Како може пелените за еднократна употреба да бидат градежен материјал?

Научниците поставиле хипотеза како искористените пелени за еднократна употреба можат да заменат дел од песокот во бетонските мешавини што се користат во градежништвото.

91

Во потрага по одржливи решенија и поевтини домови во Индонезија, научниците од една од најнаселените земји во светот поставиле хипотеза како искористените пелени за еднократна употреба можат да заменат дел од песокот во бетонските мешавини што се користат во градежништвото.

Пелените за еднократна употреба обично се направени од дрвена пулпа, памук, вискоза и пластика (полиестер, полиетилен и полипропилен). Поради оваа мешавина на материјали, употребените пелени за еднократна употреба главно се носат во депонии и се горат.

Во моментов, клучниот чекор во процесот на рециклирање на пелени е да се одвојат пластичните компоненти од органските влакна, велат авторите на студијата објавена во списанието Nature.

Ова бара многу комплицирани процедури, вклучувајќи собирање, сечење, дезинфекција и сортирање на компонентите. Со оглед на тешкотиите кои се вклучени во целиот процес, само неколку компании во моментов се заинтересирани за рециклирање на пелените.

Сисванти Зураида, научник од Универзитетот Китакјуку во Јапонија, и нејзините колеги подготвиле примерок од бетон и малтер со комбинирање на измиен, исушен и иситнет отпад од пелени за еднократна употреба со цемент, песок, чакал и вода.

Примероците биле тестирани 28 дена. Авторите на студијата тестирале шест примероци кои содржеле различни пропорции на отпад од пелени за да измерат колкав притисок можат да издржат. Потоа го пресметале максималниот дел од песокот што би можеле да го заменат со пелени во градежниот материјал потребен за изградба на куќа од 37 квадратни метри, што е во согласност со индонезиските градежни стандарди.

Истражувачите заклучиле дека пелените за еднократна употреба можат да заменат десет проценти од песокот потребен за бетонот што се користи за формирање на гредите и столбовите во трикатна куќа.

Уделот на отпадот од пелени се зголеми на 27 проценти од песокот потребен за правење бетонски столбови и греди во еднокатна куќа, 40 проценти од песокот потребен за малтерот во преградните ѕидови, во споредба со девет проценти од песокот во малтер за подови.

Авторите укажуваат и дека постојат одредени ограничувања, односно дека не постои соработка или синџир на снабдување за собирање, перење и дробење пелени за материјални цели. Исто така, потребно е внимателно да се пресмета количеството на иситнет отпад бидејќи тестовите покажале дека разликите од два отсто го загрозуваат интегритетот на структурата, пренесува Good News Network.

Повеќе