Ембла е конечно среќна во училиште

„Ембла оди на училиште и многу е среќна, зашто секое дете сака социјализација, се надевам дека така и ќе остане, ни гарантираа дека тоа нема да се смени“, вели таткото на девојчето со Даунов синдром од Гостивар

575

Неколку дена откако целата јавност во Македонија беше вознемирена заради случајот со 11-годишната Ембла Адеми, за кој на својот Фејсбук профил напиша нејзиниот татко Илир Адеми, а потоа приказната ја објави и ТВ Клан, изгледа како работите да се средуваат. Барем во однос на она што е најважно за Ембла и за нејзиното семејство, а тоа е дека таа конечно седна во училишната клупа зедно со соучениците, во истото одделение во кое се децата чии родители, поточно, нивните мајки, поднесоа петиција со која бараа ова дете со Даунов синдром да не биде во училиште со нивните деца.

„Сега е во ред, Ембла е среќна затоа што е со другите деца, а нас ни гарантираат дека тоа нема да се измени и таа ќе остане во истото одделение со своите соученици. Знаете, не само Ембла, сите деца сакаат социјализација, ниедно дете не сака да седи само и изолирано. Се надевам дека од сега сѐ ќе биде во ред“, ни кажа денес таткото на Ембла, Илир Адеми.

За првпат за тоа што им се случува на Ембла и ним веќе со години проговори откако медиумите ги заинтригира неговата објава на Фејсбук во која тој, на 1 февруари, првиот ден од второто полугодие, напиша:

„Денеска почна второто полугодие за сите деца и ученици, само нашата Ембла не уживаше во овој ден затоа што некој го прекина ова чувство. Сите уживаат во тоа што нивните деца го започнаа второто полугодие, а ние како родители на Ембла мислиме кога ќе започне второто полугодие за Ембла откако таа беше бојкотирана во првото полугодие од родителите (мајките) на соучениците на Ембла… “

По ова беше обелоденета и целата приказна за тоа дека во училиште во Гостивар 11-годишната Ембла била изолирана да учи сама со асистентката во одвоена слабо загреана просторија, поради неприфаќањето од родителите на други деца. Ова ја крена на нозе сета јавност, па реагираа и од Хелсиншкиот комитет кои бара Општината Гостивар итно да го разреши директорот на школото „Башкими“ кој дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски однос кон малата Ембла, реагираше и Народниот Правобранител и многу здруженија, медиуми и луѓе.

Денес Ембла е задоволна затоа што е конечно во училишните клупи заедно со другите деца, а нејзините родители се надеваат дека ова ќе продолжи така и во иднина и дека нема да му се случи веќе на ниту едно дете.

Повеќе