискусија на оваа тема на женските форуми на интернет, иницирана токму од скопјанка која, наводно, се породила дома

29

Откако пред околу еден месец, доктор Ненад Лазаров на својот Фејсбук профил напиша дека има информација дека акушерка од соседна држава доаѓа и пораѓа трудници во домашни услови во Скопје и ги предупреди идните мајки да не си играат со својот и со животот на своите неродени деца, оваа тема беше актуелизирана на женските форуми од скопјанка која напиша дека своето второ дете го донела на свет во домашни услови и дека ова било прекрасно искуство.

„Многу жени се пораѓаат дома тука кај нас во Македонија иако и јас не знаев. Инаку, да, раѓаш дома и после си одиш во болница на преглед за да се пријави легално детето. Зборев и со адвокат, ние жените не сме робови на системот и имаме право да се породиме каде сакаме. Нормално, ако е сè во ред со мајката и со целосната бременост“, напиша таа.

По ова жените развија дискусија и повеќето беа против породувањето дома, но истовремено беа и сомничави кон жената која ја отпочна темата, па ја обвинија дека е на форумот „само за да врбува жени за породување во домашни услови“, а во интерес на споменатата бабица која наводно доаѓа од соседна држава.

Дали е ова точно или не, сè уште не успеавме да утврдиме, но знаеме дека домашното породување во светот е одамна веќе право на избор. Во случајов за кој предупреди доктор Лазаров, веројатно е спорно тоа што бабицата доаѓа од соседна држава (жените на форумот претпоставуваат дека станува збор за бабица од Косово) и тоа што таа, веројатно, нема лиценца за ова.

Како е во Австралија?

Во дискусијата на споменатата тема во рамки на форумот се вклучи и Македонка која живее во Австралија и го сподели тамошното искуство.

„Јас живеам во Австралија и тука е легално да се породиш дома. На првиот преглед те прашуваат и долку имаш желба, те праќаат кај бабици кои работат за болницата, ама се како посебна установа за домашно породување.
За да можеш да ја одбереш оваа услуга, мораш да живееш не подалеку од 15 километри од болницата, која ти ја води бременоста. Исто така не смее да има никакви компликации во бременоста.
Најчесто доаѓа една бабица за време на породувањето и препорачуваат породување во вода.
Бабицата носи базен на пумпање, кој е стерилизиран, го отвора, ставаат крпи околу него и го полнат со вода.
За време на болките најчесто се препорачува мајката да е во тушот (веројатно се мисли на туш кабина?! н.з.) или како ѝ е удобно, да шета низ дома, да лежи и кога веќе цервиксот е отворен, се препорачува мајката да влезе во базенот.
Кога ќе се заврши породувањето, базенот има црево и водата се испушта во чешма, доколку има фекалии ги „ловат“ со цедалка. (Не е најпријатно ама истото е и за породување во вода во болница).
Бебето го прегледува бабицата, исто таа носи вага за бебето, ги пополнува документите и доколку треба шиење на мајката, исто така, бабицата го прави.
Доколку има компликации се нарачува брза помош (и затоа не смееш да живееш подалеку од 15 километри од болница).
Јас, за жал, не го поминав ова искуство затоа што маж ми откако ги слушна сите детали, мислам дека ќе се онесвестеше.
За чистењето после е задолжен мажот, ама и бабиците помагаат.
Се надевам одговорив на некои прашања“, напиша македонската Австралијанка.

Статистики за домашни породувања во Хрватска и во САД

Според хрватските медиуми, бројот на раѓања дома, во Хрватска, според уписите во матичните служби, во 2018 година изнесувал 52 домашни породувања, во 2019 година имало 69 домашни породувања, во 2020 година (пандемиска година) – 97, во 2021 година – 94, а во 2022 година – 37.

Како што пренесува Healthnews, од 2019 до 2020 година, бројот на раѓања дома, во САД се зголемил за 20,2%, а од 2020 до 2021 година, за дополнителни 12%. До крајот на 2021 година, приближно 1,41% од сите раѓања во САД се случиле дома.

Сепак, не се сите раѓања дома позитивни. Колку е безбедно породувањето дома и како може да се обезбеди сигурноста на мајката и детето?

Зошто да изберете домашно породување?
Родителите може да изберат да имаат домашно породување од различни причини, според Тања Лопез, сертифицирана медицинска сестра акушерка во Pediatrix Medical Group. Ова вклучува чувство на сигурност, обид да се избегнат инфекции кои можат да се појават во болничко опкружување и општата удобност на домашното породување, за што Лопез вели дека всушност може да помогне породувањето природно да напредува.

Исто така, многу болници не им дозволуваат на жените да се породуваат во кади за раѓање, па Лопез вели дека многу жени избираат домашно породување токму поради оваа причина.

Некои бремени жени, исто така, сакаат да имаат што е можно помалку медицински интервенции, како што е интравенска линија или следење на пулсот на фетусот, додава Кели Дагерти, сертифицирана медицинска сестра-акушерка во OSF HealthCare.

Раѓањето дома, исто така, може да биде многу поевтино отколку во болница. Сепак, може да биде и поскапо бидејќи многу осигурителни компании не покриваат раѓања дома.

Порастот на раѓањата дома се случи затоа што многу луѓе ја изгубија довербата во медицинскиот систем поради негативните искуства. Фејт Охуоба, акушерка-гинеколог во Memorial Hermann Northeast, вели дека наидува на многу пациенти кои не веруваат во медицинскиот систем поради лошата комуникација помеѓу пациентите и лекарите.

Ризици од раѓањето дома

Иако породувањето дома нуди многу придобивки, тоа не е без ризици и може да стане опасно доколку се појават какви било компликации. Ако мајката развие компликации како прееклампсија, еклампсија, крварење или инфекција, Лопез вели дека и таа и бебето се подобро згрижени во болнички услови.

Понекогаш овие компликации може да се предвидат и жените можат да планираат раѓање во болница рано во бременоста, додава таа. Сепак, компликациите може да се појават неочекувано, во секое време, а времето се губи додека се транспортираат во болница за повисоко ниво на нега.

Навистина, ризикот од одложена нега е една од најголемите опасности од домашното породување, според Охуоба. Ризикот од потреба од транспорт во болница е 23-37% за жените кои се пораѓаат за прв пат и 4-9% за жените кои веќе родиле, објаснува таа.

Исто така, мајките немаат пристап до епидурална анестезија за ублажување на болката за време на домашното породување, додава Лопез, што е главна причина што многу жени избираат да се породат во болница.

Сепак, постојат и други методи за ослободување од болка при домашно породување, како што се потопување во вода и слобода на движење. Дагерти забележува:

Раѓањето дома би можело да биде побезбедно доколку има подобрена комуникација помеѓу акушерките кои вршат породувања дома и болничките системи.

Доколку постоеја упатства кои одредуваа кои фактори на ризик би можеле да одредат која жена е посоодветна за породување во болница, која се смета за низок ризик и која може безбедно да се породи дома, давателите на услуги и жените би можеле да работат заедно за да ги направат најбезбедните избори за бременоста и раѓањето.

Кој е добар кандидат, а кој не?

Дагерти вели дека домашното породување е добар избор за личност која има некомплицирана бременост, носи само едно бебе, чие бебе е во положба со главата надолу и која никогаш немала царски рез.

За лице со некои поголеми медицински проблеми, како што се висок крвен притисок или дијабетес, веројатно би било подобро да се породи во болница.
Како овластен гинеколог, Охуоба не обезбедува услуги за планирано раѓање дома. Кога нејзините пациенти ќе ја отворат оваа тема, таа им ги дава тековните препораки од Американскиот колеџ за акушери и гинеколози (ACOG).

ACOG постави критериуми за жените кои планираат породување дома, вклучително и обезбедување дека постојат безбедносни протоколи во случај пациентот да биде префрлен во болница или медицинска установа поради итен случај.

Донесување одлуки
Охуоба препорачува да ги поставите следниве прашања кога донесувате одлука:

Дали сум со висок или со низок ризик
Дали мојата состојба ги исполнува критериумите за домашно раѓање?
Дали разбирам кој е во мојот тим и нивните квалификации?
Дали го разбирам постоечкиот план за транспорт до болница, доколку е потребно?

За да се направи домашното породување што е можно побезбедно, Дагерти советува да побарате квалификувана домашна акушерка и да добивате редовна пренатална нега.

Исто така, се нагласува дека најмалку една квалификувана медицинска сестра или друго обучено лице одговорно за грижата за детето треба да биде присутно за време на раѓањето и мора да постои план во случај да е неопходно префрлање во болница.

Повеќе