Децата кои се доени имаат помалку проблеми во однесувањето и помалку сензорни оштетувања

Бебињата кои се доени најмалку во првите шест недели од животот имаат помала веројатност да имаат проблеми во однесувањето или посебни образовни потреби, покажало новото истражување

2.100

Студијата, чии резултати биле објавени во списанието Plos Medicine, ја разгледува врската помеѓу доењето и посебните образовни потреби кај децата, пишува New York Post.

Светската здравствена организација препорачува доење најмалку шест месеци, но наодите сугерираат дека дури и комбинирано хранење пократки периоди може да има корист за развојот на детето.

„Знаеме дека многу жени се мачат да дојат исклучиво цели шест месеци препорачани од експертите. Сепак, нашето истражување дава докази дека дури и пократкото времетраење на доењето сепак може да биде корисно за развојот на детето“, вели д-р Мајкл Флеминг, еден од авторите на гореспоменатото истражување.

Истражувачите од Универзитетот во Глазгов ги анализирале податоците за здравјето и образованието за 191.745 деца родени во Шкотска. Во првите шест до осум недели од животот, 66,2 отсто од децата биле хранети со формула, 25,3 отсто биле исклучиво доени, додека 8,5 отсто од децата биле на комбинирана исхрана. Околу 12,1 отсто од децата имале проблеми со однесувањето во детството, но и подоцна додека растеле.

Студијата покажала дека и комбинираното хранење и ексклузивното доење се поврзани со 20 отсто намалување на ризикот од развој на проблеми во однесувањето. Исто така, децата кои биле исклучиво доени имале помал ризик од проблеми во комуникацијата, социјално-емоционални и тешкотии во однесувањето, сензорни оштетувања, физички моторни потешкотии и физички здравствени состојби.

Повеќе