Новогодишна акција на Ways2help: Платете нечија сметка, кирија или подарете нешто

Ways2help е дигитална платформа која е медијатор помеѓу донаторите и хуманитарните организации и социјално загрозените семејства и нејзината мисија е да им помогне на оние кои имаат потреба од тоа – од средства за операции до покуќнина, плаќање на сметки или работа за еден од членовите на социјално загрозените семејства.

750

Дигиталната платформа Ways2Help ги поврзува добротворните организации и луѓето кои имаат потреба од помош и минатата година, на десеттиот Стартап викенд Скопје кој беше фокусиран на решенија за предизвиците и последиците од ковид 19, го освои првото место.

Замислена е како платформа на која сите организации и донатори ќе можат да им помогнат на социјално загрозените семејства и поединци. Покрај можностите за донирање, платформата нуди и опции за волонтерска работа и редовно плаќање на режиските сметки.

Досега преку платформата биле платени 1500 сметки, што е уплата од над 40 илјади евра.

Во тек е и новогодишна акција во чии рамки платформата Ways2Help во соработка со фирми помагаат на семејства кои имаат потреба од помош стака што ги опремуваат со мебел, покуќнина или електронски апарати, како и со облека и играчки за дечињата. Некаде со помош на фирмите како новогодишен подарок се плаќаат и кирија и сметки за струја.

„За најмалите имаме акција за донирање на играчки и таму веќе собравме над 500 играчки за секое дете. Фирмите и донаторите сакаа да придонесат повеќе па по договор и проценка што му треба на едно семејство се организиравме да се покријат и повеќе работи. Фирмите одбираат семејства според состојбата во која се наоѓаат, гледаме каква потреба имаат и им се покриваат сметките и останатите работи од кои имаат потреба“, вели Моника Ризовска, која е дел од тимот на оваа платформа со благородни цели.

Зад ова решение првично стоел тим од петмина луѓе, додека подоцна тимот се проширил и со други волонтери и филантропи, меѓу кои, покрај Моника, се и Марта Толевска, Дина Дамјановиќ, Георге Богдановски, Александра Манолчева, Бојан Ангелески, Андриана Илиевска, Џево Ибраими, Олја Рајчиќ, Селвир Османовил, Ана Секуловска.

Членовите на тимот кои ја почнале платформата на почетокот не се знаеле меѓу себе, но ги поврзала истата желба, а тоа е – да ги спојат своите искуства и да изградат дигитално решение кое ќе биде од корист за сите организации, индивидуи и компании желни да им помогнат на социјално загрозените семејства.

„Кога започнавме со работа не се познававме сите меѓусебно. Заради пандемијата, се немавме видено во живо, но сепак, истата желба и мисија не споија и успеавме да направиме нешто позитивно и за општо добро. Иако сите сме на различна возраст и со доста различна позадина не обединува искуството во невладини организации и работа на хуманитарни проекти. Сите взаемно носиме вредност од различен агол и перспективаи сметаме дека во тоа лежи и успешноста на самиот тим – во комбинацијата од различна експертиза. Она што не поврзува и не прави деноноќно посветени е, ни помалку ни повеќе истата мисија – да креираме позитивна промена и позитивно движење каде заедно ќе си помогнеме сите меѓусебно и долгорочно.

Интересно беше тоа што лани, иако стануваше збор за натпревар, ние сосема изумивме на можноста за победа. Побитна ни беше реализацијата и желбата за позитивна промена, па така, кога не прогласија за победници, навистина бевме изненадени“, вели Моника.

Решението, односно, платформата Ways2help беше изгласана и за едно од најдобрите 54 светски дигитални решенија за помош на социјално загрозени семејства во светот прогласени од Tech stars.

Нашата соговорничка смета дека зад успехот на Ways2help се крие посветеноста и желбата на тимот вистински да се помогне. Желбата, заедно со слухот за сите совети, критики и менторски насоки за подобрувања, неминовно допринеле да се подобрат и да се воведат и нови функционалности на платформата. Креирањето на веб страната, како и сите трошоци за платформата и функционалностите, тие ги покриле самите, од својата заработувачка, а голема помош добиле од медиумите, како и од сите донатори кои и со самото споделување на своите профили на социјалните мрежи помогнале секоја нивна кампања и акција да станат вирални и да допрат до поголем број на луѓе кои се во можност да донираат, да придонесат и да помогнат.

„Од почетокот па сѐ до денес Ways2Help има реализирано голем број на мали индивидуални донации од собирање на средства за операција во износ од 7000 евра до комплетно реновирање на домови на семејства, па сѐ до акциите преку  кои не запознаа најмногу луѓе како: Донирај Конзервирана Храна на која беа донирани  93,2 кг конзервирана храна, 75.8 кг различни прехранбени производи, 3,7 кг хигиенски средства, 27кг облека.

Преку акцијата  Донирај Училишен прибор за неполни три дена успеавме да обезбедиме училишен прибор за 45 деца. Само што започна кампањата, се пријавија голем број донатори и успеавме да обезбедиме ранчиња и училишен прибор за уште 80 деца од социјално загрозени семејства.

#ПлатиСметка пак, е акција која прерасна во една од главните акции на нашата платформа. Со исплатата на заостанатите сметки за струја на некои семејства повторно им беше приклучена електричната енергија која претходно им била исклучена.

Затоа сме им многу благодарни на сите кои ја поддржаа #ПлатиСметка и сите кои направиле донација од самиот почеток досега.

Еден од најинтересните моменти беше кога ја пуштивме првата акција за „Плати Сметка“. Во неполни 6 часа, без никаква објава, за помалку од еден ден сите 19 сметки на 11 семејства беа исплатени. Ние бевме во шок – не можевме да си поверуваме и постојано ја освежувавме веб страната за да се увериме дека тоа е реално. Дополнително неверојатно е чувството кога сте сведоци на радоста на овие семејства кога сфатиле дека повторно имаа светлина и топлина во своите домови.

Среќни сме што има многу луѓе со добро срце, спремни да помогнат и да се најдат едни на други. Човечност и желба за добрина постои. Верувам дека со овие акции си помогнавме и на себе докажувајќи си го тоа – дека само со преземање на работите во свои раце можеме навистина да си помогнеме едни на други“, вели Моника.

Ways2help како платформа е медијатор помеѓу донаторите и хуманитарните организации. Тие немаат сопствена база на податоци за семејства на кои им треба помош, туку нивната улога се состои во тоа да им дадат поддршка и видливост на организациите кои директно им помагаат на социјално загрозените семејства.

„Нашата задача како платформа медијатор е да ги поврземе оние на кои им е потребна помош со соодветната организација Служиме како поврзувач кој дигитално го олеснува процесот. Верификацијата на семејствата и корисниците ја прават нашите партнер-организации. Голем број на луѓе и семејства ни пишуваат преку социјалните медиуми, додека голем број доаѓа и од партнерските организации кои заедно со социјалните работници ја потврдуваат состојбата и веродостојноста на потребата за помош.

Со текот на акцијата ‘Плати сметка’ голем дел луѓе започнаа со пријавување и директно до нас. Наша практика е без разлика каде ни се обратиле, да провериме дали овие семејства се навистина социјално загрозени со помош на социјалните работници и нашиот соработник, организацијата ‘Вистински дела на љубезност’, кои ја преземаат одговорноста за верификација на овие семејства, ги проверуваат и потврдуваат и нивните натамошни потреби, со цел вистински и долгорочно да им помогнеме. Вратите на Ways2help се постојано отворени за оние кои навистина сакаат да помогнат без разлика колку и како, во најмала рака и само со споделување на апелите за помош. Благодарни сме за довербата, посветеноста на сите волонтери и наши организации – соработници кои деноноќно ни пишуваат и ни помагаат да обезбедиме сѐ што е потребно. Доволна е само желба да се помогне“, порачува нашата соговорничка.

Повеќе