Хварски девојки: Другарки од колевка па до гроб

Овие две 25-годишни девојки ги запознавме летово, на Хвар. Родени хваранки, тие цело лето го минуваат работно, но за разлика од повозрасните, наоѓаат време и сила и за на плажа и за на дружба. А на одмор одат на есен или зима

346

Маринела Заниновиќ и Јосипа Шариќ, нашите две нови познанички од Хвар се најдобри другарки и пример како тоа, односно, другарството, она вистинското, сѐ уште функционира и денес.

„Од колевка па до гроб. Родени сме во ист ден, во иста година и заедно сме цел живот и така и ќе остане“, одлучна вели Јосипа и ја поттикнува скромната Маринела, која е наша колешка, новинарка, да зборува за себе иако таа тврди дека е во професијата многу кратко време, нема искуство и нема што многу да каже.

Маринела и Јосипа ги запознавме на тезгата на нашата стара пријателка Ивка Равлиќ во Хвар. Се враќаа од плажа каде што успеале да отидат и набрзина да се избањаат во паузата од своите обврски. А нивните обврски во лето, велат, се секоја година исти. Маринела помага во семејниот бизнис со издавање на апартмани, раководи со социјалните мрежи и учествува во работата околу нивното домашно производство на вино и маслиново масло кога е за тоа време.

Таа пред една година магистрирала новинарство, а претходно дипломирала на катедрата за португалски јазик и книжевност во Загреб, па последните шест месеци пишува на еден блог за храна и вино. Тоа е и нејзино прво искуство во оваа работа.

„Сѐ уште се учам, а бидејќи кога магистрирав веќе беше во ек пандемијата, немав можност да најдам некаде работа или барем да посетам некоја редакција, па ова искуство ми е прво во професијата. Не мислев дека толку ќе се заинтересирам за пишување на тема храна и вино, но очигледно одигра улога тоа што сум голем гурман и кулинар. И додека студирав во Загреб често готвев и викав пријатели кои уживаа во моите гозби, па ова навистина ми се допадна. Којзнае, Хвар нема свој портал, можеби е ова вистинско време јас да почнам нешто и така да можам да останам тука и истовремено да направам нешто повеќе и за мојот роден Хвар, да ги откривам сите гастрономски и вински потенцијали на островот“, вели Маринела.

Нејзината најдобра другарка Јосипа пак, во октомври треба да дипломира на Хемиско-технолошкиот факултет во Сплит, а преку лето работи во семејната продавница за природна козметика која ја изработува нејзиното семејство, главно, од лаванда и смиље.

Вели дека нивните лета се секогаш исти, но убаво им е тоа што е тоа единствениот период кога можат да се видат и со останатите пријатели кои преку зима се на студии во Загреб или во Сплит, па иако сите имаат обврски и им помагаат на своите семејства, успеваат да се подружат меѓусебе.

Ним, бидејќи се пораснати во 21 век, не им пречат новите трендови во туризмот, ниту бесните журки па дури ни честопати, разузданото однесување на некои туристи од кои повозрасните постојано се жалат.

„Ние живееме и сме пораснати со овој туризам и сѐ ни е нормално, освен цените кои забележуваме како растат од година во година. И единствено тоа е она што не ни се допаѓа, бидејќи и за нас е скапо исто како и за вас и за сите други туристи“, велат тие.

Кога ги прашавме кое јадење би ни го препорачале, двете другарки во еден глас ни рекоа: Брудет и паштицада, тоа се нашите омилени јадења. Патем, и двете одлично ги прават.

Јосипа досега не била во Македонија, но затоа нејзината другарка Маринела била. Станува збор за пропатување, во месец октомври, на пат кон Грција, кога една ноќ останале во Охрид, кој ѝ оставил и најголем впечаток.

„Охрид е навистина посебен и многу ми се допадна“, вели таа. А на нашето прашање зошто оделе во Грција при ова нивно прекрасно море, зачудено не погледна и рече: „Не, не бевме таму во лето, бевме онака, туристички, во 10 месец. Ние во принцип, никогаш не одиме никаде во лето. Летата ни се работни и секогаш ги поминуваме тука, во Хвар, со полно работно време.“  

Ги оставивме двете најдобри другарки да им се вратат на своите обврски, но нивниот однос ни остана во глава како пример за едно цврсто пријателство какво што секој од нас треба да има. Баш такво, од колевка па до гроб.

Повеќе