Јаглерод моноксидот е невидлив убиец: Чадот за време на пожар е често причина за труење и смрт
Чадот за време на пожар е често причина за труење, кое може да биде фатално, а најчесто се јавува кај луѓе кои го вдишуваат во затворени простори. Без навремена медицинска помош, едно лице може да ја изгуби свеста, да доживее епилептичен напад, да падне во кома или да почине во рок од неколку минути.
Јаглерод моноксидот (CO) е гас без боја, без вкус и мирис, кој настанува со согорување на материјали што содржат јаглерод. Труењето со овој гас може да има сериозни последици, вклучително и смрт.
Извори на јаглерод моноксид и ризици од изложеностa
Главните извори на јаглерод моноксид вклучуваат:
мотори на превозни средства (автомобили, камиони, мотоцикли)
домашни апарати кои согоруваат гориво (шпорети, печки, скари, греалки на гас, бојлери, фенери и сушари за облека)
мали бензински мотори (косилки, генератори)
чад за време на пожар (кај луѓе кои вдишуваат чад во затворени простори често се јавува труење).
Ризикот е особено висок во простории со слаба вентилација, бидејќи CO може брзо да достигне опасни нивоа. Околу една третина од смртните случаи поврзани со јаглерод моноксид се случуваат додека жртвата спие, бидејќи симптомите не се воочливи на време.
Како CO влијае на телото
Кога вдишуваме јаглерод моноксид, тој брзо поминува од белите дробови во крвотокот и се врзува за хемоглобинот, молекулата која го пренесува кислородот низ клетките. Бидејќи CO има многу посилна способност да се врзува за хемоглобинот отколку кислородот, тој ја спречува нормалната оксигенација на ткивата. Ова доведува до гушење на клетките, особено во виталните органи – мозокот и срцето.
Покрај тоа, јаглерод моноксидот може да дејствува директно како отров, нарушувајќи ги хемиските процеси во клетките и предизвикувајќи сериозна штета.
Симптоми на труење со јаглерод моноксид и како да ги препознаете
Симптомите зависат од нивото на CO во воздухот, времето на изложување и општата здравствена состојба на лицето. Високите концентрации на јаглерод моноксид може да предизвикаат:
главоболка
отежнато дишење
конфузија
слабост
Неспретност и тешкотии при одењето
гадење и повраќање
брзо дишење и болка во градите
промени во однесувањето и емоциите
неправилна работа на срцето.
Без навремена медицинска помош, едно лице може да ја изгуби свеста, да доживее епилептичен напад, да падне во кома или да умре за неколку минути.
Долготрајната изложеност на ниски нивоа на CO може да предизвика:
главоболка
замор и слабост
симптоми слични на грип
нарушување на спиењето
проблеми со видот и концентрацијата.
Луѓето кои се хронично изложени на пониски нивоа на CO може да развијат постојани невролошки проблеми, вклучително и оштетување на меморијата.
Итна помош и дијагностика
Доколку постои сомневање за труење со јаглерод моноксид, лицето треба веднаш да се однесе на свеж воздух и да се повика брза помош. Задолжително проверете ги пулсот и дишењето, а доколку лицето е во несвест, применете вештачко дишење.
Лекарите ќе ги анализираат нивоата на кислород и карбоксихемоглобин во крвта. Во зависност од симптомите, може да се направат дополнителни тестови, како што се ЕКГ (за проблеми со срцето) и скен на мозокот (МРИ или КТ) кај невролошките симптоми.
Бремените жени се особено изложени на ризик бидејќи јаглерод моноксидот посилно се врзува за феталниот хемоглобин, што може да го загрози бебето. Во овие случаи неопходен е итен лекарски преглед со дополнителни тестови за следење на состојбата на плодот.
Како телото се чисти од јаглерод моноксид?
Телото го отстранува јаглерод моноксидот од крвта преку белите дробови. На свеж воздух потребни се 4 до 6 часа за да се преполови нивото на CO во крвта. Ова време значително се скратува доколку лицето се стави на терапија со кислород, со што се зголемува внесот на кислород и се забрзува елиминацијата на CO. Често се користи хипербарична комора бидејќи третманот под висок кислороден притисок дополнително помага кај тешки случаи.
Закрепнување и долгорочни последици
Брзината и успехот на закрепнувањето зависат од сериозноста на труењето. Во благи случаи, симптомите исчезнуваат по неколку часа или денови, но потешките случаи може да остават долготрајни последици.
Можни компликации по труење со јаглерод моноксид се:
проблеми со меморијата и концентрацијата
нарушувања на расположението (депресија, анксиозност)
главоболки
слепило или губење на слухот (во ретки случаи)
кај бремени жени – ризик од оштетување на плодот или церебрална парализа кај детето.
Луѓето кои претрпеле сериозно труење со CO може да имаат последици со месеци или дури со години по инцидентот.
Во некои случаи, рехабилитацијата вклучува физикална терапија и когнитивни терапии за обновување на менталната функција.