Само 10 отсто од разведените партнери успеваат да се договорат за грижата околу децата
Според претседателот на новоформираното здружение на граѓани „Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“, Наум Рибароски, праксата на доверување на детето на чување и воспитување на едниот родител по разводот на бракот е изворот на сите проблеми, извор на сегрегацијата на родителите и на страдањето на децата и мора да се смени.
Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ и новоформираното здружение на граѓани „Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“ кое е продолжение на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод“ чија борба трае од 2015.година.
Во нивните заложби за заедничко и одговорно родителство после развод и тие претходно ја имаа поддршката од „Меѓаши“, како и од дел од експертската јавност, во која спаѓа и прим д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, невропсихијатар, европски сертифициран-семеен и системски психотерапевт која го искажа својот став во однос на оваа проблематика.
Според неа, брачната заедница и семејството се понекогаш два паралелни процеси. процеси кои не се истоветни.
„Од моментот кога се раѓаат децата партнерите стануваат родители, а тие две благородни улоги брачните партнери често ги мешаат. Тоа станува највидливо кога ќе дојде до развод на бракот. Родителите остануваат родители цел живот, бидејќи кога ќе дојде до развод, не се разведуваат родителите туку брачните партнери. Нам, како психијатри и психотерапевти, најважно ни е да ги заштитиме децата и наша обврска е да се грижиме првенствено за децата. Децата кои ќе се најдат во процес на развод на бракот на нивните родители, имаат потреба од сигурност и што помалку промени. Партнерите пак имаат обврска да се надраснат себеси и во таа процедура на развод да се бават пред се со благосостојбата на децата која подразбира контакт со двајцата родители. Оттука и идејата за заедничко родителство кое значи споделено и временски, со лично вложување, па ако сакате и материјално еднаква грижа за детето од страна на двајцата родители. Оттука и идејата за заедничко родителство кое значи споделено и временски, со лично вложување, па ако сакате и материјално еднаква грижа за детето од страна на двајцата родители. Некои статистики зборуваат дека во однос на заедничка и спогодбена одлука за развод на бракот процентот не е поголем од една четвртина од разводите, а кога станува збор за грижата за децата, таа не е поголема од 10 проценти. За останатите 90 проценти, ние како стручни лица треба да помогнеме, затоа што ако тие луѓе знаеле и умееле да се договорат немало да има потреба од вклучување на институциите“, рече Кнежевиќ-Гајдаѕис.
Според неа, постразводно односот помеѓу партнерите се пренесува и на односот кон децата, па најчесто родителот кој во сегашни услови е старател на децата ги добива повисоките права и во однос на времето и во однос на одлуките што ги донесува за разлика од резиденцијалниот родител и често тој однос на лутина и омраза кон партнерот се пренесува и на детето кое станува жртва на партнерскиот однос иако нема никаква врска ниту со партнерството ниту со бракот на родителите,
„Нашата тенденција е да им помогнеме на родителите да станат соработници, а не конкуренти. Не мора да се сакаат ама треба да се почитуваат како родители. Верувам дека институциите ќе ја увидат важноста од промените кои ги предлагаме, дека времето не треба да се брои во саати и да биде диспропорционално, па додека едниот родител има право на 90 остто од времето на детето, другиот има само 10-15 отсто, па треба уште да биде и благодарен за тоа, особено ако имаме работа со родители кои сакаат и можат да се грижат за своите деца“. рече таа.
Според претседателот и основач на здружението „Децата пред се“, Наум Рибароски, нивниот предлог за измени на постојниот закон за семејство се насушна потреба за општеството со оглед на тоа што расте бројот на разводи.
„Според некои наши пресметки во моментов има 15-20 ијади засегнати деца од сегашниот нефункционален закон за семејство што е кастрофа, земајќи предвид дека голем дел од младите генерации непотребно ќе се соочат со проблеми иако имаат двајца родители кои сакаат, можат и се подобни да ги одгледуваат.
Ние, претходно, како Иницијатива за заедничко и одговорно родителство после развод подготвивме предлог законски измени во Законот за семејство, а за да функционираат овие законски измени подготвивме и правилник за изработка на родителски планови за видувања, документ кои центрите за социјална работа сите овие децении го немаат и правилник за определување и пресметка на алиментација во согласност со принципите на заедничко родителство. Прва и основна точка на нашите заложби е да се престане со праксата на доверување на детето на чување и воспитување на едниот родител по разводот на бракот, затоа што е ова изворот на сите проблеми, извор на сегрегацијата на родителите и на страдањето на децата.
Наместо тоа предлагаме во сите ситуации кога двајцата родители сакаат, можат и се подобни да ги гледаат заедно децата иако е бракот разведен, тоа да им биде и првата опција која ќе им биде понудена од страна на институциите доколку дојдат да се договараат пред институциите. Секако, кога е детето помало, поради природни причини, тоа да биде повеќе со мајката, но таму некаде до крајот на претшколската возраст да дојде до израмнување на времето што ќе го поминува со двајцата родители“, објасни Рибароски.
Тој укажа на проблемите со кои голем број деца се среќаваат при бракоразводните постапки на нивните родители, особено фактот дека се поголем број деца се предмет на родителско отуѓување и се почестите лажни обвиненија за злоупотреба на децата од страна на резиденцијалниот родител, постапки кои траат толку долго, што кога ќе се докаже дека обвинението било лажно, веќе довело до оттуѓување на детето од лажно пријавениот родител, додека пак другиот родител кој го злоупотребил ова, не трпи никакви санкции.
Оснивачот на „Меѓаши“ Драги Змијанац даде осврт на синдромот на отуѓено дете.
„Голем предизвик е да ги застапуваш правата на децата кои се во состојба кога нивните родители се разведуваат и од нефункционална брачна заедница треба да стигнат до функционално и одговорно родителство без притоа да го инволвираат детето во меѓусебните пресметки. Иако законот за семејство дозволува родителите да се договорат околу еднакво родителство, многу често едниот родител го попречува правото на квалитетна комуникација, нега грижа и воспитување на вториот родител. Секако, тука има и доста соучесништво на самата држава која преку центрите за социјални работи донесува непопуларни решенија, а тука се и родителите кои не сфаќаат дека на детето му се потребни двајца родители. Ние се наоѓаме пред сериозен предизвик , не само да ја менуваме законската рамка, туку и свеста за одговорно родителство и по развод која подразбира родителите да сфатат дека ако се соучесници во намерно системско отуѓување на детето од вториот родител, го повредуваат и детето, а не само другиот родител. Низ какви трауми поминуваат тие деца можат да потврдат нашите СОС оператори на линијата Алобушавко, телефонот за помош на деца и млади, со оглед на тоа што последниве 5 години на прво место по бројот на јавувања се токму повиците кои се поврзани со овој проблем“, рече Змијанац.
За крај, Клементина Добревска – психолог/координаторка на АлоБушавко/Телефонот за деца и млади апелираше до сите родители, мајки и татковци во време на развод да останат разумни, да ја тргнат себичноста на страна и да не влегуваат во војна со своите поранешни партнери, во најдобар интерес на децата, бидејќи нивните проблеми оставаат трага и несакани последици кај нивните деца.