Како бабите и дедовците ги саботираат родителите?

Огромната љубов на бабите и дедовците кон своите внуци понекогаш води до „мали“ проблеми за родителите! Еве како бабите и дедовците често несвесно ги саботираат родителите …

425

Нема подобра улога во животот од онаа на бабите и дедовците. За децата, бабите и дедовците се вистински благослов и обратно. Една неодамнешна студија покажала дека бабите и дедовците кои повеќе се грижат за своите внуци и поминуваат повеќе време со нив, живеат дури пет години подолго.

Меѓутоа, понекогаш бабите и дедовците можат да им создадат малку проблеми на младите родители. Велат дека да се биде баба и дедо е вистински подарок затоа што можете да се опуштите со вашите внуци и никој нема вас да ве обвини за грешки во воспитувањето.

Експертите пишуваат за начините на кои бабите и дедовците можат несвесно да ја „саботираат“ напорната работа на родителите и како треба да постапат родителите во тие моменти.

Им даваат премногу слатки

Бабите и дедовците едноставно уживаат во детството на вашето дете и повеќе не мора да ја извршуваат тешката улога на родител и да бидат строги. Затоа тие се многу благи кон своите внуци. Понекогаш може да се налутите или да се разбеснете кога ќе дознаете дека дедото му дал на внучето непосредно пред вечера крофна, само затоа што тоа посакало.

Пред да полудите целосно, сетете се дека ним им е забавно да разгалуваат некого што го сакаат без да имаат никаква одговорност за тоа. Дедото сигурно не ја разбира сериозноста на проблемот и не гледа проблем да му даде на детето крофна пред вечера. Се прашувате што можете да направите како родител?

Ако знаете дека бабите и дедовците не можат да одолеат без да му угодат на внучето, пред да го оставите детето кај нив, оставете им и работи што му се дозволени на детето. Друга опција е да им објасните дека детето со слатки ќе си го расипе апетитот и дека нема да може да вечера нормално и дека најверојатно ќе гладува во текот на ноќта.

Им дозволуваат работи кои инаку не им се дозволени!

Бабите и дедовците едноставно не можат да бидат строги со своите внуци и не го очекувајте тоа од нив. Немојте да се изненадите кога ќе ги видите како се смеат на белјите на внуците. Всушност, бабите и дедовците едноставно не сакаат да бидат строги. Но, ако вашето дете поминува многу време со нив, сигурно сте се запрашале што можете да направите, за вашите методи на воспитување да не паднат во вода?

Едноставно е, ако бабите и дедовците не можат да го дисциплинираат детето и да ги почитуваат вашите правила, побарајте од нив да ги предупредат децата дека сите белји што ќе ги направат во текот на денот ќе им бидат пренесени на родителите, па децата ќе знаат дека последици заради лошото однесување сепак ќе има.

Им кажуваат непријатни работи за вас

За да го направат престојот на децата во нивниот дом што е можно позабавен, бабите и дедовците понекогаш им кажуваат на децата што правеле нивните деца кога биле помали. Приказните за вашето растење честопати можат да бидат засрамувачки, особено ако бабите и дедовците зборуваат за белјите што сте ги направиле, за кои не сакате некој друг да дознае, особено не вашите деца.

Можеби се прашувате зошто имаат потреба да го прават ова? Едноставно кажано, бабите и дедовците или сметаат дека овие приказни се смешни или едноставно сакаат да се вратат во времето кога сте биле деца. Што и да е причината најверојатно не е злонамерна и не треба да ве загрижува!

Повеќе