Ден на црвениот фустан! Кампања за подигање на свеста за срцевите болести и мозочните удари кај жените
Во петок (2 февруари), ширум светот ќе биде одбележана кампањата за јавно здравје „Ден на црвениот фустан“ чија цел е да се подигне свеста за срцевите болести и мозочниот удар кај жените.
Секој прв петок во февруари во Америка се смета за месец на срцето, кога сите ширум земјата ја носат црвената боја со цел да ја подигнат и шират свеста со надеж дека ќе помогнат во искоренувањето на срцевите заболувања и мозочниот удар кај милиони жени.
И во други делови од светот на овој ден се одвива едукативната кампања за Денот на црвениот фустан за да се подигне јавната свест за спецификите на мозочниот удар кај жените, да се сврти вниманието кон катастрофалните последици од игнорирањето на симптомите и неопходната потреба за промена на животниот стил.
За последиците од мозочен удар
Ние, во јуни минатата година, на оваа тема, поточно, повеќе за последиците од мозочниот удар, отколку за превенцијата, зборувавме со Мирјана Марковска од Скопје, која по преживеаниот мозочен удар пред околу три години, формирала здружение за помош и поддршка на лица со Афазија (ХОУП), со цел, да си помогне себеси, но и на сите други кои се соочуваат со афазија, како и на лицата кои водат грижа и нега за нив.
Афазија е стекнато комуникациско нарушување кое ја нарушува способноста на лицето да говори, но не влијае на интелигенцијата. Предизвикано е од оштетување на една или повеќе јазични области на мозокот. Мозочните повреди може да бидат предизвикани од повреди на главата, тумори, мозочни инфекции и прогресивни невролошки нарушувања, како што е Алцхајмеровата болест, но најчесто, причината за повреда на мозокот е мозочниот удар .
Статистиките велат дека секоја петта жена ќе доживее мозочен удар, а секоја трета ќе умре како последица на тоа. Оваа страшна статистика може да се ублажи само со превенција, бидејќи повеќе од 80% од мозочните удари може успешно да се спречат со навремено дејствување на факторите на ризик и промени во животниот стил.
Жените имаат дополнителни, специфични ризици од мозочен удар кои недоволно се препознаваат и токму поради тоа и во Хрватска шеста година по ред се организира кампањата за јавно здравје Red Dress Day.
Специфични фактори на ризик кај жените
Специфични фактори на ризик за мозочен удар кај жените се орални контрацептиви, бременост, прееклампсија (висок крвен притисок што се развива за време на бременоста), употреба на хормонска заместителна терапија и мигрена со аура.
Најчестите симптоми на мозочен удар се јавуваат ненадејно и вклучуваат вкочанетост, нарушување на говорот и видот, нарушување на одењето, несигурност при одење, губење на рамнотежа, вртоглавица и силна главоболка.
Специфичните симптоми на мозочен удар кај жените се различни од вообичаените и токму затоа создаваат проблем бидејќи често не се препознаваат, а лекувањето често се одложува.
Тие вклучуваат губење на свеста или несвестица, општа слабост, тешкотии или отежнато дишење, конфузија, дезориентација, ненадејна промена во однесувањето, возбуда, халуцинации, гадење или повраќање, болка и икање.
Во Европа и во светот, мозочниот удар е втора причина за смртност. Можеме да кажеме дека повеќе жени умираат од мозочен удар отколку мажи, но тој сепак е потценет како здравствен проблем кај жените и затоа е особено потребна едукација и подигање на свеста за мозочниот удар кај жените.
Намалете го ризикот – следете ги препораките на експертите
На овој јавно здравствен проблем треба да му се пристапи од повеќе перспективи од ниво на јавни политики, а на личен план, сопствениот ризик може значително да се намали едноставно со следење на препораките на експертите. Неопходно е да се препознаат и третираат факторите на ризик: висок крвен притисок, дијабетес, висок холестерол. Треба да бидете физички активни и редовно да вежбате, да имате правилна исхрана богата со овошје и зеленчук, да го намалите внесот на сол, шеќер и масти и да го ограничите консумирањето алкохол.
Секоја година три пати повеќе жени умираат од мозочен удар отколку од рак на дојка.
Првата кампања „Ден на црвениот фустан“, #nosicrveno, наречена „Go Red for Women“ била лансирана од Американското кардиолошко друштво во 2004 година во САД, а Светската кардиолошка федерација ја прошири кампањата низ целиот свет.