Зошто децата во градинка постојано кашлаат и им тече носот?

Истражувањата покажуваат дека децата на оваа возраст во просек преболуваат околу десет настинки годишно, поради што се добива впечаток дека се постојано болни.

92

Родителите на децата што одат во градинка често се соочуваат со навидум бескраен круг од настинки, кашлица и течење на носот. Таман што детето ќе закрепне од една инфекција, набргу се појавува друга. Искусниот педијатриски медицински техничар Крис Њуланд објаснува зошто ова е честа појава, но и на кои знаци треба да се обрне посебно внимание.

Зошто децата често се болни?

Њуланд, кој работи во примарната здравствена заштита, во објава на Инстаграм го поставил прашањето што ги мачи многу родители: Дали вашето дете оди во градинка и ви се чини дека постојано кашла и му тече носот?

Тој објаснил дека често го слуша истото прашање од родителите во својата ординација.

– Кога подобро ќе размислите, имате група мали деца што си играат и се дружат заедно, а притоа си пренесуваат вируси. Тоа се случува затоа што нивниот имунолошки систем првпат се среќава со овие причинители на инфекции – вели Њуланд.

Тој додава дека истражувањата покажуваат оти децата на оваа возраст во просек преболуваат околу десет настинки годишно, поради што се добива впечаток дека се постојано болни.

Кога кашлицата е причина за лекарски преглед?

Според Њуланд, типичната настинка трае од седум до десет дена, а главните симптоми се кашлица и течење на носот. Иако течењето на носот може да престане, кашлицата понекогаш се задржува уште една до две недели. Во меѓувреме, детето може да се зарази со нов вирус и целиот циклус да започне одново.

– Повеќето видови кашлица поминуваат во рок од три до четири недели. Ако состојбата на детето постепено се подобрува, ако тоа генерално се чувствува добро, нормално јаде, пие и си игра, станува збор за очекуван тек на болеста – објаснува тој.

Сепак, постојат ситуации кога е потребен лекарски преглед.

– Однесете го детето на лекар ако кашлицата трае подолго од три недели, постојано се враќа, често го буди ноќе или предизвикува повраќање. Реагирајте и ако ви се чини дека детето едноставно не е добро, ако не расте или не добива на тежина како што треба, или ако сте загрижени – предупредува Њуланд.

Посебно внимание е потребно кај најмалите бебиња. Ако бебе помало од шест месеци кашла или има тешкотии со хранењето, не треба да се чека, туку веднаш да се побара совет од лекар или итна медицинска помош.

Знаци што бараат итна реакција

Њуланд ги советува родителите веднаш да побараат медицинска помош ако забележат дека детето тешко дише, дека усните му помодруваат или дека кожата му се вовлекува во пределот на вратот, меѓу ребрата или под градниот кош.

– Ова е итен медицински случај. Мора веднаш да повикате итна помош или да го однесете детето во ургентен центар, без одложување – нагласува тој.

На крајот, медицинскиот техничар ги потсетува родителите да им веруваат на сопствените инстинкти.

– Вие најдобро го познавате своето дете. Ако чувствувате дека нешто не е во ред, побарајте помош. Ако мислите дека ситуацијата не е добра, веднаш побарајте мислење од лекар или од итната медицинска служба – порачува Њуланд.

Повеќе