Апликации кои ги учат девојчињата да си го мразат своето тело

На пазарот на виртуелни апликации се појавија две многу навредливи апликации, а едната од нив се вика „Fat girl dress up“.

114

За жал, веќе навикнавме модните списанија, филмовите, сериите и медиумите на нашите деца да им испраќаат сосема погрешна слика за идеалот на убавината и да им наметнуваат речиси недостижни стандарди, но границата уште еднаш е надмината. На пазарот на виртуелни апликации се појавија две многу навредливи апликации, а едната од нив се вика „Fat girl dress up“.

Во описот на апликацијата пишува дека е наменета за сите момчиња и девојчиња, а се додава дека девојчињата ќе можат да го облекуваат виртуелниот лик и да го дотеруваат како принцеза за повеќе да не се чувствува дебело. Не можеме а да не се запрашаме каде му бил умот на човекот кој го смислил целиот овој концепт.

Можеби на прв поглед целата оваа идеја ви изгледа позитивна и дека ќе им користи на сите девојчиња кои имаат проблеми со килограмите, полесно да се прифатат себеси и своето тело, но не е така.

Еве што друго пишува во описот на апликацијата:

„Направете дебелата девојка да изгледа млада и убава со помош на оваа игра за облекување и дотерување… Фитнесот не е единственото нешто што им треба на дебелите девојки овие денови, модата и гардеробата се исто така многу важен дел од нивниот живот. Затоа, сите вие девојки кои сте дебели, бидете во тек, следете ги најновите трендови, заборавете на вашите слабости и облечете се за да не изгледате дебело“.

Но кога ќе ги разгледате фотографиите на оваа апликација, можете сами да заклучите дека таму нема добра намера или позитивно влијание. На една од фотографиите се гледа слатко девојче со прекумерна тежина како седи на кауч, кој пука под нејзината тежина, а над нејзината глава лебди лета облаче во кое пишува „само два хамбургери дневно“.

Дебелината е проблем со кој се бори голем број од населението, а во последните неколку години се евидентирани голем број дебели деца и сметаме дека дебелината никако не би требало да ја славиме, туку би требало да се промовира здрав живот, здрава храна и редовно вежбање.

Од друга страна, постои апликацијата „Don’t be a fat girl“ за која можеме со сигурност да кажеме дека ја промовира анорексијата. Во оваа апликација, главниот лик е девојката Ана која има проблеми со целулитот, а вие можете да ѝ помогнете да го реши проблемот. Имено, на самиот почеток на играта девојката треба да се измери, да ѝ се земат мерки, па да се намачка со антицелулитни креми, да се почести со масажа, да се завитка во пластична фолија, да се стави на диета и да се вклучи во спортска програма. Сѐ за да биде повторно убава, слаба и совршена.

Затоа, задолжително следете што прават вашите деца на интернет и на нивните мобилни уреди, особено ако се во чувствителни тинејџерски години. Ако забележите чудно однесување, обидете се да разговарате со нив, дајте им поддршка.

Повеќе