Без разлика дали имате закажан царски рез или се породувате вагинално, гинеколозите често нагласуваат колку е важно трудницата да го отстрани лакот пред породувањето. Но, дали знаете зошто е тоа така?
Според The Asian Parent, причината е тоа што за време на породувањето лекарите ги следат виталните знаци на трудницата, како што се отчукувањата на срцето, крвниот притисок и количината на кислород во крвта. Токму второто најбрзо може да се прочита на ноктите, а доколку се лакирани, јасно е дека лекарите нема да можат да го следат тоа.
Имено, сите промени на ноктите на мајката се важни за навреме да се откријат и препознаат можните компликации.
На пример, ако нејзините нокти се со природно розева боја, сè е во ред, но ако има ненадејна промена во бојата и ноктите станат бели или сини, тоа укажува на недостаток на кислород во телото, што е многу опасно и може да претставува голем ризик за трудницата, но и за бебето. Токму тоа е причината поради која идните мајки често може да слушнат совет да го отстранат лакот за нокти кога одат да се породат, а истото важи и ако трудницата има гелирани или вештачки нокти.