Наставничката од заводот во Топанско поле, достави документ со кој го демантира директорот

Грета Парлиќ која обвини дека во заводот за рехабилитација на деца и млади интернатските корисници живеат во мизерија, деновиве во нашата редакција достави едно од повеќето интерни писма со кои таа се обраќала до управата и практично, ја демантира изјавата на директорот

994

Наставничката по музичко која веќе 20 години работи во заводот за рехабилитација на деца и млади во Топанско поле, која неодамна излезе во јавност со обвинувања дека интернатските корисници во заводот живеат во мизерија, во нашата редакција достави едно од, како што вели, повеќето интерни писма со кои таа се обраќала до управата во врска со овие обвинувања.

Со тоа, Грета Парлиќ практично, ја демантира изјавата на директорот Фатмир Ејупи, според кој причината за нејзиното обвинувачко јавно писмо е лична. Имено, Ејупи во изјава за нашите портали рече дека ниту едно од обвинувањата на наставничката не е точно и дека е таа „само лута“ затоа што од Управата ѝ биле побарани клучевите од просторијата која ѝ била доделена за користење во септември 2021.година.

Парлиќ ни го достави писмото со датум од 04.03.2021.година, во кое се содржани истите обвинувања со кои настапи и јавно, а кое го доставила до директорот на јавната установа.

Клучевите од просторијата пак, за која директорот тврди дека е причина заради која таа ги изнесува овие обвинувања, ѝ биле дадени 6 месеци после ова писмо, односно, во септември 2021.година, а ѝ биле побарани назад со допис од 31.03.2022.година.

Парлиќ вели: „Јас имам и повеќе документи во кои се жалам на условите за живот на интернатските корисници и на условите за работа на дел од вработените кои работат со нив и кои датираат од претходно и немаат никаква врска со барањето да ги вратам клучевите. Конечно, јас не реагирам само заради себе и заради тоа што јас немам услови за работа, туку најмногу заради интернатските корисници кои и натаму тврдам дека повеќе од две години престојуваат само во една просторија и во мизерни услови“.

Во нашиот разговор so директорот Ејупи на 6.април, на прашањето дали знае за писмата кои ги пишувала вработената до него и до управата, тој не се изјасни, само ни кажа дека е во секојдневна комуникација со раководителите.

Останува надлежните да ја проверат фактичката состојба и обвинувањата на наставничката за да не се случи, доколку е тоа точно, да продолжи мизеријата во која обвинува дека живеат интернатските корисници кои, за жал, заради степенот на ментална ретардација самите не се способни да се борат за подобри услови за живот и за човечки третман.

Парлиќ располага и со видео-материјал во кој се гледа дека вратите во оваа установа се заклучени, наспротив тврдењата на директорот дека нивната институција е отворена и дека нивните штитеници се слободни да се движат насекаде.

Повеќе