Од кога не ве разбудил детски џагор?

Откако еден жител на англискиот град Хал предизвика бурни реакции на социјалните мрежи затоа што се заканил дека ќе повика полиција бидејќи децата што играат на улица пред 7 часот го будат секое утро, се потсетив на моите соседи од детството. Кога ние си игравме на улица тие не прскаа со црево и ни ги дупчеа топките. Какви се вашите искуства?

129

Жител на англискиот град Хал предизвикал бурни реакции откако се заканил дека ќе повика полиција бидејќи децата во летните месеци во 6 часот и 45 минути се веќе надвор и си играат на улица. Но, наместо поддршката што ја очекуваше, неговата жалба наиде на потсмев.

Ова ме потсети на моите соседи од детството, тогаш повозрасна брачна двојка без деца. Редовно кога ние си игравме на улица во исто време додека тие ја прскаа градината, го вртеа цревото кон нас за да не испрскаат и да не избркаат од пред нивната куќа. Ако не дај Боже топката ни отидеше во нивниот двор, можеше да се случи ако се баш нерасположени, веднаш да ја дупнат, а ако се во малку подобро расположение само да ја остават во нивната градина. Во вакви случаи чекавме да се стемни па одевме во мисија за спасување на топката. Да не фатат за време на мисијата беше пострашно од ноќен кошмар. Подоцна, на истите улици порасна и мојот син. Двајцата стари соседи веќе беа починати, а со другите немаше проблеми. Сега како повеќе ниедно дете да не си игра на улица. Тоа е толку ретко што ако некогаш и слушнам детски џагор, можам само да се израдувам. А да, имам во соседството семејство со 3 деца кои си играат најчесто на својата тераса во задниот дел каде што се наоѓа и мојата. Иако се бучни, воопшто не ми пречат, а ако веќе почнат да ми пречат, влегувам дома. Ме потсетуваат на звуците на детството кои речиси и ги заборавивме.

Што се однесува до човекот од почетокот на текстот, тој напишал:

„Кој сосед ги пушта своите близнаци секое утро во периодот од 6 и 45 до 8 часот? Знам дека е летен одмор, но има луѓе кои работат на смени. Се обидов да тропнам на вратата на соседот, но никој не ми одговори. Немаше да биде проблем ако тоа се случува повремено или после 9, но пред 8 е навистина лудо. Ќе тропнам повторно на вратите, ако немам среќа, ќе повикам полиција“, напишал еден човек во локална група на Фејсбук.

Една жена веднаш му одговорила саркастично: „О, не, апсолутна дрскост на децата кои си играат и се забавуваат. Тие треба да бидат затворени во куќата додека не бидеш подготвен да станеш. Сигурна сум дека полицијата би сакала да ја слушне твојата приказна, секако, јави им се“.

Некои му предложиле да земе чепчиња за уши.

„Подобро е да застане целиот свет затоа што работите во смени. Браво за мајката која ги пушта децата да си играат надвор. Ја жалам само затоа што те има за сосед“.

Сепак, некои се согласиле дека децата не треба да се пуштаат надвор пред 9 часот, бидејќи треба да бидат внимателни кон другите.

„Јас сум мајка на две деца и никогаш не сум ги пуштила толку рано. Тоа се вика размислување за другите, а денес ретко го прават тоа”, рекла жената.

Какви се вашите искуства? Ве разбудил ли вас неодамна некој детски џагор?

Повеќе