Нездравата храна влијае врз интелигенцијата на децата
Авторите на научна студија која го истражувала влијанието на исхраната врз развојот на децата, истакнуваат дека иако студијата е спроведена во Бразил, резултатите имаат глобална релевантност бидејќи ултрапреработената храна е присутна секаде.
Исхраната на возраст од само две години може да влијае врз когнитивниот развој и способноста за учење подоцна во детството, покажува нова студија. Децата што јаделе повеќе ултрапреработена храна на таа возраст имале пониски резултати на тестовите за интелигенција на шест и седум години.
Заклучокот се базира на анализа на податоци од долгорочна студија која ги следи илјадниците деца родени во јужен Бразил, од раѓањето до зрелоста. Во оваа анализа научниците од Универзитетот во Илиноис и Федералниот универзитет Пелотас собрале детални податоци за исхраната на децата на двегодишна возраст, а потоа ги процениле нивните когнитивни способности кога тргнале на училиште.
Два главни модели на исхрана
Наместо да разгледуваат поединечни намирници, истражувачите ја анализирале целата исхрана и издвоиле два од најчестите обрасци. Првиот, кој го опишале како „здрав“, вклучувал грав, овошје, зеленчук, кашички и овошни сокови. Вториот, „нездрав“, се карактеризирал со грицки, инстант тестенини, кекси, слатки, газирани пијалаци, колбаси и друго преработено месо – накратко, претежно ултрапреработена храна.
Резултатот бил јасен – децата чија исхрана на двегодишна возраст била понездрава имале понизок коефициент на интелигенција (IQ) на возраст од шест до седум години.
Поврзаноста е посилна од другите фактори
Важно е што поврзаноста останала дури и откако научниците зеле предвид голем број други фактори што можат да влијаат врз развојот – образованието на мајката, социо-економскиот статус на семејството, времетраењето на доењето и нивото на стимулација во домашната средина.
Некои влијанија, како што е коефициентот на интелигенција на родителите, не биле измерени, но професорката Тајна Флорес, една од авторите, наведува дека користеле индиректни индикатори на домашната средина, на пример, стимулација за учење и посетување градинка.
Интересно е што „здравиот“ начин на исхрана не бил поврзан со повисок коефициент на интелигенција. Флорес објаснува дека причината е веројатно затоа што здравата храна веќе била многу распространета кај повеќето деца, па затоа разликата била потешко да се види во статистиката.
-Околу 92 проценти од децата редовно јаделе четири или повеќе видови храна што карактеризираат здрав начин на исхрана – објаснила таа.
Поранливите деца се најпогодени
Најизразените негативни ефекти се забележани кај деца што веќе биле поранливи – на пример, оние што заостануваат во тежината, висината или обемот на главата на рана возраст. Ова укажува дека лошата исхрана може дополнително да ги влоши постојните развојни предизвици.
Иако студијата не ги истражувала директно биолошките механизми, Флорес вели дека претходните истражувања нудат можни објаснувања. Исхраната богата со ултрапреработена храна може негативно да влијае врз развојот на мозокот преку воспалителни процеси, оксидативен стрес и промени во оската „црево-мозок“.
Авторите истакнуваат дека иако студијата е спроведена во Бразил, резултатите имаат глобална релевантност бидејќи ултрапреработената храна е присутна секаде. Пораката е јасна:
-Треба да го земеме предвид порастот на ултрапреработената храна. Посилна акција може да помогне во намалувањето на потрошувачката на таква храна, особено во раното детство – заклучува таа.