Објавувате фотографии на своите деца од училиште?

Многу родители објавуваат фотографии од своите деца на Фејсбук и Инстаграм, особено на првиот училишен ден, но една мајка, која е истовремено и психотерапевт и експерт за социјални мрежи, објаснува зошто мисли дека тоа не е добра идеја

118

Првата средба со учителката, првата средба со новите пријатели, првото седење во училишната клупа… Сето тоа се моменти кои секое дете, а особено неговите родители, ќе ги памети до крајот на животот. Родителите сакајќи да го забележат овој важен ден во животот на своите деца, возбудено ги фотографираат првите училишни моменти, а повеќето од нив ги споделуваат фотографиите на социјалните мрежи.

Прекрасна облека, широки насмевки и цитати под објавите на гордите родители предизвикуваат воодушевување кај следбениците на социјалните мрежи, но експертката Лена Дерхали тврди дека таа не ги поддржува ваквите објави.

„Тоа е затоа што, покрај тоа што сум мајка, јас сум и психотерапевт и експерт за социјални мрежи. Кога ги гледам овие фотографии, гледам повеќе од насмеани лица на децата. Ги забележувам опасностите кои демнат зад таквите објави. Еве зошто јас не објавувам фотографии од моите деца од училиште и зошто треба да размислите двапати пред да го направите тоа“, напишала таа за Инсајдер.

Фотографиите можат да дадат информации за кражба на идентитет

Во 2020 година, кражбата на идентитети погоди речиси половина од Американците. Можеби тоа ќе ви биде последната работа што ви паѓа на ум додека ги подготвувате вашите деца за првиот училишен ден. Но, информациите што ги споделуваме на интернет ги прават нашите деца лесни мети, пишува Дерхали. Сè што му треба на злонамерното лице за да започне со кражба на идентитетот е целото име, датумот на раѓање и адресата на детето. Првите две информации може лесно да се најдат на профилите на социјалните мрежи кои вклучуваат роденденски најави и други значајни настани.

Иако повеќето луѓе не би ја објавиле својата адреса на интернет, таа може лесно да се открие: фотографиите на децата на првиот училишен ден може да ја покажат вашата поштенска кутија или бројот на куќата во позадина, а ако го фотографирате детето пред училиштето, откривате кое училиште го посетува тоа. Некои родители дури оставаат ознаки за локација на нивните објави, што го прави целиот процес на крадците на идентитети речиси премногу лесен.

Онлајн предаторите се уште една голема грижа

Изгледа неверојатно дека фотографиите од враќањето на училиште би можеле да бидат адут за предаторите. Но, полицијата предупредува дека истражителите пронашле токму такви фотографии во уредите на сексуалните престапници. Никој од нас не сака да верува дека има потенцијални криминалци меѓу нашите следбеници на социјалните мрежи, но непријатната реалност е дека многумина од нас ги имаат. Кога споделуваме информации како омилената боја, соништа и желби на детето, им даваме на предаторите алатки за градење односи со нашите деца, пишува Дерхали.

Ако навистина сакате да споделувате фотографии од вашите малечки, еве како да го направите тоа на побезбеден начин

Фотографиите од враќањето на училиште носат многу радост. За многу родители, таа радост може да го надмине она што тие го сметаат за мал ризик. Сепак, ги повикувам луѓето да ги ублажат ризиците. Се разбира, ништо на Интернет никогаш не е 100 проценти безбедно или под ваша контрола, но следејќи ги овие совети можете да го намалите ризикот:

Размислете со кого ги споделувате вашите објави. Има голема разлика помеѓу објавување слики од вашите деца во затворена семејна група со 20 членови или со цел Фејсбук кој вклучува илјадници луѓе кои едвај или воопшто не ги познавате во реалниот живот.

Погрижете се на фотографиите да бидат видливи само минималните детали . Држете се до објавувањето на името на вашето дете и никогаш не ги вклучувајте имињата на нивните наставници или на училиштето.

Проверете ја позадината на фотографијата. Уверете се дека училиштето, домашната адреса и другите идентификациски податоци не се видливи.

Повеќе