Овие три екстремни родителски тактики всушност функционираат: Какви биле потезите на родителите на некои многу успешни луѓе

Во интервјуата што ги правела експертката за родителство Маргот Махол Бисноу нашла заедничка нишка: Родителите со кои разговарала им давале на своите деца слобода да ги следат своите страсти, понекогаш до навидум екстремни нивоа, како што се напуштање на домот на рана возраст или напуштање на факултетот.

277

Понекогаш, како родител, ќе се соочите со фактот дека навистина не знаете како да му помогнете на вашето дете да успее. Тоа го вели експертката за родителство, Маргот Махол Бисноу, која интервјуирала родители на 70 високо успешни возрасни луѓе за нејзината книга Raising an Entrepreneur: How to Help Your Children Achieve Their Dreams (Одгледување на претприемач: Како да им помогнете на вашите деца да ги достигнат своите соништа).

Во интервјуата што ги правела, Бисноу нашла заедничка нишка: Родителите со кои разговарала им давале на своите деца слобода да ги следат своите страсти, понекогаш до навидум екстремни нивоа, како што се напуштање на домот на рана возраст или напуштање на факултетот.

„Секоја од овие екстремни работи што ги прават родителите покажува дека родителите го слушаат детето и сериозно го сфаќаат она што детето им го кажува, наместо да мислат дека тие како родители најдобро знаат. Она што е малку тажно е што нивните методи не би требало да се сметаат за екстремни, туку за нормални, вели Бисноу за CNBC.

Еве три примери на екстремни родителски одлуки кои, според Бисноу и родителите што ги интервјуирала, всушност функционираат,

Поддржете ги детските страсти и покрај сомнежите

Растејќи во Сан Франциско, каде што неговиот татко водел популарен ресторан, Џон М. Чу покажал интерес за креативните уметности. Неговите родители сакале тој да избере нешто потрадиционално. Сепак, мајка му му дала камера за да снима домашни филмови од семејните одмори, а неговата страст растела со текот на времето.

Кога бил во средно училиште, мајка му го опоменала дека наместо да работи до доцна навечер на филмовите, треба да се фокусира на училиштето и да престане да губи време.

„Се расплакав и им реков дека не можат да ме спречат бидејќи тоа е она што го сакам. Следниот ден, мајка ми ми даде еден куп книги за снимање филмови и ми рече: „Ако сакаш да го правиш тоа, науче сè за тоа и биди најдобар“, се присетил режисерот.

Бисноу вели: „Не секој ја гради својата кариера од страст, но покажувањето на вашите деца дека верувате во нив може да им ја даде довербата што ќе им биде потребна за да успеат како возрасни, без разлика на патот што го следат“.

Оставете ги децата да си заминат од дома уште на рана возраст
Неколку родители со кои разговарала Бисноу ги пуштиле своите деца од поводник и им дале поголема независност уште од мали нозе. Земете ги на пример родителите на Сајмон Ајзак, извршен директор на фирмата за дигитален маркетинг TaskForce и коосновач на дигиталната платформа Fatherly.

Неговата приказна нема никаква врска со претприемништвото: кога Ајзак бил во средно училиште, му било дозволено да го напушти домот и да помине две години во Колорадо, тренирајќи како скијач.

Ајзак подоцна скијал на натпреварувачкиот дел за колеџот Мидлбери и се надевал дека ќе влезе во олимпискиот тим на САД. Тоа никогаш не се случило, но искуството директно влијаело на неговиот претприемачки успех, тврди Бисноу.

„Тоа ниво на страст за нешто го научило на решителност и фокусираност, напорна работа и сите работи потребни за да успее во животот. Знам дека било тешко за неговото семејство да го пушти да си оди, но тие го направиле тоа“, забележува таа.

Реагирајте добро на напуштањето на факултетот
Не секој што ќе го напушти факултетот со претприемачки соништа ќе стане следниот Бил Гејтс или Марк Цукерберг.

Мајката на Мет Муленвег секако била внимателна. Нејзиниот син немал компанија во 2004 година кога рекол дека сака да се откаже од Универзитетот во Хјустон по две години студии.

Муленвег развивал систем за управување со веб-содржини во неговата студентска соба, а веб-страницата за технолошки медиуми CNET сакала да почне да му плаќа за неговата работа. Неговата мајка првично се борела со одлуката, но страста и посветеноста на Муленвег ја освоиле, вели Бисноу. Таа на крајот го однела во Сан Франциско за да му помогне да најде стан.

„Тој буквално работел на тоа без престан и таа знаела колку му е важно и го пуштила да си оди“, вели Бисноу.

По една година, Муленвег го напуштил CNET за да ја претвори својата креација во сопствен бизнис: WordPress. „Не можев да замислам да правам ништо друго“, напишал тогаш на својот блог.

Денес, тој е извршен директор на матичната компанија на WordPress.com Automattic, која има повеќе од 2.000 вработени и се проценува дека вреди 7,5 милијарди долари во 2021 година.

„Многу родители не се согласуваат нивните деца да се откажат. Тие мислат дека нема да бидат успешни ако го сторат тоа. За Муленвег тоа била вистинската одлука“, заклучила Бисноу.

Повеќе