Како да се потикнува развојот на говорот кај децата

Значајно е да го почитуваме и следиме темпото на детето, но истовремено е значајно и да го подржуваме и потикнуваме развојот на говорот.

1.158

Родителите честопати се загрижени доколку нивното дете не започне да зборува во очекуваниот период, но секое дете ги поминува развојните фази на говорот со индивидуално темпо. Со комуникацијата децата учат како да ги изразат своите желби и потреби, мисли и чувства, и секојдневно се во процес на совладување на зборувањето на начин кој е прифатлив и разбирлив за средината. Возраста помеѓу две и три години е особено значајна за потикнување на говорот кај децата и за неговиот правилен развој. Некои деца започнуваат да зборуваат и пред втората година, а некои започнуваат при крајот на третата година. Значајно е да го почитуваме и следиме темпото на детето, но истовремено е значајно и да го подржуваме и потикнуваме развојот на говорот.

На говорниот развој влијаат органски, психички и социјални причинители

Органски предуслови се говорниот апарат, добар слух, созревање на мозочната кора;

Психички фактори се развојот на вниманието, претстава, учење и мислење кои се во взаемна врска со говорот и емоционалната стабилност;

Социјални фактори се говорната средина, стимулација на имитацијата и севкупната активност на детето.

Значајно е родителот да има на ум дека станува збор за процес за кој е важно да развива и негува трпеливост, да биде активен слушател и соговорник и да развие поврзаност и топол подржувачки контакт со детето кој ќе го охрабри да се впушти во светот на вербалниот говор.

 Како да го стимулирате развојот на говор?

Читајте книги и пејте песнички

Со читањето се развива говорот и фантазијата, а со раскажувањето децата почнуваат побрзо да спојуваат зборови и да кажуваат реченици. Детското внимание може да го привлечете со приказни и песнички кои е лесно да се запомнат. Значајно е да читате приказни со децата и од тоа да направите секојдневен ритуал, наутро или навечер. Заеднички изберете ја книгата и потоа разговарајте кратко за прочитаното. Добро е детето да гледа во сликите од книгата, на секоја страна покажете на сликите, поставувајте прашања и помогнете со описот, во одговорот.

Намалете го времето што го поминува детето пред екраните ( телевизор, телефон, компјутер, таблет).

Комуникацијата тука е едносмерна, детето е во пасивна улога, детето слуша меѓутоа кај него не се развива потреба за говор. Кога веќе поминувате време пред екраните секогаш кога можете гледајте цртани или емисии на мајчин јазик и потоа разговарајте за гледаниот цртан, поставувајте прашања, давајте дополнителен опис  на она што сте го гледале. Детето има потреба од интеракција, игра, движење и гласот на блиските членови во семејството е најсилното средство за стимулација на говорот.

Разговарајте со детето

Разговорот е клучен во стимулација на говорот. Користете кратки реченици, едноставни зборови, и менувајте ги улогите на говорник и на слушател и секогаш кога е можно, гледајте го детето во очи кога му се обраќате. Децата учат по пат на имитирање,  и е важно да се опише се што правиме со детето и со тоа ќе им го збогатиме нивниот речник. Иако детето на рана возраст повеќе разбира одколку што може да се изрази,  важно е да бидете трпеливи и да го почекате одговорот на детето, важно е да зборуваме но истовремено е важно детето и да слуша и да му дадеме шанса да зборува.

Запомнете, децата најлесно учат низ игра, збогатете го нивниот речник преку разни видови игри кои ќе им бидат забавни.

Искористете ги темите кои им се интересни на децата. Доколку детето сака животни користете ја секоја прилика да зборувате за животните во книгите и животните кои ги среќавате во секојдневното живеење.

Креирајте можности кога детето ќе зборува – искористете ги приликите кога вашето дете сака нешто.

За почеток можете да ја ставите омилената играчка на место каде што можат да ја видат но не можат да ја дофатат. Доколку детето ви покажува со прст, но не користи зборови за да ја побара, можете да му кажете: „ Ја сакаш црвената кола? Повели, еве ја црвената кола“.

Потоа додавајте зборови: „Еве ја црвената убава кола… еве ја црвената голема кола“.

Секогаш именувајте ги предметите што ги користите и употребувајте едноставни зборови кои можат да ги разберат и да ги имитираат.  Ова ќе им помогне да разберат како да ја употребат комуникацијата и зборувањето за да побараат помош. Истото можете да го направите со храна, кога е време за ужинка, да ја ставите на видно место и да почекате децата да ја побараат ужинката.

Пофалете го детето кога ќе изговори правилно некој збор.

Бидете внимателни со тестирањето и корегирањето. Испрашувањето и тестирањето кои зборови ги научил правете го дозирано и секогаш кога е можно правете го тоа преку игра. Кога ќе го корегирате детето за зборот кој го изговара погрешно, повторете го зборот со Да, наместо со Не.

Кога сакате да го охрабрите детето во она што го прави, како што се збогатува речникот кај нив, можете наместо само “Браво”, да бидете конкретни за кое однесување давате пофалба и да користите повеќе зборови: „Браво што кажуваш благодарам”, „Ми се допаѓа тоа што велиш – те молам“.

Поттикнувајте игра, движење и интеракција кај детето и не заборавајте да негувате трпеливост во овој процес на развој на говорот, дајте му време на вашето дете да најде зборови за неговите идеи и потреби. Опишувајте, слушајте, повторувајте, имитирајте и учете преку игра!

Ирена Жунуглова, психолог и гешталт психотерапевт (Супервизор на линијата за родители )

Повеќе