Ќе сработам и 100 европски проекти, ама за маж не ме бидува! Професорката Ангела од Охрид ја раскажа љубовната приказна со нејзиниот Франко
Ангела и Франко Паскуале имаат зад себе по еден неуспешен брак и ќерки, тој една, а таа две. Таа е професорка на Факултетот за туризам во Охрид, лидер на охридскиот конвивиум на Слоу фуд Охрид, посветена на кариерата и на бројните европски проекти, а тој има бизнис со извоз на зеленчук и овошје во Италија. Сега, на прагот од шестата деценија, ја живеат својата љубов, велат, судбинска и поголема од Македонија и Италија заедно
Ангела Крстаноска Паскуале е доктор на науки и професорка на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и лидер на охридскиот конвивум на организацијата Слоу фуд кој се формираше на почетокот од оваа година.
Професорката ја имам сретнато на повеќе настани, но кога после подолго време ја видов на најголемиот глобален настан посветен на земјоделството, храната и гастрономијата – Тера Мадре во Торино, изгледаше сосема поинаку.
Не се вели залудно: „Свети! Сигурно e вљубен/а!“
Секако, бидејќи сме само познанички, не ја прашав што ѝ се случува, ама муабетот сепак тргна во таа насока, а таа како едвај да чекаше да раскаже што е тоа што ѝ се случило во изминативе неколку години и поради што е сосема поинаква од претходно. Впрочем, таму не беше сама, па не беше тешко да се претпостави за што станува збор.
Имено, после еден брак и две веќе возрасни ќерки, професорката Ангела ја нашла љубовта на својот живот, и тоа, на прагот од шестата деценија. Ова шеста деценија секако, звучи премногу ако се земе предвид дека тукушто ја начнала истата, но особено ако се земе предвид и тоа како изгледа. А изгледа како да ја начнала четвртата или, ајде да не претерувам, ама барем како тукушто да ја начнала петтата деценија.
Како и да е, додека седевме и пиевме капучино во едно мало италијанско гратче во Пиемонт, Ангела и Франко Паскуале, бизнисмен од Јужна Италија, ни ја раскажаа својата неверојатна љубовна приказна. Или попрецизно, Ангела раскажуваше, а Франко климаше со главата и со обожување ја гледаше својата сопруга.
А таа, сосема искрено и од почеток ни раскажа сѐ за оваа љубов за која вели дека ниту ја посакувала, ниту ја барала, ниту пак ја очекувала. Напротив, не планирала никогаш повторно да се мажи, а нејзините ќерки и онака постојано ѝ велеле дека таа си е доволна сама на себе, мислејќи притоа на нејзината исполнетост со професијата и работата.
„Велат, во животот ништо не се случува без причина…. Љубовта е место каде душата е спокојна, срцето трепери, а среќата ти го обзема телото кое е лесно како пердув за да може да лета. Убаво е кога двете личности кои се сретнале се чувствуваат како едно, како две половини од јаболко пресечено на половина. Но оваа личност која што ја нарекуваат сродна душа е една и единствена на овој свет и ништо не е ниту оддалеку слично како што е тоа разбирањето, посветеноста и восхитеността помеѓу двете половини. Едноставно, живееш за да го направиш својот партнер среќен, без резерва, калкулација или за да добиеш нешто за возврат. Тоа е чувство кое ти доаѓа без посебно да се трудиш или да посакуваш, да сонуваш. Живееш со човекот покрај себе со леснотија, со меѓусебна доверба без ѕидини и со чувство на восхит. Секој момент е посебен….. само да ја допреш неговата рака или да заспиеш безгрижно додека заштитнички те држи во прегратка“, раскажува Ангела со восхит, како сѐ уште да не верува во тоа што ѝ се случило.
Раскажува за себе и за нејзиниот Франко, а звучи како да чита стихови од некој романтичен поет.
„Бев универзитетски професор, со завршен брак зад мене и две ќерки. Кариера што успешно ја градев многу години и желба да ги достигнам висините. Бев горделива и полна со самодоверба. Долго се градев како личност и веќе знаев што сакам точно во животот. Но бев одлучна дека никогаш повторно нема да се омажам. Мојата ќерка често знаеше да ми рече: Мамо ти си си сама себеси доволна! Беше пролет, а јас како по обичај работев некој европски проект за развој на туризмот во Неготино и Демир Капија. Бев отседната во тукушто отворениот хотел „Памела“ во Неготино и го пиев утринското кафе на тераса. Како по обичај ги побарав ќерките да ги слушнам, а погледот ми одлета на соседната маса. Ресторанот беше празен, само јас и еден маж на соседната маса. Двајцата бевме окупирани со сериозни разговори на телефон и оддававме впечаток на двајца луѓе посветени на својата професија. Јас го завршив појадокот, станав и поминувајќи покрај неговата маса, само со очите љубезно се поздравивме. Заминав да ги одржам своите предавања предвидени за тој ден. Следниот ден, истата ситуација, двајцата на појадок во исто време во празен ресторан. Но овојпат кога поминував покрај неговата маса елегантно го повлече столот и ме покани да седнам. Рече дека е Италијанец, бизнисмен и дека работи со извоз на зеленчук и овошје. Му кажав дека во Охрид имаме многу убави цреши и дека може да го поврзам со нашите производители. Го запиша мојот телефонски број и ме испрати до излезот на ресторанот. Беше многу воздржан и сериозен, но очите му беа детски, искрени и немирни. Често во текот на денот додека предавав мислите ми се враќаа кај тој човек. Имаше нешто посебно во него…. но тој не ме побара“, раскажува Ангела.
Таа си продолжила со своето напорно темпо и речиси и заборавила на оваа средба.
„Беше 31 декември 2018 година, а jас инсталирав WhatsApp само една недела претходно. Стигна порака во која ме прашуваше како сум и дали се сеќавам на него. Секако дека се сетив. Следниот ден ми посака среќна Нова година, а потоа нашите разговори станаа секојдневје. Од првиот момент сфативме дека постои нешто магично помеѓу нас, нешто несекојдневно и посебно. Му предложив да дојде повторно за 14 февруари во Неготино, за нашиот Свети Трифун. Ме праша дали може да дојде на 10 февруари во Охрид, а потоа заедно да одиме во Неготино. Нормално, прифатив. Беше многу учтив, шармантен…едноставно, Италијанец. Го одбра 10 февруари зашто тоа беше неговиот роденден, а јас како добра домаќинка организирав убава вечер во прекрасниот ресторан Куба Либре. Следниот ден ги повикав моите три пријателки и им реков: ајде проверете го човеков! Јас ќе сработам и сто европски проекти, но за маж не ме бидува. Вечерта ја помина контролата кај моите другарки и доби зелено светло.
Го прашав зошто чекаше цела година за да ме побараш? Ми рече: Бев зафатен со мојата претходна партнерка од Полска“. Но во ноември 2018 се разделиле. Секоја година на 1 јануари имал ритуал да ја изгори агендата од претходната година и да започне нова агенда (роковник со состаноци и активности), но ете, таа година бил многу зафатен и не го направил тоа, па моето име со мојот телефонски број останале во агендата“, се смее Ангела.
Оттогаш тој го користел секој слободен момент да се врати во Охрид. Бил воодушевен од неговата убавина и од атмосферата, па доаѓал со сите можни варијанти, траект, авион, преку, Милано, Братислава, Бари, Скопје…
Франко потекнува од угледна фамилија, а неговиот татко Антонио Паскуале бил светски извозник на трпезно грозје. По неговата смрт Франко ја презел семејната компанија „Антонио и синови“.
„Воспитан традиционално, со убави манири и големо срце, Франко е најголемиот господин кој го познавам во мојот живот. Опуштен, со италијански шарм и љубов кон убавите нешта, филантроп и голем хедонист за кој едноставноста, префинетоста и респектот се нештата кои ги негува. Делува многу опуштено, но неговиот бизнисменски мозок секогаш прави анализа, сака конкретни работи кои имаат резултати. Неговиот став кон нештата е многу стабилен, аналитички и без брзање. Едноставно, сака да создава нешта кои траат, а тоа се однесува и на пријателствата и на бизнис релациите и активностите во кои максимално се вложува“, го опишува нашата соговорничка својот избраник.
Нивната љубов, вели таа, станувала посебна и секоја разделба почнала да им станува многу болна. Франко бил тој кој бил позагрижен за тоа ќе ја средат нивната иднина, како ќе ја напушти Италија и каква ќе биде нивната врска на релација Македонија-Италија.
„Работите полека се средуваа, а тој уште повеќе се вљубуваше во Охрид. Како бизнисмен ги насети сите потенцијали кои ги поседува овој град, а воопшто не се искористени. Постојано ми велеше: Ние Италијаните да го имавме Охрид, ќе беше попознат од Монте Карло. Веднаш направивме многу убава инвестиција и купивме две прекрасни вили во селото Љубаништа. Едната ја нарековме Villa Butterfly и таа наликува на мене, лепршава и ноншалантна, а другата вила Unika која ја уредивме во уникатен италјански стил со многу уникатни детали и топол амбиент. Подоцна ја купивме и нашата фамилијарна вила која исто така ја уредивме во удобен аристократски стил со посебен сензибилитет кој наликува на нашите души, топли и опуштени, но многу префинети“, вели Ангела.
Го изградиле своето гнездо во Охрид, но исто така често ја посетуваат Италија. А дека во нивната средба има нешто судбинско се потврдило кога еден ден случајно дознале дека со претходните партнери се венчале во ист ден, тој во Бишеље, неговиот град во Италија, а таа во Охрид.
„Дали е тоа судбина или случајност знаат само ангелите. Неговата мајка која за жал почина од корона минатата година и неговата ќерка се викаат Ангела, исто како мене. Животот е чуден и непредвидлив! Во моментот кога бев сама и не верував во љубов тој ми го подари најубавиот подарок, себеси, мојата сродна душа, мојот прекрасен Франко на кој често му велам: Имам две желби, една е да умрам пред тебе, бидејќи јас не знам да живеам без тебе, а другата, да ми бидеш сопруг и следните 10 животи. А тој се смее: Што ако во следниот живот јас сум панда, а ти желка?
Животот е чуден, внимавајте што ќе кажете! Од моментот дека никогаш нема да се мажам повеќе, сега посакувам да бидам мажена и во следните 10 животи“, се смее Ангела и порачува: „Верувајте во убави нешта и бидете свои. Чувајте го детето во себе, вложувајте во своето знаење и вештини и верувајте во чуда! Животот е чуден и секогаш носи изненадувања! Јас секогаш велам, од животот добиваш толку колку што бараш! А јас барам искрена љубов, убави луѓе околу мене…..мал круг на големи луѓе што би рекол Масимо Савиќ. Сакам спокојно да живеам со сите предизвици кои ги носи животот, создавајќи свој микросвет во овој луд и чуден голем свет! Среќна Нова година на сите кои што го сакаат и почитуваат животот!“