Заспивањето на детето може да биде долг процес кој трае вечно. Сигурно сте пробале различни техники советувани од мајки и експерти, но на некои деца единствено што им треба е до нив да лежи нивната мајка.
Дали останувате или не со вашето дете додека заспива, ова е тема на многу дебати меѓу експертите и родителите. Некои велат дека заспивањето на бебето го намалува развојот на независноста, а други веруваат дека тоа ќе помогне во развојот на блискоста. Меѓутоа, во некои случаи родителот воопшто нема избор. Експертот за сон Рејчел Гортон објаснила како изгледало заспивањето со нејзиното дете. „Можев да се откажам од тоа да очекувам мојот син да спие самостојно, или можев да се чувствувам фрустрирано затоа што мојот син не реагираше онака како што јас сакав“, изјавила Рејчел за Motherly.
Според Центарот за нарушувања на спиењето на UCLA, еден од трите најчести проблеми кај малите деца е потребата од друго лице при заспивање и спиење. Тоа значи дека родителот лежи до детето или го вози во автомобилот. Детето така учи да заспива покрај друго лице кое станува „перница“, а потоа детето често не може да заспие доколку до него нема „перница“. Ова се нарекува „асоцијација со почеток на спиење“. Вашето дете сака да сте до него затоа што ве сака, но можеби е и исплашено или загрижено. Некои експерти веруваат дека е важно децата да се научат да спијат самостојно и дека тоа е од витално значење за нивниот развој. Постои загриженост дека детето ќе стане зависно и нема да може да функционира самостојно.
Но, ова не мора да е точно. Истражувањата покажуваат дека приврзаноста кон детето не е штетна за него. Според истражувањето објавено во Korean Journal of Pediatrics, чувствителните и емотивни родители му помагаат на детето да стане посамоуверено, независно, стабилно и сигурно. Авторите на студијата објавена во 2012 година им кажале на родителите кои се одвоени од нивните деца дека со тоа ги ограничуваат децата и нивната способност да го „развијат својот потенцијал и стабилна личност“.
Ова, се разбира, не значи дека секој родител може или треба да лежи со детето додека не заспие. Но, како што вели Гортон, како експерт, но и како мајка, само треба да го следите она што срцето ви вели дека е најдобро за детето. „Тоа ме потсети на клучната улога што ја играм во животот на мојот син, не само пред спиење, туку како личност која го учи на доверба за цел живот. Јас сум негова константа. Јас сум личноста на која ја гледа кога се чувствува исплашено. Моето дете се чувствува безбедно со мене. Значи, можам да му дадам мир за да може да се опушти, да дише длабоко и да заспие“, вели таа.