Целосна шминка за во породилиште ве молам! Што мислите за таа идеја?
Сто луѓе, сто табиети – вели една стара народна поговорка. И некако со таа поговорка секогаш го завршуваме нашето чудење од нешто, во моментот кога знаеме дека нема смисла да размислуваме зошто некој би го направил. Ова е токму една од тие теми. Некои жени се шминкаат за породување. Ете толку!
Ги знаете оние списоци за тоа што да ставите во вашата торба за во породилиште, па расправите за тоа што ви треба, а што не? Па, некаде помеѓу оние гаќички за еднократна употреба, три типа влошки, спрејови за заздравување на рани, некои жени ќе најдат место и за – шминка.
Да, за шминка на лицето, за да можат да се нашминкаат и да го запознаат своето дете на најдобар можен начин. Кажете им збогум на сите оние кадри од жените во филмови кои се испотени, со коса влажна од пот, лице изобличено од болка… Не, тоа е толку „аут“.
И сетете се на оние фотографии на Инстаграм од ѕвезди и познати мајки по породувањето, поради кои жените често саркастично коментираа „Да, секако, така изгледав по породувањето“. Епа сега е тоа „ин“ – и тоа не само за ѕвездите.
Сега кога го напишавме тоа, ни се чини дека има два типа на жени што се однесува до оваа тема – оние кои ќе мислат дека е ова всушност феноменално, дека и тие го планирале/направиле/сакале; и оние кои ќе погледнат со неверување и ќе се обидат да сфатат зошто некоја жена би го правела тоа. И навистина не е важно на која страна сте, бидејќи оние кои сакаат да се шминкаат за породување ќе најдат аргументи во своја полза, исто како и другите.
Сепак, факт е дека оваа тема одвреме-навреме го пали интернетот, а сега кога има бројни платформи, жените почнаа да објавуваат и видеа на кои се гледа како се дотерани за тој важен момент. Да, секако има видеа од жени кои се шминкаат пред да се породат и на TikTok.
За кого се шминкаат жените: За бебето, за партнерот или за Инстаграм?
Сепак, во целата приказна интересно е да се размисли за кого всушност се дотерува жената во таков момент? За своето дете што наскоро ќе го запознае? Некако сме сигурни дека на детето нема да му пречи ако мајка му нема шминка или ако е испотена, бледа, со темни кругови, па дури и мозолчиња. Дали жената се шминка за или поради нејзиниот партнер кој е со неа за време на породувањето? Хм, ако таа не може да биде пред него без шминка, дали тоа воопшто има смисла?
Останува можноста која ни изгледа најверојатна – причина се фотографиите кои ќе се направат во моментот кога жената ќе се породи и во првите часови по породувањето. Ех, сега. Значи, нема да се мешаме во тоа дали треба или не да се шминкаме за породување, нема да се мешаме како некој воопшто може да размислува за тоа во толку важен момент, нема да се мешаме ниту дали е тоа нешто што е навистина убаво да се прави или не. Сепак, мораме да забележиме дека не сме сосема сигурни дали шминката за време на породувањето е вистинскиот пат до зајакнување на жените за што често се зборува. Но, можеби на нашите простори ова уште не е до толку присутно, но во некои земји е речиси нормално.
Во анкета на веб-страницата Cosmetify, голем број Британки одговориле дека имале или имаат намера да користат шминка за време на породувањето. Покрај тоа, професионалните шминкери во Велика Британија, а сигурни сме дека е тоа случај и во САД, редовно добиваат покани за шминкање трудници – во породилиште. Првенствено се работи за жени кои имаат договорен царски рез.
За што треба да размислува секоја жена пред да почне да размислува за шминкање?
Она за што треба прво да размисли секоја жена, пред да почне да размислува за шминка за породување, е следново: Штотуку се породивте, современите стандарди за убавина немаат врска со тоа. Трудовите се болни. Породувањето е заморно. Ќе бидете „ваква и онаква“, од труд, замор, недостиг на сон. Но, породувањето е можеби најсреќниот настан во вашиот живот. И затоа ќе изгледате добро, без разлика на сѐ.
По породувањето можеби не сте подготвени за Инстаграм
Сето горенаведено значи дека можеби нема да можете да објавувате совршени фотографии на Инстаграм. Можеби ќе ја објавите првата фотографија што ви се допаѓа и таа ќе биде совршена, без да се трудите да ја направите така.
Можеби нема сѐ да оди како што сте планирале
И тоа е во ред, зборуваме за породување. Можеби ќе биде подобро отколку што мислевте. А можеби нема ни да стасате да помислите на шминкање, па ќе зажалите поради тоа.
Дали е навистина важно да имате маскара за совршена фотографија или е поважно сè да оди добро? Навистина, едното не го исклучува другото, но изгледа попаметно е да се фокусираме на зачувување на енергијата за породување.
На социјалните мрежи покажете – среќа
Она што сакаме да го видиме на социјалните мрежи е – среќа. А вашата среќа е иста без разлика дали сте ставиле сенка или не. И не се споредувајте. Да разјасниме, ние сме многу, многу далеку од осудување на оваа тема и постапките на жените никогаш нема да бидат предмет на нашиот потсмев или осуда. Но, дефинитивно, овој тренд ни е невообичаен – признаваме!
Што мислите вие за тоа?