Климатски промени, војни, поплави, пожари, урагани, земјотреси, опасностите од вештачката интелигенција… Колку повеќе слушаме и читаме вести или гледаме видеа од трагични или заканувачки настани на социјалните мрежи, толку повеќе не обзема чувство на немир и загриженост.
Според неодамнешното истражување на Американската психијатриска асоцијација, 70 отсто од возрасните страдаат од анксиозност предизвикана од глобални проблеми, а генерацијата З (зумерите) е сè позагрижена за климатските промени и нестабилната политичка ситуација во светот.
Премногу трагични наслови
Факт е дека на социјалните медиуми и во сите мејнстрим медиуми, дискусиите за климатските промени и војните повеќе се фокусираат на опасностите и катастрофалните резултати отколку на можните решенија.
Последица од ова е што луѓето се фокусираат само на можните проблеми, кризи, драми и опасности и стануваат сѐ позагрижени. Чувството на вознемиреност и несигурност се во пораст. Според една студија од 2021 година, изложеноста на премногу катастрофални информации може да доведе до стрес, замор и целосна исцрпеност.
Покрај тоа, ова преоптоварување со драматични информации го зголемува чувството на несигурност и може да предизвика наплив на негативни емоции и депресивни симптоми.
Во согласност со ова е и фактот што експертите забележаа голем пораст на депресијата и анксиозноста во последните години, особено кај младите, а особено во периодот по пандемијата до денес.
Во последниве години, климатските промени беа опишани во медиумите како катастрофални, брзи, итни, непоправливи и хаотични. Сите овие термини се користат за да се нагласи важноста и грижата за климатската криза, но во исто време, таквите термини придонесуваат луѓето да се чувствуваат беспомошни и преплавени со негативни емоции.
Бомбардирањето со негативни информации на социјалните мрежи и вестите кои секојдневно стануваат помрачни може да создадат чувство на неизбежна пропаст и да ги наведат луѓето да мислат дека сме осудени на пропаст и дека ништо нема смисла.
Контролирање на симптомите
Експертите тврдат дека најефективниот начин да ги контролирате симптомите на стрес предизвикани од премногу негативни вести е да се фокусирате на создавање нешто, односно на креативна работа и на постигнување на краткорочните цели што сте си ги поставиле наместо на општи цели во далечна иднина.
Чекор по чекор, како што постигнувате мали успеси во остварувањето на вашите дневни или неделни цели, вашата надеж и верба во иднината ќе почнат да се враќаат.