Како да се разговара отворено со тинејџерите?

Разговорот со тинејџерот може да биде исклучителен предизвик за родителот. Да го натерате тинејџерот да зборува за тоа што го мачи, може да биде тешка задача.

752

Тинејџерите се во период на адолесценција кога личноста преминува од детство во зрелост и кога е потребно да постигне независност и да функционира како возрасен човек.

За детето да стане возрасна личност, потребно е да се приспособи на физичките промени кои се случуваат во пубертетот и адолесцентниот период, да се осамостои од родителите и да воспостави односи со околината, градејќи го својот идентитет. Ова е период од животот кога се гради и сексуалниот идентитет. Период кога тинејџерите не знаат како до крај да ги регулираат и да се справат со своите емоции, поради што знаат да превземаат ризици и да носат импулсивни одлуки. Ова значи дека искрениот однос помеѓу родителот и детето во тинејџерските години е поважен од кога било. Но, тинејџерите честопати не се многу љубезни и го отфрлаат тоа што тие го сметаат за „мешање“ од страна на родителите. Тинејџерите често така се однесуваат со луѓето кои најмногу им се допаѓаат и им веруваат, не затоа што ги мразат, туку затоа што се чувствуваат збунети. Ова е период и фаза што ќе помине, но сепак, и во овој период од развојот на Вашето дете, Вашата улога како родител продолќува да биде од витално значење, само улогата малку се променила. Потребно е на тинејџерот да му даадете простор за самостојно учење и осознавање на животот, а сепак да бидете тука за него/ неа, да бидете поддршка и да продолжите да го учите како да биде возрасен.

Некои тинејџери лесно поминуваат низ овој период. На други пак им треба поголема поддршка. Вие како родител е потребно да му помогнете на Вашето дете да разговара со Вас за тоа што го загрижува. Тинејџерите често се загрижени дека доколку се отворат на возрасниот, работите можат да се влошат. Треба да бидете јасен/на дека сакате да му/ѝ помогнете и дека нема да направите ништо што тој/ таа не сака. Еве неколку совети кои можат да Ви помогнат да остварите и одржувате отворена релација со Вашето дете, во која тинејџерот ќе се чувствува сигурен да се потпре и да Ви се обрати за разговор:

Учествувајте во заеднички активности – на тој начин можно е полесно да остварите контакт со вашиот тинејџер. Размислете што сака да прави и најдете начин во тоа да уживате заедно – гледајте заедно филм, изиграјте заедно видео игра, погледнете некое видео кое му е интересно, одите заедно на прошетка. Кога на овој начин ќе отворите некоја тема, природно се отвара можност и за подлабоки разговори. На пример, додека се возите во автомобил дозволете вашето дете да ја избере музиката која ќе ја слушате. Со тоа му давате до знаење дека изборите што ги прави и неговото мислење се значајни за вас и дека ги почитувате.

Поставувајте конкретни прашања – Кога тинејџерот не кажува многу детали за својот живот, обидете се да прашувате на покреативен начин. Не прашувајте само: „Како ти помина денот?“ Наместо тоа, прашајте за нешто конкретно.  Што те изненади денес?; Што ти беше денес најинтересно на училиште? Дали се случи нешто неочекувано? Обидете се да прашате како поминал одреден тест или каков е новиот тренер на неговиот пријател/ка или некој друг детал што можеби неодамна го спомнал. Со тоа што се поконкретени вашите прашања, му давате до знаење на тинејџерот дека навистина обрнувате внимание, навистина сте го слушале и навистина се грижите. И секако, не ги поставувајте истите прашања секој ден.

Кога не се согласувате пробајте со тебе – јас – ние пристапот:

Јас те слушам ТЕБЕ и ја разбирам твојата перспектива (дури и ако не се согласувам со неа)

ЈАС ја споделувам мојата перспектива како родител (дури и ако ти не се согласуваш со неа)

Потоа НИЕ ќе го одбереме решението заедно.

На пример, доколку сте загрижени и лути поради новиот партнер/ка на Вашето дете, наместо да почнете „со предавања“, започнете со прашањето: „Можеме ли да зборуваме за тоа што се случува овде? Потоа ислушајте го и обидете се да се откажете од било какви однапред смислени идеи или пресуди. Покажете му дека го почитувате со тоа што ќе му дадете шанса да објасни без да го прекинувате. Откако ќе ја каже својата страна, објаснете му го вашето гледиште. Објаснете зошто неговото однесување ве вознемирува? Какво влијание гледате дека имаат неговите постапки? Направете го тоа што е можно помирно. Конечно, вие двајца заедно треба да преговарате за решение: што, кога и колку.

Слушајте – доколку не сте сигурни како да разговарате со тинејџер кој се затвара во себе, пробајте да зборувате помалку. Тинејџерите не сакаат родителите „да им попуваат“, но сакаат да ги слушнете како се чувствуваат и што мислат.

Внимавајте на чувствата на тинејџерот – Уважете го чувството на вашето дете, тинејџер. Дајте му до знаење дека го разбирате и дека секој може да се чувствуа, пример лут или љубоморен. Секако обрнете внимание како се однесува детето при одреденото чувство. Вие како родител му помагате да научи како возрасно да се справува со своите чувства и како да се однесува согласно нив.

Фалете го често – Пофалбите е добро да бидат чести и специфични, на пример, дека бил одличен на одредениот тест или проект. Детето на тој начин добива потврда за неговото дело, но и потврда дека му обрнувате внимание.

Помогнете му на вашиот тинејџер да размслува за себе, наместо вие да бидете „експерт“ за неговиот живот – охрабрете го да размисли за позитивните и негативните страни на своето однесување; разговарајте за влијанието на личните избори врз однесуавњето; помогнете му/ѝ да размислува критички, да почувствува дека може сам/а да се справи со животните предизвици.

Пишува: Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник, супервизор на Линијата за родители

Повеќе