Нов тренд во Кина: Родителите им ставаат кациги на бебињата за да им ја обликуваат главата
„Мислам дека носењето кацига ја има истата функција како и носењето протеза, а тоа е да се поправи дел од телото и да се направи поубав“, рекла една мајка која се пофалила дека „чудотворниот“ шлем помогнал да се „корегира“ обликот на главата на нејзиното бебе.
Најновиот тренд кај родителите во Кина е ставањето шлемови на главите на бебињата, што наводно ќе помогне за нивните глави да добијат тркалезна форма. Трендот започнал во октомври минатата година, кога родителите почнале да ги купуваат шлемовите кои наликуваат на топчиња за куглање, а се наменети за бебиња на кои задниот дел од главите им е рамен. Бебињата мора да носат кацига неколку часа, а родителите веруваат дека на тој начин нивниот череп ќе добие правилна, тркалезна форма.
South China Morning Post објавил изјава од мајка која објавила детали на форумот Xiaohongshu за користење на „чудотворниот“ шлем кој наводно помогнал да се „корегира“ обликот на главата на нејзиното бебе. Во објавата со наслов „Ја исправив главата на моето бебе и покрај семејните несогласувања“, мајката објаснува дека ја однела својата седуммесечна ќерка во медицинска установа за да ѝ направат прилагодена кацига.
„Мислам дека носењето кацига ја има истата функција како и носењето протеза, а тоа е да се поправи дел од телото и да се направи поубав. Имам рамна глава и знам колку е болно за жените кои се грижат за убавината. Носењето шлем е исто како и носењето на протеза за забите. Не сакам моето дете да порасне жалејќи поради обликот на главата“, рекла мајката.
Кинеската веб-страница „Соху“ наведува дека таквите „производи за корекција“ може да чинат и до 4.300 долари, додека шопинг порталот „Таобао“, кинеската верзија на „Амазон“ во сопственост на „Алибаба“, продава разни „уреди за корекција“ за доенчиња. Кацигата чини 15 долари, а душеците за спиење, кои наводно го спречуваат детето да спие во положба што предизвикува рамна глава, се околу 20 долари.
Патем, ваквите кациги не се новост. Тие се носат поради плагиоцефалија, која настанува поради зголемен притисок на една точка на главата, на пример лежење на грб. За многумина оваа состојба е попозната како синдром на залежано главче и не е опасна. Шлемовите како оние што ги носат бебињата со плагиоцефалија изгледаат тешки бидејќи главата на бебето е мала, но не им предизвикуваат болка. Синдромот на залежана глава може да се превенира со вртење на бебето на страна и стомак, така што главата да нема постојано притисок само на едно место.