Повеќе време пред екранот внесува и повеќе бес во животот на децата, покажува новото истражување

Употребата на екрани, т.е. мобилни телефони или таблети во раното детство може да придонесе за циклус на детскиот развој што е штетен за емоционалната регулација, пред сѐ, на бесот и фрустрациите.

78

Поминувањето повеќе време пред екранот внесува повеќе бес во животот на децата, покажало новото истражување на истражувачите од Универзитетот Шербрук во Канада.

Користењето мобилни телефони, таблети и компјутери како „е-бејбиситерки“ за малите деца може да доведе до уште поголем бес кај децата, што пак може да ги вознемири родителите кои се обидуваат да го смират детето со помош на содржината на екранот.

Часовите и часовите пред екранот ја нарушуваат способноста за контрола на фрустрацијата и бесот

Студијата, објавена овој август во списанието JAMA Pediatrics, покажала дека овој вид „маѓепсан круг“ се одвивал меѓу младите родители следени во студијата.

Според научниците, „употребата на таблети во раното детство може да ја наруши способноста да се контролира фрустрацијата и да доведе до зголемени изливи на бес кај малите деца“.

Истражувањето го водела Каролин Фицпатрик, професорка од Универзитетот во Шербрук, а како што истакнал нејзиниот тим, предучилишната возраст е „чувствителен период за развој на вештините за емоционална регулација“.

Бебињата често се склони кон плачење и врескање.

Но, како што минуваат годините, бебињата стануваат мали деца кои многу подобро ги контролираат изразите на бес и фрустрација. Сепак, за тоа им треба родителско внимание.

Според истражувачите, малите деца учат да ги регулираат емоциите на два начина.

Прво, родителите можат директно да ги научат децата и да им помогнат да ги контролираат емоционалните испади веднаш штом ќе се појават.

Второ, родителите се пример за децата, бидејќи децата внимателно ги набљудуваат за да научат како возрасните се справуваат со сопствените емоции.

Пандемијата ги охрабри и децата и родителите да поминуваат уште повеќе време пред екранот

Сепак, студијата покажала дека децата сѐ повеќе комуницираат со екраните, а не со родителите.

Научниците забележале дека, според истражувањата во САД, повеќето четиригодишни деца поседуваат сопствен мобилен уред.

За овој факт, како што наведуваат, несомнено помогнала пандемијата на Ковид 19 и затворањето на луѓето во домовите.

„Времето кое мало дете го поминува „зјапајќи“ во овие уреди е зголемено од просечни 5 минути дневно во 2020 година на 55 минути дневно во 2022 година“, истакнала професорката Фицпатрик.

Претходна студија, направена од истиот тим на научници, покажала дека испадите на малите деца се зголемуваат заедно со времето поминато гледајќи во екранот.

Новото испитување се обидело да го повтори тој наод и потоа да утврди дали тоа сè уште е така.

Со цел да се добие вистинската слика, истражувачите дале прашалници на група од 315 родители на деца на возраст од 3,5 години.

Сите тие ги одгледувале своите деца во канадската провинција Нова Шкотска.

Секојдневната употреба на екранот и емоционалната регулација на секое дете биле следени на возраст од 3,5 до 5,5 години (помеѓу 2020 и 2022 година).

Кога се забележливи последиците од „е-бејбиситерката“

Резултатите од новото истражување покажале дека на возраст од 3,5 до 5,5 години, употребата на таблети кај децата се зголемила од просечни 6,5 часа неделно на околу 7 часа.

Тимот научници, исто така, открил дека додавањето околу еден час време на екранот дневно, на три и пол години, одговара на значителен скок во нивото на бес/фрустрација на тоа дете само една година подоцна.
Тоа релативно високо ниво на емоционална вознемиреност на возраст од 4,5 години е поврзано со зголемената употреба на „е-бебиситерки“, а ефектите од премногу време на екранот биле најзабележливи на возраст од 5,5 години, откриле истражувачите.

Генерално, „овие резултати покажуваат дека употребата на екранот во раното детство може да придонесе за циклус кој е штетен за емоционалната регулација“, заклучил тимот канадски научници.

Повеќе