Како да зборуваме со децата за кризни ситуации?

Многу родители сакаат да ги поштедат и да ги заштитат своите деца од непријатностите и стравот, поради што избегнуваат да водат со нив разговор на тема – војна, смрт и слично. Сепак, децата заслужуваат да знаат што се случува околу нив.

473

Во ова време на земјотреси, пандемија, војни, родителите се ставени пред се’ поголеми предизвици и задачи, меѓу кои и онаа како да разговараат со своите деца за и во овие кризни ситуации, кои се дел од нашето секојдневие.

Многу родители сакаат да ги поштедат и да ги заштитат своите деца од непријатностите и стравот, поради што избегнуваат да водат со нив разговор на тема – војна, смрт и слично. Сепак, децата заслужуваат да знаат што се случува околу нив. Важно е како родител да бидете отворени за раговор со детето. Секако, тоа направете го на начин кој е соодветен и одговара на неговата возраст.

Во понатамошниот текст е дадено можно однесување, односно реакција на кризна ситуација спрема возраста на децата, како и совети за родителите што можат да направат по тоа прашање:

  1. До петгодишна возраст, детето не е во состојба да рационализира што се случува околу него. Кај детето може да се јави анксиозност, повремени тантруми (изливи на бес), регресивно однесување (или продолжување на однесувањето кое го надраснало), страв да заспие, кошмарни соништа. Вие, како родител, гледајте да избегнете да разговарате и да гледате вести на таа тема пред детето. Доколку се сомневате дека детето нешто знае, можете да го прашате и да видите и процените дали треба дополнително да разговарате. Важно е Вашата порака цело време да биде дека сте вие сигурни како семејство. При тоа користете конкретни едноставни поими, разбирливи за детето. Гушнете го, играјте со него, правете се’ што вообичаено му помага на детето да се чувствува пријатно и сигурно.
  2. Децата од 6 – 12 години до некаде можат да ги разберат и рационализираат настаните. При справување со стресниот настан, децата на оваа возраст често користат фантазија. Склони се кон чувство на вина, бидејќи мислат дека можеле да спречат некои негативни настани. Како можно однесување на оваа возраст може да се јави намалена концентрација и фокус, анксиозност, елементи на хиперактивност, пелтечење, пореметување во исхраната, главоболка и болка во стомакот, агресивни испади, проблеми со спиењето, кошмарни соништа и регресивно однесување. Доколку детето покажува знаци на вознемиреност, повикајте го на разговор. Постарите деца слушаат за проблемите поврзани со насилство, криминал, војна, на социјалните мрежи. Пред да почнете да објаснувате, обидете се да дознаете што детето знае за да не го вознемирите дополнително. Поставете му прашања од каде слушнало, што знае и што мисли за тоа. Објаснете му го контекстот и понудете му перспектива; објаснете му различни околности за одредениот проблем. Ова е процес кој на работите им дава смисла и ги прави појасни. Важно е детето да може да ги разбере и негативните и непријатните работи. За да разговараат за моќните емоции што може да ги предизвика човечкото страдање, децата мора да научат да се дистанцираат од ужасните настани и да ги разберат основните причини, а можеби и да се вклучат во значајни начини за да ги подобрат работите.
  3. Децата и младите од 13 – 18 години разбираат што се случува и какви последици може да имаат настаните. На оваа возраст веќе се случуваат одредени промени во адолесценција, поради што тие се уште повеќе погодени од кризните ситуации. На оваа возраст може да се јави самоповредување, анксиозност, нервоза и недостаток на концентрација, повлекување, психосоматски нарушувања, употреба на дрога. Вие како родител можете да си претпоставите дека детето е информирано, но не претпоставувајте дека знаењето на детето е од проверени извори. Тинејџерите добиваат многу информации од онлајн извори, како што се социјалните мрежи, кои можат да бидат погрешни. Сепак, важно е да го почитувате знаењето и способноста за самостојно учење, бидејќи тоа е процес кој е потребно да го поттикнувате кај Вашето дете. Сè уште ќе треба да ги пополните празнините, да понудите малку историја и да споделите што знаете. Средношколските години може да бидат тешки, бидејќи тинејџерите почнуваат да ги отфрлаат идеите на нивните родители. Охрабрете го Вашето дете да ги поддржи своите идеи со извори, а не само да повторува што другите кажале. Прифатете го изворот на детето, но проширете ги неговите/ нејзините хоризонти. Научете го детето да го преиспитува тоа што го гледа. Понудете му надеж. Промените на расположението се карактеристика на тинејџерските години, а изложеноста на тажни и депресивни вести и војна преку социјалните мрежи може да ги направи тинејџерите вознемирени и загрижени. Разговарајте за начини како да дадете придонес во оваа криза. Тоа е начинот на кој ја зголемуваме издржливоста кај сите нас.

Доколку забележите некое од горенаведените однесувања кај Вашето дете, поттикнете раговор, но не го притискајте и присилувајте да разговара со Вас, туку следете го детето и неговите потреби. Секако доколку однесувањето или симптомот е изразен до степен да го пореметува секојдневното функционирање на детето, побарајте професионална интервенција, со цел да се спречат компликациите што може да се развијат. Инаку, обратете внимание кога детето ќе изрази желба за разговор и бидете спремни, достапни и отворени. Одговорите нека бидат кратки и јасни. Не ги избегнувајте прашањата што Ви ги поставува детето. Кога децата гледаат дека одговорите не го плашат родителот, можат да се смират.  Ваша задача како родител е да им потврдите дека се сигурни, бидејќи од витално значење за детето е да се чувствува сигурно.

Пишува: Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник, супервизор на Линијата за родители

Повеќе