Дремка за двајца во Тафталиџе: Не дремете дома, дојдете на средба со авторот Братислав Димитров

На 8 јуни, сабота, авторот Братислав Димитров ќе се сретне со оние кои ја прочитале или оние кои сакаат да ја прочитаат неговата последна книга „Дремка за двајца“. Средбата е закажана во Бифе Тафталиџе, кое се наоѓа близу бензинската пумпа, онаа после Лептокарија, додека се движите кон Сити мол. Некогашниот Томе од бензинската пумпа ќе биде таму за да ни прераскаже некои стари скопски приказни и, како што шеговито, но искрено додава – за да си ја продаде книгата.

462

Го памтите Томе од бензинската пумпа? Да, одамна беше, но е култен лик помеѓу повозрасните скопјани.

Братислав Димитров кој иако сега има 72 наместо тогашните 27 години, а оваа негова улога е далеку зад сите оние подоцнежни значајни нешта што ги создавал, од пишување драми и режирање претстави до пишување колумни, па дури и краток излет во политиката, сепак ги задржал своите највпечатливи карактеристики – мустаќите (наместо црни, сега се бели) и – стилот.

Епа во сабота (8 јуни), тој ќе дојде да ја испромовира својата последна книга насловена како „Дремка за двајца“ во Бифе Тафталиџе, кое се наоѓа близу, погодете што?
Па близу бензинска пумпа, онаа после Лептокарија додека се движите кон Сити мол.
Како и да е, иако е дипломиран актер, со повеќе одиграни улоги на филм, телевизија и во театар, Димитров е попознат како драматург, а најпознат како колумнист чии книги со колумни се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со некогашниот магазин „Теа“- модерна) во фантастични 70.000 примероци!
Тој е еден од ретките автори кој, како што вели, е подеднакво читан од млади и стари, богати и сиромашни, монахињи и монаси, криминалци и проститутки, академици и работници…

„Пишувам скоро 55 години и ја имам таа ретка среќа да имам многубројни и најразлични читатели. Стари, млади, богати, сиромашни и луѓе  од најразлични професии.

Ако успеете барем еден човек да направите посреќен или помалку осамен, вие сте направиле голема и важна работа во животот.

Книгата ја препорачувам секому, за да продадам што повеќе примероци. Да бев столар, секому ќе ги препорачував моите маси и столици“, вели Димитров кој во сабота (8 јуни), ќе дојде во Бифе

Тафталиџе за да се сретне со своите читатели и, како што шеговито, но искрено додава, за да си ја

продаде книгата која патем, ќе продолжи да се продава и понатаму токму во тоа исто Бифе кадешто

наскоро ќе можат да се најдат книги и од други домашни автори.

Инаку, оваа негова последна книга „Дремка за двајца“ минатиот месец ја промовираше и во Загреб,

во организација на Хрватско-македонското друштво, Друштвото на хрватските писатели во Загреб

и Градската библиотека „Анте Ковачиќ“ во Запрешиќ.
Станува збор за колумни кои се хроника за едно друго време, она за Скопје од втората половина на 20 век, а се однесуваат на настани и ликови кои Братислав не само што успеал да ги зачува од заборавот, туку успева да ги врати назад во времето оние кои го живееле овој период, но и да им го приближи на оние кои не знаат ништо за него.
Првата промоција на оваа книга се случи токму во периодот на пандемијата, па не го доби заслуженото внимание.

За Братислав Димитров се знае уште и дека е роден на 22 март 1952 година во Скопје, а во својата биографија пишува дека се школувал во две осмолетки, четири гимназии, два факултета и едно стручно школо (не секогаш по своја воља).

Дипломирал на факултетот за драмски уметности во класата на професорот Љубиша Георгиевски и е постојан апсолвент на книжевност.
Носител е на мустаќи од 1971 година. Живеел и работел во Лондон, Амстердам, Норвешка и т.н., како келнер, возач на виљушкар, продавач на бензин, дискџокеј…

Триесет и осум години бил драматург во Македонскиот народен театар и две години директор на „Театарот за деца и младинци“.

Вели дека најмногу ужива додека пишува и во тие магични моменти ништо друго не го интересира.

„Се сметам за успешен кога понекогаш ќе успеам да се изненадам и самиот себе од напишаните зборови кои имаат вкус, мирис, боја, звук и тајни кои постојано ги откривам. 
Никој и никаде не ми понудиле да пишувам колумни и за тоа сум им бескрајно благодарен!

Ги објавувам на фејсбук и (без моја заслуга) станав светски писател, затоа што ми се јавуваат читатели од цел свет“, вели тој.
Инаку, не сака да одговара на прашања што се поврзани со неговиот приватен живот од

едноставна причина што на тој начин сака да го избегне, како што вели, „ова перверзно време во

кое приватното станува јавно а јавното приватно и покрај славните тендери“!

Сепак, открива по нешто. На пример, дека на своите деца им дава љубов и поддршка и како и секој

класичен родител, им дава и совети, ама тие обично не вредат затоа што секој си го избира својот пат.
И секој има право на свое минато, секогашност и иднина, иако оваа поделба е бесмислена.
Открива и дека последниве шест години ја работи најважната работа во својот живот – Си игра со

неговиот внук Марко.
„Тоа е мојата најголема креација!“ – вели нашиот соговорник.
За оние кои можеби заборавиле, Братислав Димитров беше и кандидат за градоначалник на Скопје.
„Кога ме кандидираа за градоначалник на Скопје имав идеја да направам град во кој секој ќе може

да летува! А Скопје има многубројни и одлични потенцијали за тоа. Јас во почитиката бев многу

кратко време и кога добив само 1.753 гласови на изборите а победникот 120.000 илјади, засекогаш

ја напуштив.

Но ова е суштинската причина: Политичар е човек со слаба меморија и  силен желудник. А кај мене е обратно“, вели Димитров.

Извадок од книгата „Дремка за двајца“.
МАТУРСКА ВЕЧЕР

Јас сум од генерацијата која прва почна да користи „Питралон“. Тоа беше „колонска вода за после бричење“, така барем пишуваше на картонската „опаковка“. Во секој случај, нејзиниот мирис беше далеку подобар од испотена мишка или патика „шангајка“, одамна заборавена во некое социјалистичко подрумче. Имаше и друга предност. Го чувствуваш мирисот и дури после долго време се појавуваат ненајавени гости, за пријатно да те изненадат! Така добиваш шанса нешто да раскренеш по куќи, за после да не те оговараат како денес на фејсбук, а тогаш на селски чешми. Таков беше народниот обичај: „Домаќинлак се гледа на ненајавено!“ Денес не знам како е. А не знам како сум и јас.
Сепак, кој што сака нека каже ама социјализмот имаше една работа која никако да ја прежалиме. Имаше вишок на слободно време кое не можевме да го потрошиме. Тогаш се појави вистинскиот хедонизам познат како бадијалчење, ашкање, глуварење, џаболебарење и „ебавање сојки“. Зен и будизам во пракса. Врв на овие фини активности беше мрзата. Лежиш оптегнат на некое пољанче со тревка во устата и дремеш со часови како фараон. Никаде не брзаш. Никој не те брза. Мрзата беше аристократска состојба, во духовна смисла.
Криво седам, ама право зборам: За нашето богатство (вишок на време) многу помогна и фактот дека тогаш главните забави беа ограничени само на корзо, кино и парк. Добро, имаше и по некоја домашна журка, но под услов родителите да дадат дозвола, затоа што никој не сака да го ризикува своето ново килимче или теписонче милиметарски оптегнато во дневната соба, тогаш позната под терминот „приемна“. После завршување на корзото, се собиравме под некоја осветлена маалска бандера и долго се дружевме. Не ви се верува? Ќе повторам: Долго се дружевме. Со појавата на првото „нинтендо“ и сите други „модерни алатки“ престанавме да се дружиме дури и со себе.Така стигнавме до „вештачката интелигенција“ и… Нема ништо да кажам, за да не урочам.
Во тие дамнешни времиња многу работи немаше, а и тие што ги имаше беа за никаде. Но имаше вистински мајки, татковци, баби, дедовци, тетки, стрини, вујковци, вујни, балдзки, баџанаци, золви, свекрви, комшии, пријатели, верни другари, верни другарки, патлиџан скопски јабучар и вистински седенки пред порти а не како сега пред фејсбук, кого го измислил ѓаволот „лично и персонално“.
И ова е вистински настан што се случи многу одамна, но мене ми изгледа како да беше вчера, а не беше. За мала матура (за нас најголема!) не однесоа во Дојран….

Повеќе