Лего ги пушта во широка продажба коцките за слепи и деца со слаб вид

Едукативните комплети првично беа лансирани во 2020 година, но беа дистрибуирани само преку Фондацијата Лего до организации специјализирани за образование на децата со оштетен вид. Сега, можете да купите комплет за сопственото домаќинство во англиска и француска верзија.

129

Лего прави голем чекор кон инклузивноста. Брендот, познат по своите коцки неодамна објави дека наскоро ќе ги направи достапни за купување брајовите коцки дизајнирани за слепи и за деца со слаб вид.

Едукативните комплети првично беа лансирани во 2020 година, но беа дистрибуирани само преку Фондацијата Лего до организации специјализирани за образование на децата со оштетен вид. Сега, можете да купите комплет за сопственото домаќинство. Коцките се наменети за деца на возраст од 6 години и нагоре и се „дизајнирани така што секој што е љубопитен за брајовото писмо, без разлика дали е слеп, со слаб вид или нема проблеми со видот, може да се забавува запознавајќи се со Брајовиот систем дома со членовите на своето семејство на разигран, инклузивен начин“, се вели во соопштението на брендот.

Зголемувањето на достапноста на овие брајови коцки ќе помогне да се затвори јазот во различноста на пазарот за играчки и да се создаде поголемо ниво на застапеност за оние со оштетен вид.

„За слепите и слабовидните деца, а и за возрасните, е значајно ако можат да го споделат своето учење на брајовото писмо со луѓето што најмногу ги сакаат. За заедницата на слепите брајовото писмо не е само писменост, тоа е наш влез во независност и вклучување во овој свет, а тоа што Лего Брајовите коцки се достапни за пошироката јавност е огромен чекор напред за да се осигура дека повеќе деца ќе сакаат да учат брајово писмо“, вели Мартин Абел-Вилијамсон, претседател на Светската унија на слепи, во изјавата за Лего. „И бидејќи се заснова на производ што многу семејства веќе го знаат и го сакаат, ова е навистина покана за сите членови на семејството да го имаат можност за забавно градење тактилни вештини и за запознавање со Брајовото писмо користејќи ја истата алатка“.

Комплетот Lego Play With Braille вклучува 287 коцки во пет бои: бела, жолта, зелена, црвена и сина. Комплетот вклучува и две основни плочи за редење и градење, а самата амбалажа има втиснување на брајово писмо. „Сите коцки се целосно компатибилни со другите производи на Лего, а столпчињата на секоја коцка се наредени да одговараат на броевите и буквите во брајовиот систем, а печатената верзија на симболот или буквата се наоѓа под столпчињата“, се вели во соопштението за печат.

Мајката на две деца Лиза Тејлор за соопштението за печат, сподели што направиле овие коцки за нејзините две ќерки – Оливија (7) која е слепа и Имоген (4).

„Да се има комплет дома менува сè. Можеме да играме со Брајово писмо заедно како семејство и таа може да ѝ го претстави брајовото писмо на нејзината мала сестра на начин на кој и двете го сакаат“, изјавила Тејлор. „Лего брајовите коцки се достапни за неа без да бидат навистина различни за другите деца, така што таа може да игра и учи исто како и секое друго дете“.

Комплетот Лего од англиски Брајови коцки е достапен сега за нарачка пред датумот на лансирање на 1 септември, како и француската верзија. Германските, италијанските и шпанските верзии ќе бидат достапни на почетокот на 2024 година.

Текстот е од ТУКА.

Повеќе