Ако не ги раскренеш играчките, нема да одиш на роденден! Дали сте доследни со своите деца?

Колку пати сте ја кажале оваа реченица, сте ги раскренале играчките и сте го однеле вашето дете на роденден?

134

Една мајка раскажува како обична реченица на воспитувачката на нејзиниот син во градинката ја усмерила во натамошното воспитување да стане доследна во она што го кажува.

„Сфатив дека ако очекувам она што го зборувам да допре до Сем, треба да го кажувам само она што сериозно го мислам и дека морам да се држам до она што ќе го кажам – секој пат“, вели таа и раскажува за настанот кога ја слушнала од воспитувачката таа клучна реченица што направила од неа доследен родител.

„Тоа беше во 2006 година. Зима, снег, надвор мраз, а јас дојдов во градинката да го земам мојот постар син Сем, кој тогаш имаше 5 години. Мојата пријателка Лора и јас се договоривме да ги однесеме децата на лизгање веднаш по градинката. Сè беше спакувано и испланирано, а Сем дивееше низ училницата, не обрнувајќи внимание на моите постојани молби да се облече за да можеме да тргнеме. Му реков еднаш, двапати, три пати, десет пати… и потоа:

„Сем, ако не ги облечеш чизмите и јакната веднаш, нема да одиме на лизгање! Истрча покрај мене како ништо да не сум рекла, кикотејќи се без да дава знаци дека има и најмала намера да ме послуша. Само длабоко вдишав, смирувајќи се и ја отворив устата за да го замолам повторно да ме послуша кога зад мене го слушнав гласот на неговата учителка Карен.
Јасно ви е дека сега не можете да го носите на лизгање?

Го погледнав Сем, на кого последното нешто што му беше на памет беше да ме послуша, потоа во Лора, која само ги крена рамениците. Сем се смееше.

„Во право сте“, реков. „Нема да одиме на лизгање“.

Немам поим дали Карен (која не е ни малку наметлива, напротив) имала намера да има таков ефект врз мене со нејзините зборови ниту дали беше сосема сериозна кога ги изговори. Но, она што таа го рече остави трајно влијание врз мојот понатамошен начин на воспитување на децата.

Сѐ додека не го паркирав автомобилот во гаражата, Сем не веруваше дека нема да одиме на лизгање. И кога сфати дека сум сериозна, плачеше цел час. Беше тешко попладне, но вредеше. Следниот пат кога го замолив Сем да ги облече чизмите, тој тоа го направи веднаш. И се чувствував поинаку – станав нов и поинаков родител. Тоа беше улога со која не се справував добро на почетокот. Понекогаш се чувствував како да сум претерано строга, но не се откажував.

Зборовите на Карен ме потсетија на нешто важно – додека се обидував да се најдам себеси како родител, заборавив една важна работа. И додека трае тој процес, јас морам да ја играм улогата на родител. Времето минува, а јас, барајќи се себеси, правам грешки кои го дефинираат моето дете и неговиот карактер. Значи, ако сум ветила нешто, мора да го исполнам. Не само за моето дете да ги сфати сериозно моите зборови, туку и затоа што сакам да му дадам добар пример на мојот син, да го научам дека дадениот збор мора да се одржи.

Се разбира, веднаш му ја кажав оваа приказна на мојот сопруг. Се договоривме дека ова ќе биде нов почеток за нас двајцата – нема повеќе празни закани. Ако му кажеме на детето да се смири или дека ќе го напуштиме ресторанот, ќе го сториме тоа ако не послуша, без разлика колку е гладно и уморно. Ако кажеме дека нема да оди на роденден освен ако не ги раскрене играчките, нема да се повлечеме.

Се разбира, понекогаш моравме да ги голтнеме сопствените зборови. Во афект им велите дека нема да одат на море, а сигурно нема да се спакувате и да заминете без нив. Понекогаш се откажувате и им давате уште една шанса да ја исправат грешката. Но, во повеќето случаи, системот функционираше.

Развивме и систем за тивка комуникација со кој се консултираме пред да одлучиме дека е време да му се „заканиме“ на детето со казна за лошото однесување. Секогаш размислуваме пред да го кажеме она што не можеме да го повлечеме.

Дали нешто ќе беше поинаку денес ако решив да го однесам Сем на лизгање тој ден? Секако дека не. Всушност, гледајќи наназад, некако жалам за тој тажен поглед кога сфати дека сум сериозна. Не е важен тој момент, туку насоката во која сето тоа го насочи нашиот начин на воспитување на децата – дисциплината треба да се сфати сериозно, а празните закани можат само да направат да изгледате смешно во очите на детето. Заканите со празен пиштол се најсигурниот начин да се уништи авторитетот, а одржувањето на зборот е најдобриот начин да го натерате вашето дете да ве сфати сериозно. А тоа што ќе го изградите во детството ќе ве следи и кога детето ќе порасне“.

Кој е најдобриот родителски совет што сте го добиле вие?

Извор: NY Times

Повеќе