Девојка со Даунов синдром стана милионерка правејќи колачиња

Колет Девито го започнала својот мал бизнис во Бостон во 2016. година, а во последните 5 години тој ѝ донел повеќе од милион долари.

528

Колет Девито, која има Даунов синдром, решила својата страст да ја претвори во кариера и започнала сопствен бизнис и станала милионерка. Оваа девојка страдала поради болеста во текот на школувањето, но и по завршувањето на факултетот кога не успеала да најде работа.

„Всушност, отсекогаш сум сакала да печам колачиња, дури и од четиригодишна возраст. Од средно одев на курс по готвење. Тоа беше тешко време за мене. Немав пријатели, немав социјален живот. Ме малтретираа и ме задеваа цело време“, рекла Колет.

По завршувањето на средното училиште, Колет отишла на Универзитетот во Јужна Каролина. Меѓутоа, откако дипломирала, не можела да најде работа.

Со помош на нејзината мајка, таа отворила своја компанија: Collettey’s Cookies.

Го започнала својот мал бизнис во Бостон во 2016 година, а во последните 5 години тој ѝ донел повеќе од милион долари.

Освен сопствен бизнис во 20-тите, Колет има напишано и две книги за деца, претставена е во документарниот филм Born for Business, кој зборува за претприемачи со попреченост и води непрофитна организација.

Колет вели дека ѝ се случуваат многу неверојатни работи бидејќи од сите страни доаѓаат понуди за работа. Но, најдобриот дел од работата е тоа што вработува лица со попреченост.

Организацијата за лидерство на Колет (Collettey’s Leadership Org) им помага на лицата со попреченост да се подготват за нивните кариери нудејќи им работилници и мониторинг. Процент од приходите од продажбата на колачиња, кој се испраќаат низ цела Америка и Канада, оди за оваа непрофитна организација.

Во 2020 година во оваа земја биле вработени само 17,9 отсто од лицата со попреченост, но оваа девојка смета дека многу од нив сакаат да работат. Дури и кога ќе успеат да се вработат, федералниот закон не го обврзува работодавачот да им исплати минимална плата. Тоа значи дека компаниите можат да им плаќаат на лицата со попреченост онолку колку што мислат дека вредат, а Девито се бори против тоа.

Таа покренала петиција за да помогне во создавањето повеќе работни места за лицата со посебни потреби, за што се надева дека ќе го привлече вниманието на Конгресот.

Нејзината единствена мисија, вели таа, е луѓето со попреченост да можат да работат.

Collettey’s Cookies сега има 15 вработени, а околу половина од нив се лица со посебни потреби.

„Без разлика кој си, можеш да направиш голема разлика на овој свет. Не дозволувајте луѓето да ве разочараат. Не се фокусирајте на недостатоците“, им порачала Колет на сите претприемачи.

Повеќе