Родителите го ставиле бебето во пластична кутија за да посетат пештера во Тајланд
Норвешки пар предизвика бурни реакции откако го споделија на интернет необичниот начин на кој го однеле своето 10-месечно бебе во истражување на познатата пештера Смарагд на островот Кох Мук во Тајланд.
Тора (32) и Маркус (31), познати на социјалните мрежи како @torastravels, отпатуваа во пет земји со своето дете, а едно од нивните најнеобични искуства брзо го привлече вниманието на јавноста.
Тие објавија видео на Тик-Ток на кое се гледа како поминуваат низ пештерата пливајќи додека нивното бебе е во пластична кутија. Видеото досега собра повеќе од 530.000 прегледи и илјадници лајкови.
Тора открила за Њусвик дека на почетокот биле малку несигурни во целата идеја, но нивниот водач им објаснил дека тоа е вообичаен начин за локалното население да ги носат децата низ пештерата. „Како родители сме секогаш претпазливи, но патувајќи низ различни земји, научивме дека ако сакаме нашето дете да биде дел од нашите авантури, понекогаш мораме да излеземе од нашата комфорна зона“, вели таа.
Смарагдната пештера (Tham Morakot) е една од најпознатите атракции на Тајланд. Посетителите мора да пливаат низ тунел долг 80 метри за да стигнат до скриена плажа со кристално чиста лагуна, опкружена со високи карпи.
Измешани реакции на интернет
Додека многумина се воодушевени од нивниот авантуристички дух, некои корисници на Тик-Ток се скептични во врска со безбедноста на овој начин на транспортирање на дете.
„Едвај го чекам моментот кога ќе ви раскаже за неговите спомени од магичниот свет“, коментира еден корисник. Друг додава: „Прекрасно е што го водите во вакви авантури. Тајланд е совршено место за семејства“.
Но, имало и критики, особено затоа што бебето немало појас за спасување.
„Каде е безбедносната опрема на бебето? Сериозно луѓе, ова е неодговорно“, пишува трет корисник.
Тора смирено одговара на негативните коментари: „Научив дека секогаш постојат две страни – некои се инспирирани од тоа што го носиме нашето дете во авантури, додека други мислат дека сме неодговорни. Но, внимателно ја проценивме ситуацијата и безбедноста на нашето дете е секогаш на прво место“.