Децата користат производи против стареење: Дерматолозите ги обвинуваат социјалните мрежи

Постои тренд меѓу тинејџерите кои ги покажуваат своите луксузни рутини за нега на кожата, особено на Тик-Ток. Дерматолозите нагласуваат дека рутината за нега на кожа на 13-годишна возраст треба да ѝ даде предност на основната хигиена

147

Деца од 10 години користат креми против стареење поради притисокот на социјалните мрежи, предупредуваат експертите. Според дерматолозите, социјалните мрежи ги популаризираа производите како ретинол, кој е форма на витамин А. Таквите работи можат да бидат корисни за кожата која старее, но може да предизвикаат црвенило, лупење и осип на детските лица.

Исто така, дерматолозите велат дека тинејџерите ризикуваат влошување на акните со користење на непотребни и скапи производи.

„Постојат деца со опсежни рутини за нега на кожата. Тие го чистат своето лице, користат серуми, тоници, а потоа ставаат хидратантна крема. Ова е непотребно бидејќи децата треба само да го мијат лицето со нежно средство за чистење без мирис и да користат лесен навлажнувач и крема за сончање во текот на летните месеци“, предупреди д-р Ема Веџворт.

Таа истакнува дека децата бараат од родителите да им купат скапи производи за нега на лице бидејќи тоа го гледаат на социјалните мрежи. Сепак, некои од овие производи може да ја иритираат кожата на децата во предпубертет и да ги затворат порите кај тинејџерите со помрсна кожа, што ги влошува акните.

„Свесна сум дека постои тренд меѓу тинејџерите кои ги покажуваат своите луксузни рутини за нега на кожата, особено на Тик-Ток. Мислам дека е важно да се нагласи дека рутината за нега на кожа на 13-годишна возраст треба да ѝ даде предност на основната хигиена. Тинејџерите понекогаш се премногу загрижени заради прераното стареење“, коментира дерматолог Ањали Махто.

Дерматолозите тврдат дека тинејџерите би требало да побараат стручен совет за проблеми како што се акните.

„Многу деца внимателно ја проверуваат својата кожа, барајќи несовршености и дамки, што е сосема непотребно на оваа возраст“, ​​заклучила д-р Веџворт.

Повеќе