Научниците открија три намирници кои би можеле да го запрат ракот на простата во зачеток

Испитаниците јаделе храна со ниска содржина на омега-6 и богата со омега-3 со додатоци на рибино масло

304


Новото истражување, објавено во Journal of Clinical Oncology, сугерира дека едноставните промени во навиките во исхраната би можеле да помогнат да се намали стапката на раст на клетките на ракот кај пациентите под активен надзор.

Тоа е терапевтски пристап кој вклучува следење на ракот без непосредна интервенција. Научниците откриле дека исхраната со мала содржина на омега-6 масни киселини и висока содржина на омега-3 масни киселини, во комбинација со суплементи од риба, значително ја намалува стапката на раст на клетките на ракот на простата во раните фази на болеста.

Исто така, се покажало дека таквата диета може да го продолжи периодот пред да биде потребна поагресивна терапија, велат авторите на студијата.

Многу мажи со рак на простата со низок ризик избираат активен надзор за нивниот рак на простата наместо да започнат со терапија веднаш по дијагнозата.

Сепак, во текот на пет години, околу половина од нив ќе треба да се подложат на хируршка терапија или терапија со зрачење. Затоа, пациентите се желни да најдат начин да ја одложат таа потреба за терапија, вклучително и да направат промени во исхраната или да земаат додатоци.

Здрави масти или вообичаена масна и висококалорична храна

Научниците спровеле клиничко испитување, наречено CAPFISH-3, во кое биле вклучени 100 мажи со низок ризик или поволен среден ризик на рак на простата кои избрале активен надзор. На испитаниците им било назначено по случаен избор, дали да ја продолжат својата вообичаена исхрана или да следат исхрана со ниска содржина на омега-6 масни киселини и богата со омега-3 масни киселини, дополнета со рибино масло, во текот на една година.

На втората група ѝ биле дадени совети за поздрави алтернативи со помалку маснотии, како што е користење маслиново масло или лимон и оцет за прелив на салатите и обид да се јаде повеќе риба и јаткасти плодови.

Исто така, им било советувано да го намалат внесот на храна со висока содржина на омега-6 масни киселини, како што се чипс, бисквити, мајонез и пржена или преработена храна.

Исто така, на вторите испитаници им биле дадени капсули со рибино масло за дополнително да го зголемат внесот на омега-3 масни киселини, додека првата група не добила никаков совет за исхрана и не земала додатоци од рибино масло.

Побавен раст на клетките на ракот за 15 проценти

За време на студијата, научниците ги следеле промените во биомаркерите, наречени индекс Ки-67, кои покажуваат колку брзо се размножуваат канцерогените клетки, што е клучен предиктор за прогресија на ракот, метастази и преживување.

Анализата на податоците покажала дека по една година, во групата која имала исхрана со ниска содржина на омега-6 масни киселини, висока содржина на омега-3 масни киселини и суплементи од рибино масло, имало намалување за 15 проценти на Ки-67 индекс, додека во контролната група имало 25 отсто пораст на тој индекс. Ова е важен чекор напред во разбирањето како исхраната може да влијае на последиците од рак на простата.

Многу мажи се заинтересирани за промени во животниот стил, вклучувајќи ја и исхраната, за да помогнат во контролата на ракот и да се спречи прогресијата на болеста. Нашето откритие сугерира дека нешто едноставно како мали промени во исхраната би можело да го забави растот на ракот и да го продолжи времето пред да се појави потреба за поагресивни интервенции, вели д-р Вилијам Аронсон, професор по урологија на UCLA и водач на студијата.

Иако резултатите од студијата се ветувачки, нејзините автори не нашле никакви разлики во растот на другите маркери за рак кои вообичаено се користат за следење на прогресијата на ракот.

Повеќе