Соблечете ги гаќите ве молам! Ако на жените не им е проблем да одат на гинеколог, зошто мажите не одат на андролог?

Поради високата инциденца на ракот на простата и тестиси, СЗО го посвети месецот НОЕМВРИ на машкото здравје. Ама и тоа, ако сакаме да бидеме искрени и реални, е повеќе само уште еден повод за забава, да се засукаат долгогодишните или тукушто пуштените мустаќи и да се испијат две-три пива со другарите. Дали некој од нашите мачо мажи ќе си закаже и преглед? Не веруваме!

749

Одењето кај уролог е табу тема и голема траума за секој маж. Да не споменуваме дека кај нас речиси и да нема андролози, односно, специјалисти кои се занимаваат со машкото здравје, особено во врска со проблемите на машкиот репродуктивен систем и уролошките проблеми кои се карактеристични за мажите.

Зошто одењето кај стоматолог, кардиолог и офталмолог е нешто нормално, а одењето кај лекар поради проблем поврзан исклучиво со машкото здравје е нешто од што мажите на Балканот сѐ уште црвенеат како млади невести. Така де, тие мора да бидат силни и способни, демек, мачо мажи подготвени да го решат секој проблем, но се срамат да си ги симнат гаќите пред лекар.

Одењето на редовни прегледи на лекар кој се занимава со машкото здравје, не е практика и повеќето мажи се одлучуваат на тој чекор само кога ќе им „загусти“, а тогаш е најчесто доцна.

Рак на простата и тестиси

Повеќето припадници на „посилниот пол“ веруваат дека ништо нема да им се случи, дека можат сѐ да издржат, дека сѐ може да се надмине, а воопшто не размислуваат за подмолниот непријател кој ги напаѓа, а тој непријател е ракот на простата и тестиси. И токму поради високата инциденца на овие два вида на рак, Светската здравствена организација месецот НОЕМВРИ го посвети на мажите и на машкото здравје – пред сѐ на борбата против ракот на простата и тестиси. Ама и тоа, ако сакаме да бидеме искрени и реални, е повеќе само уште еден повод за забава, да се засукаат долгогодишните или тукушто пуштените мустаќи и да се испијат по две-три пива со другарите. Дали некој од нашите мачо мажи ќе си закаже и преглед веднаш откако ќе заврши со стилизирањето на брадата и мустаќите? Не веруваме!

Многумина слушнале за овие болести, но повеќето не сакаат да размислуваат за нив и за нивна превенција. Или пак мислат дека се тоа болести кои ги погодуваат само постарите мажи. А тоа е далеку од вистината.

Статистиката е поразителна
Можеби не сте го знаеле ова, но ракот на простата е најчеста малигна болест кај мажите, па дури и втора најсмртоносна болест. Во светот на секои три минути на маж му се дијагностицира рак на простата, а на секои 13 минути по еден маж умира од оваа болест.

Секоја година во светот се појавуваат над 1,2 милиони новодијагностицирани случаи на рак на простата, а тој број од година во година расте.

Ракот на тестисите е многу поредок од ракот на простата, но сепак е сериозна болест и се јавува кај 9 на 100.000 мажи.

Што е рак на простата?
Станува збор за рак кој се јавува во простатата, мускулно-жлезден орган кај мажите кој се наоѓа во малата карлица пред завршниот дел на дебелото црево. Ракот на простата напредува бавно и што е најлошо, во почетната фаза често нема никакви симптоми кои укажуваат на неговото постоење.

Како и секоја друга болест од овој тип, доколку се открие рано, веројатноста и шансите за излекување се поголеми. Поради отсуството на симптоми во почетната фаза, многу е важно мажите кои влегуваат во петтата деценија од животот редовно секоја година да одат на преглед кај уролог и секоја година да прават тест за крв и за простата специфичен антиген (PSA).

Што е рак на тестисите?
Ракот на тестисите е рак кој се јавува на тестисите и најчесто ги погодува мажите на возраст од 15 до 40 години. Овој тип на малигно заболување многу лесно се забележува бидејќи најчесто се појавува како грутка на тестисите, па затоа е важно мажите редовно да вршат самопреглед. Самопрегледот трае само 5 минути и може да помогне да се спаси живот.

Ракот на тестисите кој е рано откриен е целосно и трајно излечив. Доколку почувствувате некакви промени при самопрегледот, задолжително обратете се кај урологот.

Превенција
Најважно е да се грижите за вашето здравје, бидејќи ако навистина го правите тоа, шансите за една од овие две болести се значително помали. Обидете се да избегнувате мрсна храна и збогатете ја вашата исхрана со овошје и зеленчук и храна богата со витамини и минерали.

Доколку сте во можност, вежбајте редовно, бидејќи има податоци дека мажите кои редовно вежбаат имаат помали шанси да заболат од овој тип на рак.

И што е најважно, редовно посетувајте лекар, редовно правете прегледи и самопрегледи, бидејќи раната дијагноза на ракот е исклучително важна за излекување.

Се надеваме дека овие црни податоци ве инспирираа да се грижите за вашето здравје и да ги советувате вашите пријатели да го сторат истото.

Повеќе