Неколку серии чоколадни Киндер јајца се повлечени од продажба во Англија поради поврзаноста со 63 случаи на салмонела, главно кај мали деца. Агенцијата за безбедност на храна (FSA) соопштила дека сите јајца се произведени во иста фабрика во Белгија.
На луѓето им се препорачува да не ги јадат јајцата од 20 грама или пакувањата од три парчиња со рок на траење помеѓу 11 јули и 7 октомври 2022 година.
Производителот на чоколади Фереро рекол дека ниту еден од неговите Киндер производи пуштени во продажба не бил позитивен на салмонела.
„Ние ги сфаќаме прашањата за безбедноста на храната многу сериозно и искрено се извинуваме заради тоа“, соопштила компанијата, пренесува Би-би-си.
Не се пријавени смртни случаи, а повеќето од 63 случаи на салмонела до денес се меѓу деца на возраст од пет години. Наводно се пријавени неколку случаи во Европа, вклучувајќи ги Ирска, Франција, Германија, Шведска и Холандија.
FSA соопштила дека Фереро доброволно ги повлекува производите како мерка на претпазливост. Било речено и дека компанијата тесно соработува со властите за безбедност на храната за да ја открие точната причина за избувнувањето на инфекцијата со салмонела. Се верува дека другите производи на Киндер се неконтаминирани, додава FSA.
Агенцијата објавила во предупредувањето дека истрагите на јавните здравствени тела „нашле врска помеѓу пријавените случаи на труење со салмонела низ Англија и специфичен производ на Фереро“.
„Знаеме дека овие производи се популарни кај малите деца, особено кога се приближува Велигден, затоа ги повикуваме родителите и старателите да го проверат рокот на траење на производите наведени на пакувањето“, додала Тина Потер од FSA.
Др. Лесли Ларкин од Британската агенција за здравствена безбедност рекла дека симптомите на салмонелоза, кои може да вклучуваат дијареа, грчеви во стомакот, гадење, повраќање и треска, „обично исчезнуваат сами по себе во рок од неколку дена“.
Таа додала дека симптомите може да бидат посериозни, особено кај малите деца и оние со ослабен имунолошки систем и секој засегнат треба да го контактира својот матичен лекар или брза помош.
Салмонелата може да се пренесе од човек на човек, па др. Ларкин ги советувала сите со симптоми да ги мијат рацете темелно и да избегнуваат допир со храната на други луѓе.