Рурална мартовска акција: Ги нема жените, го нема напредокот

Дури 56% од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка што им се нудат, а работат и по 11 часа на ден, работа која никаде не е евидентирана и платена! Една од основните пречки поради која не бараат работа или пак не основаат сопствен бизнис е тоа што нема кој да им ги чува децата, ама и фактот дека имотот сѐ уште му припаѓа на мажот и го наследуваат машките членови во семејството.

239

Жените од руралните средини имаат КЛУЧНА улога во производството на храна, но и во креирањето на одржлив развој во локалната заедница. Токму тоа е и главната порака која оваа година ја испраќаат и Обединетите Нации.

Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври оваа година се одбележа со пораката „Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за СИТЕ нас!“ Но, дури 84% од жените во руралните средини за време на ковид пандемијата имаат намалување на своите економски приходи од земјоделските активности што ги вршат, а нивните производи и понатаму остануваат непродадени.

Дури 56% од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка што им се нудат, а работат и по 11 часа на ден, работа која никаде не е евидентирана и платена! Една од основните пречки поради која не бараат работа или пак не основаат сопствен бизнис е тоа што нема кој да им ги чува децата, ама и фактот дека имотот сѐ уште му припаѓа на мажот и го наследуваат машките членови во семејството.

Жената ја нема ниту во донесувањето одлуки во домот, а уште помалку во месните заедници каде што од 270 месни заедници од 17 општини, жената како претседателка може да ја сретнете само во 3. Советите на општините се сѐ уште доминантно машки тела, а дека влијанието и учеството на жената во политичкиот и јавниот живот е сведено на минимум говори и фактот дека од 350 жени од руралните средини само 3% или десетина жени биле во општината да поднесат иницијатива или пак учествувале на јавна седница на Советот на општината. Ваквата состојба најреално е претставена и со податокот дека од 80 општини и град Скопје ние имаме само 2 жени градоначалнички.

Иако сме во период на изготвување на нови стратешки документи и закон за родова еднаквост жените од руралните средини се споменати само начелно и тоа најчесто како земјоделки, иако не сите жени во руралните средини се занимаваат само со земјоделство. Кога сме кај законската регулатива тука би ја споменале и законската пречка во законот за здравствено осигурување кој не им ја дава можноста на жените од руралните средини регистрирани согласно законот за пензиско и инвалидско осигурување да користат породилно боледување или боледување при повреда на работа односно на нива.

Токму поради овие причини Рурална коалиција и оваа година стапува во рурална мартовска акција оваа година под мотото „Ги нема жените, го нема напредокот!“ Акцијата ќе ги опфати жените, мажите, но и локалните чинители особено општините во 5 различни плански региони Југозападен, Југоисточен, Полошки, Пелагониски и Североисточен. Денес пораката дека ако ги нема жените ќе го нема ниту напредокот ниту пак одржливиот развој во локалната заедница ја испративме од општина Радовиш од каде што ја стартувавме акцијата, а воедно ги засиливме и нашите редови со потпишување на меморандум за соработка со Женска Акција Радовиш. Кон акцијата ни се придружуваат исто така и жените од првиот онлајн женски е-пазар „Наша тезга“ кои  освен тоа што ја испраќаат пораката за нивно економско јакнење, испраќаат и порака преку ширење на осмомартовските торби со органски изработени козметички производи за нега набавени токму од платформата.

Руралната мартовска акција продолжува денес (7. Март) со жените од руралната општина Старо Нагоричане и одржување на информативна сесија за можностите за нивно економско јакнење ама и за механизмите за вклучување во процесите на донесување на одлуки во локалната заедница, за потоа, на 8. март да се приклучиме кон генералниот марш во Скопје како членки на Платформата за родова еднаквост под мотото „Сиромаштијата има женско лице“. На 9.март ќе говориме за можностите за развој на социјалното претприемништво преку ‘Наша тезга’ во Центарот за социјални претпријатија во Скопје со жените пратенички во Собранието на РСМ. На 10-ти продолжуваме во селото Тумчевиште, Гостивар од каде што исто така ќе ги испратиме пораките за економско, социјално и политичко јакнење на жените од руралните средини, а на 11-ти Ви го претставуваме новиот проект што ќе го спроведуваме во наредните 15 месеци, а ја разработува темата како со ЕУ знаење да ја подобриме родовата еднаквост во руралните средини.

Акцијата потоа до крајот на месец март ја пренесуваме на социјалните медиуми преку објава на колумни, текстови, инфографици кои говорат за различните улоги на жената во руралната средина, а притоа не заборавајќи ја онаа главната – носителка на промените и одржливиот рурален развој“, се вели во соопштението од Рурална коалиција.

Руралната мартовска кампања е дел од годишната програма на Рурална Коалиција која е поддржана со институционален грант во програмата на Цивика мобилитас.  

Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.

Повеќе