Гласовниот асистент на Амазон му предложил на 10-годишно девојче да стави монета во приклучок за струја

Амазон го ажурираше својот гласовен асистент „Алекса“, откако овој му предложил на 10-годишно девојче да допре приклучок за струја со монета. Ова се случило откако девојчето побарало од Алекса идеја за „предизвик“

529

Десетгодишно девојче кое побарало од гласовниот асистент „Алекса“ на Амазон идеја за да направи „предизвик“, добило предлог да допре приклучок за струја со монета, пренесува BBC.

„Приклучете го полначот за телефон на половина во ѕиден штекер, а потоа допрете монета на откриените делови“, предложил паметниот асистент.

Мајката на девојчето, Кристин Ливдал, го опишала инцидентот на Твитер.

Таа вели: „Имавме некои физички предизвици, како легнување и превртување, со чевел на ногата, од наставник по [физичко образование] на Јутјуб претходно. Надвор беше лошо времето. Таа само сакаше уште еден предизвик“.

Г-ѓа Ливдал пишува дека интервенирала, викајќи: „Не, Алекса, не!“

Сепак, вели дека нејзината ќерка е „премногу паметна за да направи такво нешто“.

Од Амазон изјавиле за Би-Би-Си дека ја ажурирале Алекса за да спречат асистентот да препорача таква активност во иднина.

„Довербата на клиентите е во центарот на сè што правиме и Aлекса е дизајнирана да обезбедува точни, релевантни и корисни информации за клиентите“, се вели во соопштението на Aмазон.

„Штом дознавме за оваа грешка, презедовме брза акција за да ја поправиме.

Опасната активност, позната како „предизвикот со монетата“, почна да циркулира на ТикТок и другите веб-страници на социјалните медиуми пред околу една година.

Металите спроведуваат струја и нивното вметнување во електрични приклучоци може да предизвика електричен удар, пожар и друга штета. Против т.н. предизвик се изјаснија и противпожарните службеници во САД.

Повеќе