Бебињата се мрштат на кељ, се радуваат на морков
Бебињата во утробата реагираат на она што нивните мајки го консумираат, со гримаси кога вкусуваат или мирисаат кељ и се смешкаат кога нивните мајки јадат моркови, откриле научниците од англискиот универзитет Дурам со помош на 4D ултразвучни слики.
Користејќи 4D ултразвучни слики на стотина бремени жени, лекарите проучувале како реагираат нивните неродени бебиња веднаш откако нивните мајки јаделе одредена храна.
Бебињата во утробата реагираат на она што нивните мајки го консумираат, со гримаси кога вкусуваат или мирисаат кељ и се смешкаат кога нивните мајки јадат моркови, откриле научниците од англискиот универзитет Дурам со помош на 4D ултразвучни слики.
Со снимањето на изразите на лицето на бебињата, за прв пат е забележан доказ дека тие различно реагираат на разни мириси и вкусови додека се во утробата на својата мајка.
Бебињата биле изложени на вкусовите на морковите и кељот што ги консумирале нивните мајки.
Фетусите кои биле изложени на вкусот на морковот реагирале со „насмевка“, а оние кои биле изложени на вкусот на кељот реагирале со гримаса која наликувала на „плачење“.
Новото откритие би можело дополнително да придонесе за разбирање како се развиваат човечките рецептори за вкус и мирис, велат научниците од Лабораторијата за неонатални и фетални истражувања на Универзитетот Дурам.
Научниците исто така веруваат дека она што мајките го јадат за време на бременоста може да влијае на преференциите за вкус на бебињата по раѓањето, како и да воспостават здрави навики во исхраната и да ја намалат пребирливоста кога станува збор за одредени намирници.
Се верува дека фетусот го чувствува вкусот со вдишување и голтање амнионска течност во утробата.
„Бројни истражувања покажуваат дека бебињата во утробата можат да чувствуваат вкусови и мириси, но тие се засноваат на резултатите што сме ги добиле по раѓањето, а ова е прва студија која ни ги покажа нивните реакции пред раѓањето“, вели постдипломката Бејза Устун која го водела истражувањето.
„Беше навистина неверојатно да се гледаат реакциите на неродените бебиња на вкусовите на кељ или моркови за време на скенирањето и да се споделат тие моменти со нивните родители“, рекла Устун.
Ултразвучен 4Д преглед е направен во 32 и 36 недела од бременоста.
Дваесет минути пред секое скенирање, мајките голтале капсула што содржела приближно 400 мг морков во прав или 400 мг кељ, а еден час претходно не консумирале ништо друго освен вода.
Реакциите на лицата на бебињата снимени во двете групи во споредба со снимките на лицата на фетусите во контролната група кои не биле изложени на ниту еден вкус, покажале дека изложеноста на само мала количина од вкусот на морков или кељ е доволна да предизвика реакција.
Коавторката на студијата, професорката и шефица на лабораторијата Надја Реисланд, претходно проучувала 4Д слики за да укаже на штетното влијание на пушењето за време на бременоста.
„Нашата нова студија би можела да има важни импликации за разбирање на најраните докази за способноста на фетусот да прави разлика помеѓу различните вкусови и мириси на храната што им се дава на нивните мајки“, вели таа.
Со неа се согласува и професорката и коавторка на студијата Џеки Блисет од Универзитетот Астон во Бирмингем, која верува дека „изложувањето на фетусот на помалку омилени вкусови, како што е кељот, може да влијае на бебето да се навикне на таквите вкусови додека е уште во утробата“.
„Нашиот следен чекор е да испитаме дали фетусите покажуваат помалку „негативна“ реакција на истите вкусови со текот на времето, што може да резултира со подобро прифаќање на „недопадливите“ вкусови кога бебињата првпат ги вкусуваат надвор од матката“.