Доста веќе со предрасуди околу „свекривите“! 10 знаци дека мајката на вашиот сопруг ве обожава

Не знам од каде точно доаѓа зборот снаа. Велат дека, најверојатно, потекнува од индоевропскиот облик snusos, кој означува еден вид на поврзување, создавање на нови семејни односи.
Тоа и не е лошо, ама затоа потеклото на зборот свекрва кажува сѐ. Се верува дека настанал од она: „за сѐ крива“.

9.748

Од секогаш сум се плашела од времето кога и јас ќе ја понесам оваа титула.

И денес, кога сум свекрва веќе шеста година по ред сѐ уште ми е проблем да ја изговорам.

Исто како што ми е глупо и кога треба да кажам „снаа ми“.

Па си има име девојчето, зошто би ја викала така?!

И искрено, ама најискрено, понормално би ми било да кажам „ќерка ПО син“, отколку снаа.

Ама сите би ме гледале онака потсмешливо и накриво, со поглед кој вели: ај не глуматај!

Знам, сум се уверила, затоа и се воздржувам па ја викам по име кога зборувам со оние кои ѝ го знаат името.

Не знам од каде точно доаѓа зборот снаа. Велат дека, најверојатно, потекнува од индоевропскиот облик snusos, кој означува еден вид на поврзување, создавање на нови семејни односи.

Тоа звучи убаво, па затоа и ми е лесно да го изговорам кога ја спомнувам во разговор со некој за кој не сум сигурна дека ја знае.

Ама затоа потеклото на зборот свекрва кажува сѐ.

Се верува дека настанал од она: „за сѐ крива“.

И како после да ми се допаѓа! Епа јас не сакам да бидам крива за сѐ!

Тврдам дека нашите мајки и баби, како и за сѐ и за ова имале подобро решение: Мајко и ќерко!

Така си се викаа порано свекрвите и снаите и мене ми беше некако без врска, си велев, како да не, јас никогаш!

И навистина, не ја викав свекрва ми мамо, цел живот ја викав тетка Родна или, во некои ситуации, само по име.

И сега, јас свекрва!

Инаку, најмногу ме нервираат реакциите на луѓето со предрасуди, оние кои сметаат дека нема шанси односот снаа-свекрва да биде добар.

И бидејќи чувствувам дека и ние, јас и „ќерка ми по син“, ги имаме некаде таму длабоко во нас истите тие предрасуди, навистина би сакала да не сме толку внимателни една кон друга.

Сакам да не морам баш секој збор да го мерам сто пати, а и она исто така, сакам да можеме да се караме и да се сакаме и да се смееме и да плачеме исто како што го правиме тоа, јас со син ми, а она со мајка ѝ.

Мислам, аман веќе од толку одење по јајца.

И тврдам дека не е точно она што обично се смисли за свекрвите, демек, дека речиси никогаш не се задоволни од изборот на нивните синови!

Јас сум задоволна! А знаете зошто најмногу? Затоа што се сакаат и затоа што гледам дека се среќни!

Инаку, односот меѓу свекрва и снаа е неисцрпна тема.

За него најчесто се зборува во негативен контекст, низ призмата на свекрвата од пеколот, но има и понормални гледања.

Еве на пример најдов еден текст во кој се издвоени 10 знаци кои јасно покажуваат дека имате свекрва која ве обожава. Се пронаоѓам речиси во сите – „свекрива по сите 10 точки“!

Еве кои се тие 10 знаци:

Го почитува вашето мислење
Ќе го каже своето мислење, но ќе го почитува вашето дури и ако не се согласува со него.

Нема потреба да ви противречи во секое време и лесно го прифаќа фактот дека не можете секогаш да се согласувате за сè.

Секогаш застанува на вистинска страна
Ако нејзиниот син греши за некои работи, таа ќе му каже.

Не ја зазема неговата страна само затоа што му е мајка.

Исто така, нема да ве поштеди кога грешите. Таа е фер и рационална.

Сака да поминува време и само со вас, а не исклучиво кога сте сите заедно


Твоето друштво и одговара и сака кога ќе успееш да најдеш малку време за неа, без нејзиниот син и остатокот од семејството. Лесно и опуштено комуницира со вас во сите ситуации и едноставно сака кога сте заедно.

Не ве споредува со бившите (Бог да чува!)

Некои свекрви имаат навика да ги спомнуваат бившите партнерки на синовите, но вашата не го прави тоа.

Од моментот кога те запознала, веднаш те прифатила, а споредбите не ѝ паѓаат на памет.

Ве фали дури и кога не сте тука за да чуете

Често слушате од другите колку ве фали свекрвата. Иако е секогаш убаво да се добие комплимент лично, уште поубаво е да знаете дека ве сака зад грб и ќе ја искористи секоја прилика да се пофали со најдобрата снаа на светот.

Отворено бара ваша помош
Го сака колачот што го правите и ќе ве замоли да го направите за заедничкиот ручек.

Бара нешто да купи и сака да ѝ помогнете да го избере вистинското. Без разлика дали се работи за мали или големи работи, вашата свекрва ја сака вашата помош и отворено ја бара.

Не се меша во вашиот брак освен ако не го побарате тоа од неа

Ги почитува вашите граници и нема да реагира доколку вие не сте го побарале тоа од неа.

Нема потреба постојано да се меша во вашиот брак и ќе даде свое мислење кога ќе го побарате од неа.

Сака ваш совет
Без разлика дали се работи за мени за празничен ручек, подарок за внучето или нова чанта што сака да ја купи, вашата свекрва секогаш бара совет од вас кога има дилема.

Таа е заинтересирана за вас
Таа е искрено заинтересирана за тоа како ви е на работа, ги памти вашите интереси и со задоволство зборува за нив.

Не зборува само за себе и за своите проблеми и секогаш е подготвена да ги слуша вашите.

Ве кани на сите семејни собири
Секогаш сте меѓу првите на кои им се јавува кога планира семејно дружење бидејќи ѝ е важно да бидете таму и сака однапред да провери дали датумот и времето се соодветни за вас.

Повеќе