Најважните препораки за дете со дијабетес кое оди на училиште

Соодветната грижа за контрола на гликозата во крвта е исклучително важна, но и стресна, како за детето и неговите родители, така и за училишниот персонал.

151

Подготовката на детето за на училиште бара одредено време секој ден, а особено кога станува збор за дете кое боледува од дијабетес. Бидејќи децата поминуваат значителен дел од денот на училиште, соодветната грижа за контрола на гликозата во крвта е исклучително важна, но и стресна, како за детето и неговите родители, така и за училишниот персонал.

Ви ги пренесуваме најважните факти на кои треба да внимавате кога станува збор за престојот на дете со дијабетес на училиште.

Запознајте го училишниот персонал со здравствената состојба на вашето дете

Важно е да се нагласи дека секое дете различно се справува со болеста. Затоа, важно е да го запознаете наставниот и другиот персонал кој се грижи за вашето дете во текот на денот со специфичностите поврзани со грижата за состојбата на детето.

Објаснете им го целниот распон на гликозата во крвта

Наведете дали на вашето дете му треба помош при мерење на нивото на гликоза.
Запознајте ги со специфичните симптоми на хипогликемија кај вашето дете, како и начините за решавање на овој проблем.
Запознајте ги со распоредот на земање инсулин или други лекови што вашето дете ги зема.
Објаснете им го планот на дневните оброци или закуски на детето, како и дозволената храна во посебни ситуации, како што се роденденски прослави.
Запознајте ги со специфичностите за следење на гликозата при физичка активност на училиште, како и со евентуалната потреба за корекција на дозата на инсулин.

Исхрана на училиште

Повеќето училишта денес имаат организирани оброци. Сепак, пред да се одлучите за оваа опција, задолжително проверете го квалитетот и соодветноста на оброците подготвени во училишната кујна за вашето дете. Ако се одлучите за опцијата за училишен оброк, обидете се однапред да се договорите менито за следната недела да ви биде доставено за да можете да ги испланирате потребните дози на инсулин. Ако мислите дека исхраната на училиште не е соодветна за вашето дете, па самостојно ќе подготвувате оброци за на училиште, не заборавајте да подготвите дополнителен оброк во деновите кога детето има час по физичко или поради некоја причина останува на училиште. подолго време од вообичаено.

Што да се прави во случај на хипо и хипергликемија за време на часовите?
Хипогликемија

Состојбата со ниска гликоза во крвта може да се појави многу брзо и треба веднаш да се реагира. Хипогликемијата се јавува како резултат на прекумерна доза на инсулин, одложување на оброците, недоволно количество оброци или прекумерна физичка активност. Ако детето има уред за континуирано мерење на гликоза во крвта, тогаш уредот ќе предупреди кога ќе се појави хипогликемија. Симптомите варираат од дете до дете, така што училишниот персонал треба да биде свесен за специфичните симптоми на хипогликемија кај вашето дете.

Состојбата на хипогликемија најчесто вклучува симптоми како што се:

треперење
нервоза или анксиозност
потење и морници
раздразливост или нетрпеливост
глад или мачнина
заматен вид
слабост или замор
вртоглавица и тешкотии со концентрирање
лутина, тврдоглавост или тага
Благите форми на хипогликемија се честа појава, па затоа детето секогаш треба да има во ранецот извор на јаглехидрати со брзо дејство и некој помал оброк.

Хипергликемија

Причината за хипергликемија за време на часовите може да биде стресна ситуација, продолжен одмор или несоодветна доза на инсулин. Затоа, потребно е однапред да се договорите со наставникот како да се реагира на оваа ситуација. Покрај дополнителна доза инсулин, во некои ситуации може да помогне и физичката активност, како што е одење по скали. Ако овие состојби се случуваат често, не заборавајте да разговарате со дијабетологот на вашето дете за корекција на дозата на инсулин.

Урамнотежувањето на обврските околу самата болест со напорниот училишен распоред е прилично тежок предизвик за секој родител. Но, со соодветно знаење, искуство и соработка на родителите, наставниците и останатиот персонал во училиштето, можно е да се надминат тешкотиите и да му се овозможи на детето безбеден и среќен престој на училиште, како и соодветен квалитет на живот.

Повеќе