Предмети кои децата најчесто ги голтаат: Што друго освен батериите може да биде многу опасно

Д-р Арон Џонстон, лекар од итната медицинска помош, открил кои 10 предмети децата најчесто ги голтаат и кои, покрај тркалезната батерија, се многу опасни.

38

Децата, особено многу малите, знаат да бидат многу непослушни, а да не зборуваме дека имаат периоди кога ставаат во уста сѐ што ќе им дојде при рака.

На таа возраст, меѓу другото, многу е важен постојаниот родителски надзор, бидејќи малите се толку вешти и умешни што им е доволна само една секунда невнимание да направат нешто што не треба.

Несреќите во кои малите деца голтаат предмет се толку чести што Детската болница во Квинсленд составила листа на 10 најчести работи што децата ги голтаат, за да ги предупреди родителите да бидат дополнително внимателни кога овие предмети се наоколу.

Ова се 10-те работи што повеќето деца ги голтаат:

Мониста
Монети
Мали, тркалезни батерии
Лего коцки
Храна
Магнети
Стакло
Други типови на батерии
Џамлии
Лекови

Педијатарот од итната медицинска помош, д-р Арон Џонстон, вели дека родителите во таа болница носат во просек по три деца дневно бидејќи голтнале некој предмет или го ставиле во носот.
„Околу 80 отсто од предметите ќе поминат низ телото и нема да направат штета, но секогаш постои ризик нешто да се заглави и да предизвика внатрешни повреди“, изјавил докторот за abc.net.au.

На пример, ако тркалезна, таканаречена копче батерија се заглави во хранопроводникот, може да го изгори ткивото и да предизвика повреди опасни по живот во рок од два часа.

„Овие батерии можат брзо да предизвикаат оштетување, и тоа не само на хранопроводникот, туку можат да предизвикаат и проблеми со срцето“, вели д-р Џонстон, објаснувајќи дека кога оваа батерија ќе се проголта, може да патува низ душникот до срцевиот мускул или крвните садови кои се поврзани со срцето.

А магнетите, вели овој доктор, можат да бидат многу опасни, особено ако детето проголта два или повеќе магнети.

„Тие батерии можат да создадат рани, чиреви, затнување или да формираат дупки во органите“, предупредил д-р Џонстон.

Тој на крајот вели дека ако детето проголтало предмет без знаци на гушење, некои симптоми може да се појават подоцна.

Неговиот совет е да побарате лекарска помош ако забележите дека вашето дете се лигави или повраќа, отежнато дише, кашла или има потешкотии со дишењето, се жали на болка во градите или стомакот, одбива да јаде, има треска или ако забележите крв во столицата.

Повеќе