Илир Адеми: Проблемот со Ембла не е од вчера, туку од градинка

„Голтни едно, голтни друго, не се издржуваше веќе. Ние кои имаме деца со посебни потреби сме обично повлечени и знаеме да ги премолчуваме проблемите, но сега ми е драго што го актуелизирав проблемот со училиштето на Ембла затоа што знам дека со оваа наша победа, ќе им биде подобро и на другите деца“, вели таткото на девојчето со Даунов синдром кое ја крена на нозе целата јавност

3.355

Илир Адеми е наставник по музика, музикотерапевт и татко на 11-годишната Ембла, девојчето со Даунов синдром за кое деновиве зборува целата македонска јавност откако се дозна дека таа тргна на училиште со еден ден задоцнување и сама, затоа што родителите на другите ученици од ОУ „Башкими“ во Гостивар ја бојкотирале наставата. Тие во петиција  напишале дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава  ја донеле заради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и заради нејзината наводна агресивност.

„Голтни едно, голтни друго, не се издржуваше веќе. Ние кои имаме деца со посебни потреби сме обично повлечени и знаеме да голтаме и да ги премолчуваме проблемите, но сега ми е драго што го актуелизирав проблемот со училиштето на Ембла затоа што знам дека со оваа наша победа, ќе им биде подобро и на другите деца како Ембла“, вели Адеми.

Деновиве јавноста дозна и дека Ембла Адеми три години претходно била шетана од едно во друго одделение, или пак седела само со својот асистент во салата за одржување приредби во училиштето.

Во истата сала денес се одржала средба помеѓу директорот на училиштето Зијадин Нуредин, градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, таткото на малата Ембла и новинари, на која се договориле Ембла да го продолжи школувањето со своите соученици во едно одделение.

„Во салата бевме само пола час и сите почувствуваа колку е таму ладно, а Ембла требаше да седи тука сама со својата асистентка со часови. Така што, драго ми е што конечно се реши ова. Овој проблем трае веќе три години, а со слични проблеми се соочуваме уште од градинка. Не очекував дека ова ќе добие толку големо внимание во јавноста, но единствеата причина заради која го обелоденив проблемот е тоа што како родители се соочувавме со голема тешкотија, а проблемот трае со години. Сега ми е драго што решивме да не премолчиме повторно затоа што знам дека решението за Ембла ќе им помогне и на други деца како неа. А тоа дека е таа агресивна е дел од предрасудите во нашето општество кои се однесуваат на сите луѓе со посебни потреби, само затоа што се поинакви од другите“, вели Адеми кој ни раскажа и дека таа сите претходни години требало често да ги менува одделенијата и учителите, што лошо би се одразило врз секое дете, а особено врз дете со Даунов синдром.

За да биде иронијата поголема, господин Адеми не е само татко на дете со Даунов синдром, туку и самиот е професор по клавир во основното музичко училиште „Енвер Стафаи“ во Гостивар.

Адеми пред неколку години, во рамките на Едукативно-консултативниот центар на здружението „Хандимак“ од Тетово одржуваше музичка работилница за деца со посебни потреби, меѓу кои деца со аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа и други видови попреченост.

Идејата за оваа работилница по музикотерапија тој ја спровел во соработка со претседателот на здружението „Хандимак“, Адем Идризи.

„Бидејќи ќерка ми Ембла ја носев на дефектолошки и логопедски сеанси во ова здружение, предложив покрај овие сеанси да се примени и музикотерапија за децата кои ги посетуваат истите сеанси. Ова беше прифатено од страна на г.Адем и така, во склоп на работата на здружението, почнавме и со музикотерапевтски сеанси“, ни објасни професорот Адеми, кој освен Ембла, има и постара ќерка, Ендра Адеми која е на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсек  пијано.

И тој завршил факултет за музичка уметност, теоретски смер, во Приштина.

„Мотивот за музикотерапијата е исклучително од професионален карактер, бидејќи најпрво го имам применето кај мојата помала ќерка Ембла која е со Даунов Синдром и има  оштетен слух над  80 проценти. Јас некогаш со сопругата Арифе се шегувам и ѝ велам дека е таа како Бетовен кој не слушал, а има компонирано грандиозни дела.

Ембла уште од тригодишна возраст седнува пред клавирот, игра со типките и ја доживува секоја нота која ќе ја отсвири. Така и јас поради неа почнав да читам и да се интересирам за музикотерапијата и за нејзината примена кај оваа категорија на деца, затоа што и тие имаат можност да ја чувствуваат музиката како и другите деца. Музикотерапијата може да се примени врз сите категории на деца со посебни потреби, почнувајќи од  церебрална парализа, аутизам, оштетен слух, вид, ментална ретардација, итн.

На прв поглед ова може да изгледа многу лесно, но сепак си има свои специфики кои терапевтот мора да ги знае за да може да работи со оваа категорија на деца. Музикотерапијата може да се примени и групно и индивидуално, а тоа треба да го констатира музикотерапевтот при неговата работа.  Исто така, музикотерапијата може да се примени и врз родителите на децата со посебни потреби, за да ги опушти и да ги оддалечи од секојдневните грижи кои ги имаат со нивните деца.

Инаку, музикотерапија може да се примени и врз деца кои имаат тешкотии во учењето и во градинките и во училиштата, но за жал, кај нас сѐ уште немаме доволно сознанија за примената на овој метод во образовниот процес.

Што се однесува до начинот на работа со децата, како што спомнав претходно, се работи и групно и индивидуално. Групната работа се применува кога сите деца сакаат да бидат еден со друг и да комуницираат такашто е полесно да се применат техники и игри кои се проследени како ритмички, така и мелодиски и во нив учествуваат сите деца кои се вклучени во терапевтската  сеанса. Но, има и случаи кои бараат да се користи индивидуална сеанса бидејќи имаме деца кои не сакаат групна активност и тоа јасно го одбиваат. Тоа мора да биде забележано од страна на музикотерапевтот. Талентот, како и кај секој човек, така и кај оваа категорија на деца, треба да постои, но и ако постои, не значи и не е целта тие да бидат врвни професионалци. Но има и такви примери во светот. Сепак, главната цел на музикотерапијата е да им ја ублажи нивната стега за која само тие и нивните родители знаат колку е голема“, вели Адеми.

За тоа колку е тешко или лесно да се работи со децата со посебни потреби, тој само вели дека секоја работа е тешка, но и дека кога се работи со љубов и се сака, никогаш ништо не е тешко.

А тој работи токму со таква голема љубов и посветеност.

„Нивното внимание е уште поголемо за разлика од она кај другите деца. Тие сакаат да слушаат, да пеат и да свират на инструменти, па кога ги гледаш си мислиш дека се некој прекрасен оркестар со разиграни и со напамет отсвирени ноти, како што си милуваат тие. Но важно е дека се активни. Инструментите кои се користат во музикотерапијата се таканаречениот Орфов инструментариум,  а тоа се ритмички, ударни инструменти, триангли, металофони, ксилофони, тарабуки, дајриња и тн“, објаснува тој.

И на прашањето дали овие работилници ги посетувале и деца од македонска националност, со право вели: „Националноста не претставува никаква пречка, бидејќи целта е забавата, а децата без оглед на националноста се воодушевуваат затоа што можат да ја почувствуваат музиката.

Комуникацијата со мене е преку музиката, инструментите, со ритмички игри и задоволството од работата со оваа категорија на деца кои ја искажуваат својата љубов на свој начин, е уште поголемо“, вели тој и додава дека напредокот кај децата со примена на музикотерапијата не може веднаш да се види.

„Во некои  студии со примена на музикотерапијата врз деца со пореметувања од аутистичен спектар, кои добивале еден час неделно, воочен е напредок после 10 месеци терапија. Треба да се знае дека музиката и мозокот добро функционираат заедно такашто во мозокот можеме да ги допреме тие центри за ритам и да се придвижат рефлексите и моторните вештини на лицата со посебни потреби.  Музикотерапијата може да помогне во комуникацијата, движењето, емотивниот развој, друштвениот развој, когнитивниот развој и така натаму“, ни раскажа овој татко, кој и не сака да биде во центарот на вниманието на јавноста, но за своето и за сите други деца како Ембла би направил сѐ. Да се надеваме дека случајот со Ембла нема да му се повтори на ниту едно друго дете.

Повеќе