„Сакам само да бидеш среќен!“ Експертка за токсично родителство од Харвард има пет фрази кои никогаш не им ги кажува на децата

Секако дека сите сакаме нашите деца да бидат среќни и исполнети, но Џенифер Валас, која со години го истражува родителството, а и самата е мајка на три деца, верува дека ако им велиме дека сакаме само тие да се среќни, тоа понекогаш може погрешно да се протолкува и да ги поттикне да мислат дека се тие најважни.

403

Џенифер Валас со години го истражува родителството, а и самата е мајка на три деца. Таа вели дека една од најважните лекции што ги научила е дека нашите деца можат да се сомневаат во нашата безусловна љубов кон нив поради суптилните пораки што ги добиваат од нас за успехот.

„На пример, можеби навистина верувате дека напорот на вашето дете е поважен од неговата оценка, но тоа не е пораката што ќе ја добие ако првото нешто што ќе му кажете кога ќе се врати дома од училиште е: „Како помина на тестот по математика?“, пишува таа за CNBC.

Валас верува дека тоа се зборови кои децата можат да ги почувствуваат како „перципирана родителска критика“ и се поврзани со лоши резултати на менталното здравје кај децата. Откако го дознала ова, почнала да внимава што им кажува на своите тинејџери, кои сега имаат 18, 16 и 14 години. Подолу се пет фрази кои таа никогаш не ги користи.

„Твоја работа е да учиш“
Валас верува дека знаењето како да се придонесе за пошироката заедница е клучно за успехот и напредокот. Затоа го поттикнува волонтирањето и се обидува да им покаже на децата дека имаат талент или вештина што можат да го употребат за да додадат вредност на светот. Таа вели: „Сакам да разберат дека имаат многу повеќе да му понудат на светот од високиот просек на оценки“.

„Дали веќе истражи некои факултети?“
Валас не дозволува дискусиите за факултетот да влезат во секојдневните разговори на нејзиното семејство. На пример, таа ги ограничила дискусиите за продолжување на образованието на еден час еднаш неделно.

„Така, успеавме да ја намалиме тензијата и да им покажеме на децата дека можат да уживаат во остатокот од неделата и да се фокусираат на други важни работи во нивниот живот“, објаснува таа.

„Дали доби оценка по историја?
Како поранешен студент на Харвард, Валас не сака нејзините деца да мислат дека нивниот академски успех е најважен или дека оценките ги дефинираат. Кога децата се враќаат од училиште, таа прво ги прашува како го поминале денот или што ручале.

„Открив дека скромните почетоци како овој всушност водат до подлабоки разговори со моите деца за социјалната динамика, пријателствата, здравјето и благосостојбата“, истакнува таа.

„Сакам да видам дека даваш 100% во сè“
Валас верува дека ова е пример за изјава која може да доведе до прегорување и да поттикне перфекционистички тенденции. Наместо тоа, ги учи децата како стратешки да ја трошат енергијата.

„Сакам само да бидеш среќен“
Валас сака нејзините деца да бидат среќни и исполнети, но таа верува дека ова чувство понекогаш може погрешно да се протолкува и не поттикнува да мислиме дека ние сме најважни.

„Знам дека сум најсреќна кога се чувствувам вредно и им додавам вредност на другите. Сакам таа лекција да им ја пренесам на моите деца. Често им велам дека сакам да најдат луѓе и места во светот на кои им е потребна нивната помош. Целта не е да се биде подобар од другите, туку да се биде подобар за другите“, заклучила таа.

Повеќе